Connect with us

Религија

Денес е Балаклија, измијте се во извор ќе ги излечите сите болести

Published

on

Првиот петок по Велигден е Источен петок – Балаклија.

Имено, тој ден е посветен на Богородица, а уште и се вика Извор на лекувањето, па затоа верниците одат на најблискиот извор и се измиваат верувајќи дека ќе се излечат од разни болести.

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор.

Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“.

Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт.

Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага.

Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк