Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Париз изјави дека Европа се наоѓа на историска пресвртница, потенцирајќи дека нејзината безбедност е сериозно загрозена и дека инвестициите во одбраната мора да бидат врвен приоритет.
На предавањето во Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI), насловено „Европа на крстопат: Потврдување на суверенитетот во свет во промена“, Пленковиќ предупреди дека „Европската безбедност е загрозена, а нарушени се и дел од темелите на трансатлантските односи“.
Тој нагласи дека на европските општества веќе не можат да им се земаат здраво за готово институционалната, енергетската и демографската стабилност. Премиерот предупреди дека Европа се соочува со најопасната безбедносна состојба по Студената војна, особено посочувајќи на руската агресија врз Украина, ескалацијата на хибридните закани и забрзаното руско производство на оружје.
„Затоа Европа мора да ја прилагоди својата индустрија, залихи и инвестиции за да одговори на противникот кој своето стопанство го стави во служба на војната“, рече Пленковиќ.
Пленковиќ ја истакна Хрватска како пример за зајакнување на одбранбените капацитети, наведувајќи дека земјата го тројно го зголемила својот одбранбен буџет за помалку од десет години. Тој најави дека Загреб планира да достигне 2,5% од БДП за одбрана до 2027 година, а три проценти до 2030 година.
Премиерот, исто така, потенцираше дека Хрватска е меѓу водечките производители на FPV дронови и активно соработува со Холандија и Летонија во коалицијата за дронови. Хрватските компании, додаде тој, држат 80% од светскиот пазар на машини за далечинско разминирање.
Во однос на војната во Украина, која ја оцени како „одлучувачки тест за европската безбедност“, Пленковиќ се заложи за праведен и одржлив мир со целосно почитување на украинскиот суверенитет. Тој информираше дека од 2022 година, Хрватска ѝ помогнала на Украина со 317 милиони евра и примила 30.000 украински бегалци.
Осврнувајќи се на новата американска стратегија за национална безбедност, која зборува за „цивилизациско пропаѓање на Европа“ и поддршка на крајната десница, Пленковиќ оцени дека ова сигнализира длабока промена во перцепцијата на Вашингтон за својата глобална улога.
„Европа мора да се подготви да преземе поголема одговорност за својата безбедност – не против САД, туку за стабилноста на трансатлантскиот простор“, нагласи хрватскиот премиер.
На крајот, Пленковиќ го истакна проширувањето на ЕУ како геополитичка нужност, изразувајќи силна поддршка за интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија, со посебен акцент на важноста на Босна и Херцеговина.