Connect with us

Религија

Денеска Теофил Струмички – вистинскиот Божји пријател

Published

on

Преподобен Теофил Струмички

Влажениот Теофил се родил од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, Македонија. Имал добра и кротка природа. А кога наполнил тринаесет години, станал послушник на преподобниот старец Стефан. Старецот три години го поучувал на стравот Божји и го раководел во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаале тие три години, бидејќи момчето добро се научило на монашките подвизи, Старец Стефан го повикал игуменот од лаврата и му го предал послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го одвел во лаврата и го потстрижал во монаштво со името Теофил. Теофил стана опитен монах, украсен со сите добродетели, живеел меѓу браќата како ангел, и им бил од полза на сите. Откако светителот долги години поживеал испоснички, настапил иконоборниот период, во кој беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложувал на мачење и ги убивал сите што ги почитувале иконите. Свети Теофил благоразумно поучувал молитвено да се почитуваат светите икони. Поради тоа, царот наредил свети Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попуштил, туку успеал еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во Православието. На крај, кнезот Ипатик се заложил за да биде ослободен светителот. На свети Тоефил му било многу жал што не го довршил подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радувал, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24). Набргу потоа му било откриено дека за кратко време ќе замине кај Бог. Ги уредил сите манастирски работи, ги поучил браќата, ги благословил, ги целивал и заминал кај својот возљубен Господ.

Тропар
Исповедниче на вистината, истоимениче на Божјата мудрост, длабочино на познанието, тебе Теофиле, Христос Спасителот Ти го откри Својот Лик, во длабочината на твоето срце, и оттаму ти ги исповедаше Иконите свети. Моли се за нас, оче свети, пред Божјиот Престол, душата наша како Икона чиста, да се претстави пред Неговото Лице.

Светите маченици Евлампиј и Евлампија

Брат и сестра, од Никомидија. Во времето на едно страшно гонење на христијаните од царот Максимијан некои верници од Никомидија се имаа засолнето и сокриено надвор од градот. Младиот Евлампиј го испратија в град да донесе леб. Кога влезе во градот ја виде царската наредба за прогонство и убивање на христијаните залепена на ѕидот, ја симна и ја искина. За ова веднаш беше изведен пред судија. Кога судијата почна да го советува да се одрече од Христа, тогаш и Евлампиј почна да го советува судијата тој да се одрече од лажните идоли и да Го признае Христос како единствен жив Бог. По ова судијата нареди и го биеја долго дури не го облеа крв и го мачеa со долги, лути маки. Кога слушна за мачењето на својот брат, девицата Евлампија дотрча и самата заедно со брат ѝ за да прими маки за Господ Исус Христос. И таа беше биена додека крвта не ѝ удри на носoт и на устата. Потоа ги фрлија во врела смола, па во вжарена печка, но тие со силата на името Христово и со знакот на Крстот го направија огнот безопасен. Најпосле на Евлампиј му ја отсекоа главата, а Света Евлампија издивна пред отсекувањето. Тогаш беа погубени уште двесте христијани, коишто поверуваа во Христа гледајќи ги силата и чудата на Св. Евлампиј и неговата сестра. Сите се овенчаа со маченички венци и преминаа во Небесното Царство.

Светите Зографски маченици

Кога царот Михаил Палеолог ја склучи злогласната Лионска унија со папата за од него да добие помош против Србите и Бугарите, светоторските монаси му испратија на царот протест против таа унија и совет да ја отфрли и да се врати во Православие. Папата му испрати на Михаил на помош војска. И таа латинска војска влезе на Света Гора и изврши такви вараварства, какви што Турците никогаш не направија за оние петстотини години. Откако го обесија Протатот и убија многубројни монаси во Ватопед, Ивер и по другите манастири, Латините нападнаа на Зограф. Блажениот игумен Тома им објави претходно на браќата оној којшто сака да се спаси од Латините да се засолни надвор од манастирот, а оној што сака маченичка смрт да остане. И така останаа дваесет и шестмина луѓе од кои дваесет и двајца монаси со својот игумен и четворица мирјани, манастирски работници. Сите овие се затворија во манастирската кула. Кога дојдоа Латините ја потпалија кулата, та во оган најдоа смрт оние дваесет и шестмина Христови маченици. Додека кулата гореше тие ги пееја псалмите и Акатистот кон Пресвета Богродица. Своите свети души Му ги предадоа на Бога на 10 октомври, 1283 година. Истата година во декември бедно умре нечестивиот цар Михаил, против кого, а во заштита на Православието, се крена српскиот крал Милутин.

Светиот маченик Теотекн

Римски офицер во Антиохија во времето на Максимијан. Кога царот го нудеше да принесе жртва на идолите, тој одговори: „Јас верувам во Господ Исус Христос и Нему ќе Му се принесам себеси на жртва жива.“ После големи мачења го потопија во морето, откако му врзаа камен на вратот. Така пострада чесно.

Преподобен Васијан

Во времето на благоверниот цар Маркијан овој светител дојде од Анадолија во Цариград, во 450 година. Неговиот подвиг и чудотворната сила што му ја даде Господ беа големи. Имаше околу триста ученици, меѓу нив и Св. Матрона. Царот Маркијан изгради храм во негово име, којшто постои до денес.

Преподобен Амвросиј Оптински

Преподобен Амвросиј Оптински (крштелно име Александар) се родил во 1812 година, во селото Голема Липовица, Тамбовска губернија, во многудетно семејство. На 12 години, Александар го запишале во Тамбовското духовно училиште, а по завршувањето се запишал во Тамбовската духовна семинарија. Во 1839 година отишол во Воведенската Оптина пустина, во Калужската губернија, кај преподобниот Старец јеросхимонах Лав. Му било доделено послушание да му помага на готвачот. Работата како готвач на младиот послушник му одземала голем дел од денот, така што тој не можел да оди на богослужбите, но тоа го научило на внатрешната молитва. По три години, кога наполнил триесет години, Александар бил пострижен во монаштво, со име во чест на светителот Медиолански Амвросиј, и бил ракоположен за јероѓакон, а по две години – за јеромонах. Кога тешко се разболел, отец Амвросиј бил пострижен во схима, по што почнал да оздравува, но никогаш повеќе целосно не закрепнал. Тој не тажел за своите болести, туку ги сметал за неопходно средство за воспитување на душата. За да ги утеши болните, велел: „Бог од болен човек не бара телесни подвизи, туку само трпение со смирение и благодарење“. За поука кај него оделе илјадници верни и неверни луѓе од цела Русија. Кај него за совет и разговор доаѓале големиот кнез Константин К. Романов, Ф.М. Достоевски, А.К. Толстој, Л.Н. Толстој, М.П. Погодин и многу други. Преподобен Амвросиј имал дар на проѕорливост, исцелувал болни, им помогал на немоќните и бедните. Се упокоил на 10/23 октомври 1891 година во Шамординскиот манастир, а бил погребан во Оптинската пустина.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк