Connect with us

Религија

Ден на лозарите и градинарите, празник на виното, кој бил Свети Трифун?

Published

on

Православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски.

Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според јулијанскиот календар, т.е. на 14 февруари, според грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите.

Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трифун-пијаницата.

Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Луѓето зa оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата. Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“ Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино.

Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата.Св. Трифун е роден околу 225 година, во селото Комсада, во римската провинција Фригија, во Мала Азија. Родителите му биле христијани, така што и тој бил воспитуван во согласност со христијанската вера. Според христијанските верувања, уште од раното детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство.

Тој, на изненадување на своите современици, имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед. Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан. Тој имал необично убава ќерка и поради нејзината убавина многу кнезови ја проселе за своите синови.

Но, се случило несреќа да оваа убава принцеза душевно се разболи. При страшните настапи на болеста, таа многу пати сакала да се фрли во оган или во вода. Ниеден лекар не можел да ја излечи, а на девојката ѝ било откриено дека единствено може да ја излечи „детето Трифун“, кое тогаш имало 17 години.

Дознавајќи за необичната моќ на фригиското момче Трифун, царот го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги, по долго барање во Фригија, го нашле момчето покрај езеро како чува гуски.

Затоа, тој често на иконите се слика опкружен со гуски. Тогаш, тие го повеле во Рим и тој веднаш ја излекувал. По излекувањето настапила неописива радост во дворот. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство, туку веднаш го разделил на сиромашните, и самиот живеел скромно во своето родно место. Но, по смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, во 249 година на власт дошол крволочниот цар Дециј Трајан, кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат, ги фаќале, ги мачеле и убивале.

Светиот маченик не сакал да бега во пустината и пошол кај управникот напокраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки.

Свети Трифун ја одбил неговата наредба и бил одведен во Никеја, по што следувало неговото мачење. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат, решиле да го посечат со меч. Но, мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ и така вржан бос да го поведат во планината. 

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк