Connect with us

Македонија

„Сине мој, расти Габер и не се срами од татко ти,… за едните станав херој, за другите издајник“ – Писмо од Голи Оток испишано со конец по 72 години стигна во Музеј Кавадарци

Published

on

Писмо од Голи Оток со многу емоции, извезено на внатрешната страна на манжетната од кошула со распаран конец од затворските панталони, по 72 години стигна во Музеј Кавадарци.

Писмото го испратил политичкиот затвореник Боро Ангеловски-Ваташки. Тој всушност извезал тајна порака за својот двомесечен син Габер. Тајното писмо било везено во август 1949 година. Музејот го доби оригиналното извезено писмо на манжетната, од неговата ќерка, д-р Олга, која живее во Пула, Хрватска.

-Татко ми Боро Ангеловски-Ваташки е роден во село Ваташа 1919 година, а починал 1954 година, од откажување на бубрезите, како последица од злоставувањето во затворот на Голи Оток, кадешто бил до мај 1952 година. Ви ја испраќам оригиналната манжетна со пораката бидејќи нејзиното место е во музејот во Кавадарци. Како дел од историјата на Република Македонија, во чиешто создавање учествуваа покрај моите чичковци Наќо Ангеловски и Димката Ангелов-Габерот, така и татко ми, Боро Ангеловски-Ваташки. Манжетната ја испраќам по почитуваниот колега доктор Перо Пењушков, стои во писмото кое неодамна исто така го испратила доктор Олга од Пула.

Доктор Пењушков, кој ја донесе манжетната, рече дека се уште постојат траги од крв на писмото.

„Сине мој. Расти Габер и не се срами од татко ти”, му напишал Боро со конец на својот штотуку роден син. Надевајќи се дека еден ден пораката ќе биде во рацете на синот, тој му објаснил дека е свесен оти згрешил кон КПЈ и својата фамилија.

– За едните станав херој, а за другите издајник. Јас сум обичен комунист и како таков погрешив. Но треба ли да лежам на земе гол и да не ме праќаат во болница – прашува Боро Ангеловски во везеното писмо. “Само желбата да видам тебе и Хриса и да ве загрлам сине, праи да живеам. Хвала ти Хрисе на скапиот дар. За Габерот. Ве сака Боро. Ц. Затвор, 21.8.1949”, пишува Ваташки на крајот од пораката која е упатена и до сопругата Христина, која живеела во Пула со ќерката Олга.

Според кажувањето на неговата ќерка, татко и’ кошулата му ја дал на пријателот и сограѓанин Вано Ралев, кој бил ослободен од Голи Оток и требало да се врати во Македонија. Тие двајцата всушност си ги замениле затворските кошули, за да може Вано да ја пренесе пораката до најблиските на Боро. Според тоа што и го кажала мајка и, а и од она што го слушала од самиот Ралев кога била студентка, Вано не знаел дека манжетната била извезена и дека носи тајна порака.

– Можеби тоа е и среќна околност во тие виорни времиња, бидејќи тоа сознание за него би било кобно, знаејќи ги џелатите од Голи Оток. Кога Вано дошол во Скопје, ја дал кошулата на мајка ми. Таа зела да ја пере и видела дека се темнее манжетната. Ја распарала и ја прочитала пораката од татко ми, раскажува Олга.

Ваташки бил роден на 13 ноември 1919 година. Починал во 1954 година, кога му откажале бубрезите како последица на мачењето на Голи Оток. На злогласниот остров тој бил од мај 1949 до почетокот на 1952 година.

Боро бил еден од тројцата синови на илинденецот Ташо Ангелов. Сите тројца биле неприкосновени борци за Македонија. Според историчарот Петре Камчевски, на Голи Оток во тоа време, биле испратени дваесетина политички затвореници од Кавадаречко.

Директорката на Музејот, Весна Ѓорѓиева, кустос советник, се заблагодари за овој вреден подарок и рече дека тој во иднина ќе им раскажува на посетителите за историјата на едно време, на оригинален и емоционален начин.

МИА

Македонија

Меџити од МЕФ 2025: Енергетската транзиција мора да се темели на еколошка правда и јавен интерес

Published

on

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на денешниот Македонски енергетски форум (МЕФ) 2025 нагласи дека енергетската транзиција не може да се реализира без еколошка правда и без јавниот интерес да биде во срцето на секоја одлука.

„Западен Балкан не може да избира помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина. Нам ни е потребен модел кој ги обединува двете, затоа што без чист воздух, безбедна вода и здрави екосистеми, нема ниту одржлив раст, ниту долгорочна безбедност“, изјави Меџити.

Тој посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе остане посветен партнер во секој процес што гради иднина заснована на визија, правичност и почит кон животната средина и заедницата.

Настанот продолжува со дискусии за интеграцијата на климатските и енергетските политики, при што учествуваат бројни експерти, политичари и претставници на граѓанскиот сектор од целиот регион.

Continue Reading

Македонија

Сиљановска Давкова и Радев на Самитот во Тирана – Билатерална средба засега без потврда

Published

on

На маргините на Самитот на шефови на држави и влади што се одржува во Тирана, се отвора можност за неофицијална средба меѓу македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев. Иако официјален состанок не е потврден, дипломатски извори не ја исклучуваат можноста за кус разговор и размена на ставови меѓу двајцата лидери.

Ова би била прва средба по одлуката на официјална Софија на Самитот на НАТО да го претставува премиерот Димитар Глечев Желјазков, наместо Радев. Се очекува на средбата, доколку се реализира, да се допре и до прашањето дали Бугарија ќе прифати поканата од претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, за заедничка средба со македонската делегација во Хаг.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски потврди дека е во тек комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава околу иницијативата за дијалог со бугарската страна. Тој посочи дека веќе е предложен конкретен термин за состанок, но се чека потврда од Софија.

Од бугарска страна, преку изјави на министерот за надворешни работи, се пренесува ставот дека „немаат отворени прашања со Македонија“, но изразуваат сериозна загриженост за, како што велат, тонот и реториката на македонските политичари.

Засега, официјална Бугарија не открива дали е подготвена за директен политички дијалог со Скопје под покровителство на Брисел, но дипломатски извори не ја исклучуваат можноста за напредок, особено доколку се воспостави доверба и се намали политичката тензичност меѓу двете земји.

Continue Reading

Македонија

Муцунски: Преку Египет започнува евакуацијата на македонските државјани од Израел

Published

on

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека започната е евакуацијата на македонски државјани од Израел поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток. На денешната прес-конференција, Муцунски соопшти дека вкупно 28 лица побарале поддршка за евакуација, а првата група — четири возрасни и четири деца — веќе е во постапка на безбеден трансфер преку Египет.

Министерството веднаш формирало кризен штаб и преку амбасадата во Тел Авив е во постојан контакт со нашите државјани. „Очекуваме првата група да биде евакуирана до крајот на денот или најдоцна утре, по што ќе следува нивно враќање во земјата со авион на Владата“, изјави Муцунски.

Втората група, според најавите, ќе замине штом се воспостави редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Подготовките за евакуацијата ги вклучуваат и потребните документи, логистика и безбеден конвој.

Муцунски потенцираше дека македонската амбасада работи со засилен капацитет и е целосно посветена на безбедноста на граѓаните. Министерството повторно упати апел до сите државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран, освен ако не е апсолутно неопходно.

На крајот од обраќањето, министерот упати повик до сите засегнати страни на Блискиот Исток да го почитуваат меѓународното право и да покажат воздржаност.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг