Connect with us

Религија

Од календарот на МПЦ- Светата великомаченичка Злата Мегленска

Published

on

Од календарот на МПЦ- Светата великомаченичка Злата Мегленска

Светите маченици Карп и Папила

Карп беше епископ Тијатирски, а Папила ѓакон. Беа родум од Пергам, каде што најпосле и пострадаа за верата Христова од свирепиот намесник Валериј, а во времето на Декиевото царување. Валериј ги врза за коњи и ги потера во Сард, каде што ги фрли на лути маки, но ним им се јави Божји ангел, ги исцели од раните и ги укрепи. Агатодор, слугата на Карп, во голема тага го следеше својот господар, с ѐ додека и него не го врзаа за мачење. Потоа Валериј одново ги врза за коњи и ги довлечка од Сард во Пергам. Кога Св. Карп го врзаа за дрво и го биеја толку што целото тело му го претворија во рана и неговата крв во потоци ја напојуваше земјата, насреде тие маки тој се насмеа. Кога го прашаа зошто се смее, одговори дека ги гледа небесата отворени и Господ кај седи на престол, со херувимите и серафимите наоколу. Кога го мачеа Папила, тој со молитва исцели еден човек, слеп на едното око. И многумина видоа и поверуваа во Христа. Изложени пред ѕверовите, останаа неповредени. Кога ги фрлија во огнена печка, ова го виде Агатоника, сестра му на Папила, па и таа скокна во огнот. Но огнот не ги изгоре. Најпосле сите ги убија со меч, во 251 година и примија венци на бесмртната слава.

Светиот свештеномаченик Венијамин ѓакон

Овој Христов војник беше Персијанец и со ревносна проповед на Евангелието обрати во Христовата вера многумина незнабожни Персијанци и Елини. Пострада во времето на персискиот цар Издегард, син Гороранов, во 412 година. Кога го фрлија во затвор, некој од царските големци се застапи за него кај царот. Царот го пушти, но со тоа да молчи и да не им зборува повеќе на луѓето за Христа. На тоа Венијамин одговори: „Тоа никако не можам. Зашто оној што ќе го скрие талантот бива предаден на големи маки.“ Па продолжи да ја шири Христовата вера. Царот нареди и му удрија трња под ноктите и го мачеа додека не Му го предаде својот дух на Бога.

Светата великомаченичка Злата Мегленска

Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа. Кога еден од нив ? нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ? рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата. Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ? даваше сила во страдањето. На крајот ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.

Тропар
Оној Кој благодат ти подари, очи за светлина ти избистри, умот го подигна вис висини, о великомаченичке, о девственичке света, о достојнославна Злато, ангелите во хор гласови подигнаа, непријателите се засрамија. А ние денес радосни пофалби принесуваме пред твоето чесно страдање и молиме и преколнуваме – застапи се за нас пред небесниот твој Женик.

Кондак
Страшно и преславно е твоето спротивставување, со кое си ги восхитила сите, и си ги победила нечовечните мачители, и како божествена гулабица Господова, со златовидните крилја на твоето исповедање, си летнала кон Христа, Злато Богомудра.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк