Connect with us

Религија

Денеска е Свети Мартин епископ Турски и Светите Тарах, Пров и Андроник

Published

on

Светите маченици Тарах, Пров и Андроник

Тарах беше родум од Клавдиопол во Сирија; Пров од Сида Памфилиска, а Андроник – син на угледен граѓанин од Ефес. Мачени беа сите тројца заедно од антипатот Нумериј Максим во времето на царот Диоклецијан. Во времето на мачењето Тарах имаше шеесет и пет години. Кога антипатот трипати го праша за името, тој сите трипати одговори: „Христијанин“. Прво ги биеја со стапови, па крвави и изнаранети ги фрлија во затвор. Потоа повторно ги изведоа на истизавање. Кога антипатот го советуваше Пров да се одрече од Христа, ветувајќи му почести од царот и нудејќи му го своето пријателство, Св. Пров одговори: „Ниту почестите на царот ги сакам ниту твоето пријателство.“ А кога на Св. Андроник му се закануваше со уште поголеми маки, младиот Христов маченик му одговори: „Моето тело е пред тебе, прави што сакаш.“ После долготрајни мачења по разни места, овие тројца маченици ги фрлија во театар пред ѕверовите. Пред нив едни други маченици во истиот театар беа растргнати од ѕверовите. Но на овие светители ѕверовите не сакаа да им наштетат, туку мечката и лавицата се умилкуваа околу нив. Кога го видоа тоа многумина незнабожци поверуваа во Христа и му се развикаа на антипатот. Бесен од лутина, и полут од ѕверовите, антипатот им нареди на војниците, та влегоа и со сабји ги искасапија мачениците на парчиња. Телата им останаа измешани со мртвите тела на останатите осуденици. И бидејќи беа измешани со другите, а ноќта беше темна и христијаните беа во недоумение како да ги распознаат телата на мачениците, Му се помолија на Бога и одеднаш се појавија три свеќи над телата на тројцата светители. Потоа ги зедоа и чесно ги погребаа.

Свети Мартин епископ Турски

Роден во Панонија, во еден град на Штаерска, во 316 година, од родители незнабожци. Татко му беше римски офицер и со ова и младиот Мартин, наспроти неговата волја, беше даден на војничка служба. Но тој веќе беше огласен во Христовата Црква, којашто ја љубеше со сето срце уште од раното детство. Една зима патувајќи со другарите кон градот Амиен, виде пред капијата на градот еден просјак како речиси трепери од студ. Мартин се сожали, заостана од другарите, ја симна од себе војничката наметка, ја пресече со сабјата на две: едната половина му ја даде на просјакот, со другата се загрна и замина. Таа ноќ му се јави во сон Господ Христос Кој им рече на Своите ангели: „Мартин е само огласен, а еве Ме облече со својата облека!“ Кога излезе од војската Мартин веднаш се крсти, ја крсти и мајка си. Потоа се замонаши во епархијата на Св. Илариј Поатиски и водеше живот полн со вистински подвиг. Беше извонредно смирен и заради смирението Господ му даде изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше и зли духови изгонуваше. Наспроти неговата волја беше поставен за епископ во градот Тур. После многуплодната работа во лозјето Господово, после мачната борба со еретиците аријанци и незнабожците, Св. Мартин Му ја предаде својата света душа на Господ во 397 година.

Преподобен Козма Мајумски

Благочестивите родители на светиот Јован Дамаскин, кои живееле во градот Дамаск, зеле во својот дом едно мало христијанско сираче по име Козма, родум од Ерусалим, кое многу рано останало без родители. Посинувајќи го малиот Козма, тие го воспитувале заедно со својот син Јован. Двајцата светители уште од мали ја изучиле мудроста Божја. Бистри и трудољубиви, за кратко време ја изучиле книжевноста и философијата, а покрај тоа и астрономијата, музиката и геометријата. Најревносно го изучувале Светото Писмо и поради тоа биле почитувани од сите. Духовно пораснати и во зрели години, двајцата го напуштиле светот и отишле во лаврата на свети Сава Осветен. Земајќи го на себе монашкиот јарем, Козма строго се подвизувал, и со животот и богомудроста заблескал во Црквата Христова. Му помагал на свети Јован Дамаскин во составувањето на Осмогласникот, но и самиот испеал многу канони. Напишал прекрасни канони за Успение на Пресвета Богородица, Божик, Крстовден, Сретение (со стихири), Педесетница, трипесници на понеделникот, вторникот, средата и петокот во Страсната Седмица. Исто така, свети Козма ја составил особено боговдахновената песна во чест на Пресвета Богородица: „Честнејшују херувим…“ Подоцна, свети Козма бил поставен за епископ Мајумски. Како епископ, богоугодно го пасел своето стадо на спасоносното пасиште Христово. Доживувајќи длабока старост, мирно се упокоил во Господ на 12/25 октомври.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк