Човекот од Лондон чие име не е откриено, тврди дека неговите родители свесно ја негувале неговата зависност од нив во последните 20 години, за неодамна ‘значително да ја намалат’ нивната финансиска поддршка, откако ги расипале односите.
Тој сакал судијата да донесе одлука неговите родители да продолжат да го издржуваат, а неговите адвокати цитирале закони во врска со бракот и децата за време на виртуелното сослушување во семејниот суд.
Интересно е тоа што 41-годишниот невработен адвокат моментално живее во стан во центарот на Лондон, сопственост на неговите родители и не плаќа кирија. Покрај тоа, тие му ги платиле сите сметки за комунални услуги, но очигледно тоа не му било доволно, пренесува Одити Централ.
„Неговите родители го поддржуваа финансиски со текот на годините и, до одреден степен, сè уште го прават тоа“, рече судијата Џејмс Мунби во својата пресуда. „Тие му дозволија да живее во стан во центарот на Лондон, на кој се регистрирани сопственици и за кои до неодамна плаќале сметки за комунални услуги.”
Родителите на човекот, кои моментално живеат во Дубаи, побарале судот да го отфрли случајот на нивниот син, а токму тоа го сторил судијата Мунби, изјавувајќи дека нема основа за неговото тврдење. Во своето образложение, тој исто така посочил дека сите негови идни жалби треба да бидат одбиени по кратка постапка.

