Browse By

Advertising

Срцето да ви го раскине: Ева ја бара мајка си, а не знае дека нема да си дојде

Четиригодишната Ева од гостиварското село Дебреше вчераутро ја побара мајка си веднаш штом се разбуди. Во средата вечерта едвај заспа без неа. Никогаш претходно не спиела сама со татка си и со помалото братче.

Едвај ја убедија дека морала да остане на работа и дека ќе дојде штом ќе заврши со обврските. Сè уште никој нема храброст да ѝ каже дека мајка ѝ Валдете веќе никогаш нема да го пречекори куќниот праг. Животот на 29-годишната жена сурово згасна во автобуската несреќа што се случи завчерапопладне во близина на селото Ласкарци, при што 14 лица загинаа, а триесетина се здобија со повреди.

Град на духови

Гостивар вчера како да беше град на духови. Градот, во кој никогаш не е здодевно, се трудеше да закрепне од силниот шок и од траумата што го снајдоа во студената февруарска вечер. Граѓаните молчешкум се погледнуваа, се познаат меѓу себе, знаат кој и од чие семејство настрадал.

Валдете Хамити е од селото Дебреше, кое е практично споено со Гостивар. Всушност, таа е со потекло од Тетово, но љубовта ја натера да се пресели триесетина километри подалеку. Била вработена на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Била среќно мажена, горда мајка на две деца: малата Ева и десетмесечниот Лавдим.

„Како и секогаш, и во средата вечерта ја очекувавме дома во вообичаеното време. Со истиот автобус си доаѓаше дома откако ќе завршеше со работа. Вечерта, кога се прочу дека автобус што сообраќал кон Гостивар се превртел пред Тетово, нè фати јанѕа. Ја баравме на телефон, не се јавуваше. Срцето ни застана во петици. Со нејзиниот сопруг седнавме во автомобил и тргнавме да ја бараме“, сведочи братучедот на Валдете, кого го затекнавме пред семејниот дом во Дебреше.

Река од луѓе доаѓаат да изразат последна почит. Зборовите течат сами од себе.

„Кога дојдовме на местото на несреќата – што да видиме. Еден куп повредени, мртви, крвови, лелеци… Хорор. Очајнички ја баравме Валдете, ја немаше никаде. Ни кажаа дека повредените се однесени во болница. Поитавме кон Скопје, отидовме кон болницата. Гледаме на списокот – ја нема. Некакви бројки само, не знаеме дали нашата Валдете е таму. За жал, бргу дознавме дека не е. Се скочанивме“, зборуваат блиските на Хамити.

Велат дека најтешкиот дел следувал кога се вратиле дома. Ева дотрчала на врата, а мајка ѝ ја нема.

„Лавдим има само десет месеци, тој сè уште е мал, ама Ева и тоа како е навикната на присуството на мајка си. Нека ни даде Господ сила да се справиме со ова“, велат низ солзи роднините на Валдете.

Во Гостивар е прогласена тридневна жалост. Во кафулињата и кафеаните нема музика, граѓаните си ги завршуваат обврските во тишина. Училиштата работеа, но со скратена настава. Градот беше преполн со полиција поради високите гости што дојдоа на комеморативната седница.

Беше полн со живот

На неколкуте места во градот, каде што се лепат некролози, се собрани голем број повозрасни луѓе. Доаѓаат да видат кои се несреќните луѓе што настрадаа во стравотната несреќа. Помладите веќе се информирани преку социјалните мрежи. Се објавуваат нивните последни фотографии, зборови…

На крајот од градот, кај популарното Индустриско училиште, од претпладне се собира народ. Таму живееше 25-годишниот Јовица Трпевски. Бил вработен во ЕВН во Скопје. Речиси секој ден патувал за и од работа. Кој можел да претпостави дека средата ќе му биде последен работен ден?

„Беше многу вреден, голем другар. Го сакаше животот, беше спортист. Играше кошарка за вториот тим на К.К. Гостивар, се натпреваруваше во Втората лига. Полн со енергија, а ете како заврши“, се јадосуваат другарите.

Целиот текст прочитајте го на НЕЗАВИСЕН.мк