Connect with us

Инфо +

ЃУРЃОВДЕН – Празник на природата, вегетацијата и животот

Published

on

Ѓурѓовден е голем христијански празник од пролетниот циклус, којшто има голема традиција во словенските земји, а во неговата основа е празнувањето на природата, на будењето на вегетацијата, и на животот, воопшто.


Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро.

Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најитакна во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.


Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската според народното верување е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.
И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните, на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурен – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката. И вечерта спроти празникот и утрото на самиот ден кога се берат билките се пеат песни познати како билјарски песни во кои се опева токму тој чин, берењето на билките, запотнувањето, крмењето на стоката и др.
Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката. Билките се дробат на ситни делови, им се додава еден полжав што утрото го донесле билјарките, и тој издробен на ситни делови, се додаваат трици и сол и со таа крма се крми стоката со верување дека ќе биде поотпорна на болести во текот на целата наредна година. И вапцувањето јајца со црвена боја или жолта има значајно место во ѓурѓовденските празнувања исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе” и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе”, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело” за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот – цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Така друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн.

Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. на тој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.

Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во преданија и е опеана во некои песни. Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа дека Ѓурѓовден е сточарски празник.

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк