Именден денеска празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…
На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.
Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21) Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање.
Како што може да се види „Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.“ Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето. Како што се пее во еден тропар „Слегувајќи Спасителот при родот човечки го прими повивањето во пелени; не се одврати од плотското обрезание…“ Христос, како што од љубов и човекољубие го прими повивањето со пелени, така го прими и плотското обрезание. Тоа крајно снисходење и понижување Христово, од црквата се смета за голем Господов празник.“