Connect with us

Религија

Зошто ни е тешко да веруваме во Божјата промисла?

Published

on

Како луѓе тешко ни е да се довериме. Како Христијани тешко ни е да се научиме на она што во животот со Христа го нарекуваме „предание“, односно препуштање на Божјата промисла. Црквата постојано нè повикува преку литургиските текстови да ги почувствуваме зборовите „сиот свој живот на Христа Бога да Му го предадеме“. Сепак, ние упорно се бориме. Нашето нарцисоидно јас сака сè да контролира. Сака да ги гледа остварени своите зацртани планови. Секојпат кога не го постигнуваме тоа, ние се разочаруваме и се одрекуваме од Бога.

Но, Христос нè повикува да се довериме и да се препуштиме на Божјата промисла, на Неговата спасителна грижа за нас, за секој човек, за историјата и за созданието. Во Црквата не веруваме во некои свештени принципи и вредности, не прифаќаме религиозни теореми, туку создаваме врска со Бога, со луѓето, со созданието. Верата во Црквата има врска со една Личност, Која ја спознаваме секојдневно, ни се открива преку различни настани, доживувања и опити, преку секојдневниот живот. Доволно е човекот да може да види, а не само просто да гледа.

Премногу е тешко да се препуштиме на Оној Бог и на таа врска, воопшто на тоа кое го нарекуваме тајна на животот…

Нашата немоќ да се предадеме на Божјата волја и промисла ни создава многубројни, последователни секојдневни проблеми во врската со себеси и во врската со другите. Замислете си човек кој влегол во една река и не сака да прифати дека треба да плива по нејзиното течение. Но, реката има само една носталгија – морето. Со други зборови, дали е насилно или доброволно, ако се впуштиме во течението ќе стигнеме до морето. Тоа е една метафора, за да разбереме дека ако се оставиме на течението на работите и на настаните зад кои се крие Божјата промисла, ќе стигнеме во прегратките на Бога, ќе стигнеме до една внатрешна полнота. Но, ние напротив, што правиме? Застануваме неподвижни спроти течението, ја отфрламе Божјата промисла и си ја „кршиме“ главата. Но, зошто ни е толку тешко да се препуштиме?

Според христијанската антропологија, човекот е тварен. И тварноста, т.е. смртноста на човекот има некои црти како што е променливоста, односно фактот дека сè е променливо и во секој еден момент може тоа да се измени. Како што кажал Хераклит: „Никогаш еден ист човек не може да влезе во една иста вода два пати“. Тоа значи дека не постојат апсолутни константи, туку сè се менува постојано.

Еден друг елемент кој го има тварноста во себе – е недоволноста. Во душата секогаш имаме едно чувство на недостаток и во сè што правиме, чувствуваме дека нешто недостасува. Создаваме една желба врз која го проектираме нашето вообразување. На тој начин сметаме дека ако ја постигнеме и доживееме таа желба, тогаш ќе бидеме најсреќните луѓе на светот. Но, дури и кога би стигнале до тој објект на нашиот копнеж, тој во истиот момент во кој ќе го вкусиме, го демитологизираме. Ни се чини мало и недоволно. Лакан, француски психоаналитичар, кажа дека желбата нема објект; секојпат кога ќе задоволиме една желба, нејзиниот објект недостасува. Тогаш, таа празнина станува повик повторно да се покрие еден нов објект на желбата, кој исто така, ќе го потхрани тој недостаток. Се разбира, тој латентен процес е израз на една егзистенцијална вистина, на жедта на човекот за апсолутното.  Ова е значајно за богословието.

Сега доаѓаме до еден друг елемент на смртноста, а тоа е посебноста, т.е. човечката несеопфатност и нецелосност. Само Бог е целосен. Човекот учествува во еден мал дел од работите и тоа секогаш го ограничува. Пространството и времето, кои исто така, се елементи на човечката тварност, ја затвораат човечката ипостас и ја исправаат до ѕидот, а смртта иронично ѝ намигнува. Каде и да погледне човекот, секаде ја среќава смртта, тој последен човечки непријател. Неслучајно психологијата смета дека зад секоја болест и душевно растројство, вклучувајќи ја и неврозата, стои егзистенцијалната тревога од смртта. Сега сме тука, во овој момент и ден, не може да сме и некаде на друго место. Тоа е едно ограничување, една несеопфатност. Човекот не може да стаса до целовитоста на нештата, тоа е еден елемент само во Бога и некои светители кои ги надминуваат овие ограничувања и со тоа учествуваат во светоста на Бога. Во одредени моменти ја доживуваат донекаде таа сеопфатност во нивната љубов и доближување до Него. Така, тие во едно лице го сакаат целото човештво, во погледот на едно животно можат да го сакаат целото битие, да страдаат за секое суштество кое се мачи и доживува болка. Сликата на едно рането животно може да ги растресе и да го почувствуваат падот на целото творение. Во житието на Свети Силуан Атонски се вели дека еднаш видел змија на Света Гора која била удрена и пресечена, очигледно некој од поклониците ја удрил, и гледајќи како се грчела кратко време пред да умре, веднаш ги преживеал сите човечки падови низ вековите.

На крај, друг елемент кој го носи со себе тварноста, е ентропијата. Човекот, вселената, целото создание има една деконструктивна динамика. Тоа кое цвета, венее, се подига и потоа паѓа. Го преживуваме тоа секој ден во нашиот духовен став, во нашите мисли и доживувања. Чувствуваме еден ентузијазам, а после тоа тој се намалува. Чувствуваме радост и полека таа ослабнува; грижа, радост, разочарување, вера, неверие… Сите тие доаѓаат едно по друго.

Ги споменавме сите елементи на смртноста и на тварноста, за да сфатиме дека тие создаваат страв и несигурност во човекот. Факт кој го поттикнува да сака да има контрола над сите состојби.

Стравот и тревогата од смртта се затскриени. Ние користиме маски во своето секојдневие. Тие не се покажуваат директно, туку се мешаат со други состојби. Затоа и не може да се препознаат лесно. За да може човекот да го контролира тој страв од смртта, се обидува да „озакони“ една вообразена бесмртност, односно да создаде една бесмртност преку контролирање на работите. И, како го прави тоа? Го прави со едно светско однесување кон власта, парите, силата, шармот, пансексуалноста и други работи, преку кои сака да се почувствува како господар врз животот од кој, всушност, се плаши. Тоа господарење е апсолутно кревко и смртно.

Би сакал во контекст на ова што го кажавме, да видиме некои мисли кои го засегаат стравот на човекот да се препушти на течението на животот, на Божјата промисла. Кои се менталните и душевните пречки кои го држат далеку од ова спасително препуштање?

  1. Првото е дека го мешаме препуштањето на Божјата промисла со повлекувањето од животот.

Со други зборови, при охрабрувањето „препушти се на Божјата волја, немој сè да контролираш…“, доаѓа приговорот дека ова препуштање е дефетизам или малодушност кое создава еден безволен човек.

Конфузијата е очигледна откако препуштањето на Бога и на животот се меша со повлекувањето. Едно е „повлечи се“, кое значи дека стануваме безволно суштество – не учествуваме во животот, не преземаме одговорност, не учествуваме во формирањето на нашата лична историја во директна соработка со Божјата благодат, и друго – се предавам и се повлекувам од животот. Првото се откажува од персоналноста и Божјиот призив кон човекот. Второто ја содржи динамиката на врската. Бог сака човекот да биде одговорен за својот живот. Затоа и во библиските раскази во Битието, Бог ги поставил Адам и Ева пред еден избор, односно пред еден акт на одговорност. Бог сака еден човек, кој се повлекол од својот призив, кој е подобие Божјо. Заповедта за богоподобие содржи креативност, борба, движење кон Некој.

Црквата и животот во Христос не се живот кој гледа во минатото. Ниту, пак, се ограничува единствено во сегашноста, туку се открива во иднината. И иднината има одговорност. Идентитетот на Црквата се извлекува од есхатологијата на Божјото царство. Тоа идно ветување станува опит и вкусување на животот во Светата Евхаристија. Таму вкусуваме дел по дел од она кое доаѓа, но сè уште не е тука. Бог не го остава секојдневието на животот без сведоштво за Неговото присуство. Ако некој може да види, гледа дека зад сè и во сè стои Тој.

Оттука, препуштањето на Божјата промисла во никој случај не е повлекување од животот. „Се препуштам“, значи ќе се потрудам да ја вклучам Божјата волја во моите планови. Го кажувам тоа кое го чувствувам или мислам дека е правилно, ги земам своите решенија и се обидувам да ги остварам, но секогаш се молам и ја барам Неговата волја.

Не ги отфрлам тешкотиите и разочарувањата, грешките и неуспесите, болката и испитанијата кои ќе дојдат. Ги прифаќам како дел од процесот, како созревање на мојата желба. Разбирам дека од другата страна на моите планови постои Бог, Кој гледа и знае многу подобро од мене, што е најголемата полза за мене. Се обидувам да ги прочитам знаците и сведоштвото Господово во мојот живот, да видам и да разберам што сака од мене, што сака да ми каже или да ми даде во развојот на мојот живот.

Тоа што може да се промени треба да го променам. Она што не може да се промени, го прифаќам и се учам правилно да му приоѓам. И очекувам една нова можност за промена. Ќе дојде. Животот, тоа се етапи и моменти. Тоа, што не сум го постигнал во минатото не значи дека во иднина нема да ми се даде. Тука ја гледам антрополошката можност на гореспоменатите богословски вистини, дека нашиот идентитет го црпиме не од нашето минато или сегашност, туку од иднината, од есхатологијата на царството Божјо. Тоа значи дека еден човек не може да биде осуден за неговото вчера или сега, затоа што припаѓа на иднината. Ниту, пак, можеш да судиш и да осудуваш некого за грешките во минатото, бидејќи тие ја убиваат неговата иднина која само Бог ја знае, затоа и Тој е апсолутниот и единствен праведен Судија.

Но, голема полза има да научиме дека препуштањето на Божјата промисла е избавително и спасително, но во никој случај не нè ослободува од искушенијата и испитанијата на животот. Напротив, довербата во Бога претпоставува верување дека и нештата што ги разбираме и оние што бегаат од нашата способност да ги разбереме, не се случајни, туку имаат своја улога и значење во нашите животи.

Во никој случај не важи тоа дека штом сме одлучиле да се довериме и да се предадеме на Бога, проблемите ќе исчезнат од нашиот живот. Но, она кое со сигурност ќе се случи е доживување на силното, утешително и укрепувачко Божјо присуство, Кој никогаш нема да нè остави сами и беспомошни.

(Фотографија: Томе Љушев – Шпанец)

Духовниот живот и исполнувањето во Христос не ја заменува реалноста на животот, но ја преобразува. Тука е грешката која ја правиме. Ние сакаме укинување на границите на животот. Не укинување, туку нивно преобразување. И, што значи тоа? Ќе дојде болест. Човек си, смртен си, променлив. Болеста ќе дојде, но пристапот, толкувањето, однесувањето кон неа, кое го правиш во Христа, дава една друга перспектива. Целосно го преобразува случувањето. Истиот историски настан го осветлува со друга динамика. Не се менуваат надворешните настани, туку начинот на кој ги толкуваме, начинот на кој ги гледаме и начинот на кој се однесуваме кон животот. Тоа се менува и во тоа е тајната на благословот и благодатта.

Заминувањето не значи повлекување и станување бестрастен. Напротив, значи дека го правам тоа кое е според моите сили и другото Му го препуштам на Бога. Мешањето на двете работи е првата пречка пред да се довериме на Бога и сè Нему да Му оставиме.

Превземен текст од Бигорски манастир.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк