Connect with us

Религија

ПРЕПОДОБЕН ДАНИЛ СТОЛПНИК: Роден е во Месопотамија, од родители христијани, Илија и Марта

Published

on

Преподобен Данило Столпник

Роден е во селото Витара кај градот Самосат во Месопотамија од христијански родители, Илија и Марта. Беше измолен од Бога од мајка му којашто беше бездетна и како син единец го посветија од малечок на служба на Бога. Во дванаесеттата година прими монашки чин, го посети Св. Симеон Столпник и го доби неговиот благослов. Желен за самотија, Данило го напушти манастирот и се повлече во еден запустен идолски храм на брегот на Црното Море. Овде претрпе безброј напади од демоните, но сите ги победи со трпението, молитвата и знакот на крстот. Потоа се качи на столбот на којшто остана с ? до својата смрт, поднесувајќи ги еднакво жегата и студот и нападите од луѓето и демоните. Околу неговиот столб се собраа голем број ученици и тој, со својот пример и поучувајќи, сите ги водеше кон живот во светост. Овој Свој слуга заради ползата на луѓето Бог го даруваше со голема блaгодат на чудотворство уште за време на животот. Беше голем проѕорливец на идните настани. Под неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, во потрага по помош и совет од Божјиот светител. Кај него доаѓаа цареви, патријарси и прости луѓе. Царот Лав Велики своите гости државници од странство ги водеше под столбот на Св. Данило и им го покажуваше светителот велејќи: „Ете го чудото во моето царство!“ Преподобен Данило си го прорече денот на својата смрт, ги поучи своите ученици и се прости. Пред неговата смрт учениците видоа над столбот ангели, пророци, апостоли и маченици. Овој ангелски човек поживеа осумдесет години и се упокои во 489 година.

Тропар
Смирението твое, о Данило столпнику, по молитвите на твоите родители, со застапништвото на великиот Симеон, пат кон небесата ти отвори, а ангелите и луѓето се восхитуваа на даровите, кои Христос ти ги дарува, за по твоите молитви, ден-денес и до крајот на времињата, ние, кои Христа Го славиме да бидеме спасувани.

Преподобен Лука Столпник

Живееше во Цариград во времето на царот Константин Порфиророден. Како војник учествуваше во војната против Бугарите, во која виде погибел на илјадници луѓе, а самиот излезе жив и неповреден. Согледувајќи го во тоа спасение прстот Божји, ја презре суетата на светот, се повлече на еден столп кај Халкидон и таму се подвизуваше цели четириесет и пет години, чистејќи си го срцето од сите гревовни помисли и желби. Се упокои помеѓу 970 и 980 година.

Тропар
Во тишината на молчанието го слушна гласот небесен, и зборовите на Животот вечен те подигнаа на столб кон висини, Луко, оче наш преподобен, моли се за оние кои кон тебе молитвено пристапуваат, ти кој си столб непоколеблив на верата, во Христа нашиот Спасител.

Преподобен Никон Сувиот

Како монах во Киевските пештери беше заробен од Татарите. Во тоа ропство помина три години, мачен, окован, и понижуван. Кога едни негови роднини донесоа пари за да го откупат, тој одби велејќи: „Да сакаше Господ да бидам слободен, немаше да ме предаде во рацете на беззакониците!“ Еднаш му рече на господарот дека Христос за три дена ќе го ослободи од ропството. Татаринот мислеше дека робот ќе му побегне, па му ги пресече жилите на колената. Но на третиот ден Никон нависитна со невидлива рака беше пренесен во Киев. По извесно време дојде Татаринот во Киев и го препозна својот бивш роб Никон, се покаја и се крсти. И тогаш му стана послушен на својот поранешен роб. Никон, наречен Сувиот заради истоштеноста на неговото тело, беше голем проѕорливец и чудотвотрец. Се упокои мирно во Господ на 11 декември 1101 година.

Светиот маченик Миракс

Мисирец. Залажан од муслиманскиот емир го прими исламот. Потоа се покаја, влезе во џамијата со крст, се објави себеси за христијанин и ги повика муслиманите да ја остават лагата и да ја примат вистината. Мачен и убиен во 640 година.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк