Connect with us

Религија

Денеска се слави Свети Јован Милостив

Published

on

Свети Јован Милостив

Патријарх Александриски. Роден е на осторвот Кипар во кнежевско семејство. Воспитан од детството како вистински христијанин. На настојување од родителите се ожени и имаше деца. Но по Божја Промисла се упокоија и децата и жена му. Прочуен заради милосрдието и благочестивоста, Јован беше избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управуваше со александриската Црква како вистински пастир, чувајќи ја од незнабожците и од еретиците. Беше пример на кротост, милосрдие и човекољубие. „Ако сакаш благородство“, велеше, „не барај го во крвта туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“. Сите Свети се одликуваа со милосрдие, но Св. Јован ? беше предаден на оваа Света добродетел. Еднаш служејќи Литургија се сети патријархот на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23, 24) и се сети дека еден од клириците е зловолен кон него; тој брзо ги остави Светите Дарови, му пријде на тој клирик , му падна пред нозете и го замоли за прошка. И дури кога се измири со човекот се врати пред жртвеникот. Еднаш пак одејќи кон црквата на Светите Кир и Јован се случи да го сретне една бедна вдовица и почна да му говори за својата беда. Придружниците на патријархот почувствуваа здодевност од долготрајната поплака на жената, па му рекоа на владиката да побрза в црква на служба, а жената би можел да ја слуша и после службата. Свети Јован им одговори: „А како ќе ме послуша мене Бог ако јас не ја послушам нејзе?“ И не сакаше да мрдне од местото дури не ја ислуша нејзината поплака докрај. Кога Персијанците удрија на Мисир, патријархот Јован седна во кораб за да се оддалечи од напаста. Патем се разболе и кога стигна на Кипар умре во својот роден крај, во 620 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени најпрво во Цариград, а потоа во Будимпешта и најпосле во Пресбург.

Тропар
Поради милоста своја Бог се овоплоти о, блажен Јоване, поради љубовта Своја Христос на крсна смрт се предаде, а душата твоја во своето сиромаштво, со Него се обогати. Моли се за нас, пастиру Христов, и застапи се пред вечно Mилостивиот, да ги прости нашите гревови.

Светиот пророк Ахија

Од Силом. Пророкуваше 1000 години пред Христа. Му прорече на Јеровоам, слугата на Соломон, дека ќе се зацари над десет Израилеви колена (1 Царства 11, 29).

Преподобен Нил Синајски

Најпрво беше префект во престолнината, во Цариград. Како женет човек имаше еден син и една ќерка. Гледајќи го порочниот живот во престолнината се договрои со жена му да се оддалечат од светот. Така и направија. Жена му со ќерката отиде во некој женски манастир во Мисир, а Нил со синот Теодул на гората Синајска. Полни шеесет години Св. Нил се подвизуваше на Синај. Напиша прекрасни книги за духовниот живот. Се упокои мирно околу 450 година, во осумдесеттата година на неговиот овоземен живот. Негово е светото слово: „Телесните страсти своето потекло го водат од телесните потреби и против нив е нужно воздржание; а душевните страсти се раѓаат од душевните потреби и за нив е нужна молитва.“

Преподобен Нил Мироточив

Роден е во Мореја. Како јеромонах дојде на Света Гора заедно со својот чичко. Се подвизуваше како пустиник во пустото место наречено Свети Камења. Кога се упокои од него потече миро во такво изобилство, што од врвот на гората се слеваше во морето. Тоа чудотворно миро ги привлекуваше болните луѓе од секаде заради исцеление. Ученикот на Св. Нил му се пожали во молитва на својот духовен отец од мноштвото посетители. И мироточењето одеднаш престана. Свети Нил се подвизувал како ревносните светители во потполна смисла. Се упокои во 17 век.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк