Connect with us

Религија

Ниту во срцето ниту со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос- Светиот маченик МАМАНТ

Published

on

 Родум од Пафлагонија, од Теодот и Руфина, прочуени христијани. Неговите родители беа фрлени во затвор заради Христовото име. Во затворот прво умре татко му, а потоа мајка му, откако го роди, и самата се упокои. Така, значи, остана младенецот во затворот меѓу мртвите тела на своите родители.

Но, Промислителот Бог го испрати Својот Ангел кај некоја благородна вдовица Ама, на којашто Ангелот ѝ се јави во сон и ѝ рече да отиде во затворот и да го земе детето кај себе. Ама измоли дозвола од градоначалникот да ги закопа умрените, а детето го зеде во својот дом.

Почна да зборува дури кога наполни пет години и првиот збор му беше „мама“. Заради ова и го доби името Мамант. На училиште, Мамант покажа необична бистрина, а бидејќи од дома беше воспитан во христијански дух, не ја криеше својата вера, туку ја исповедаше пред врсниците исмевајќи ги идолите. Во времето на царот Аврелијан имаше жестоко гонење на христијаните.

Незнабошците не ги штедеа ниту христијанските деца. Мамант имаше петнаесет години кога беше изведен пред царот. Царот му рече барем на збор да се одрече од Христа, на што Мамант му одговори: „Ниту во срцето ниту со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“ Царот нареди, та го биеја, го гореа со свеќи и најпосле го фрлија в море. Но, Ангел Божји го спаси и го одведе на висока гора, близу до Кесарија. Овде тој живееше во самотија и во молитва. Од неговата светост се припитомуваа дивите ѕверови. Најпосле, и тука беше пронајден од гонителите и повторно подложен на маки. Откако ја победи силата на огнот и на дивите ѕверови, го прободоа со трозабецот на некој идолски жрец. Така Му ја предаде својата света душа на Бога, Кому Му остана верен во сите маки. Од неговите мошти се случија многубројни исцелувања на болни.

Религија

Ќе бидеме патоказ кон Небото или кон земното и трулежното?

Published

on

ли мои, веќе се наоѓаме пред прагот на Светиот и Велик четириесетдневен Пост, кој е воедно најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква. Ова богоблагословено поприште на воздржанието и христијанските добродетели за своја цел го има соединувањето со Господа и Спасителот наш Исус Христос, што подразбира наше сораспнување со Него, преку  личните крсни страданија, но и наше совоскреснување со Неговото славно Воскресение, преку духовната радост што Светиот Дух ни ја излева. 

Пред малку го чувме прекрасното Евангелие изговорено од устата на нашиот Спасител, во кое Он нè поучува каков треба да биде нашиот пост, што треба да правиме за време на постот и како да се однесуваме. Најнапред, ги слушнавте Неговите зборови упатени кон Своите Апостоли, кон луѓето што Го слушале во тоа време, а преку нив и кон сите нас: ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен (Матеј 6,14). Добро е да знаеме дека Господ, пред да ги искаже овие зборови во Евангелието според Матеј, ги подучил Апостолите и луѓето на Господовата молитва „Отче наш“. Како што е општопознато, оваа молитва сите ние ја употребуваме многу често; и во самите црковни богослуженија таа е особено многу застапена. Во неа, меѓу другото, ние секојдневно се молиме: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“. Со оваа реченица Господ сака да ни укаже дека доколку ние сме подготвени да им простиме на нашите ближни, на нашите со-луѓе, тогаш ќе имаме право да бараме прошка од Него и за нашите прегрешенија. Господ милостив, сака да нè поучи дека треба да бидеме такви каков што е Он. Затоа на Апостолите им рекол: бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5,48). Голема мерка ни е дадена. Бидејќи Бог е многумилостив, очекува такви да бидеме и ние, таков да биде секој Христијанин – милостив, да умее да проштава – доколку сака да се нарече со Христовото име и да биде Негов вистински достоен ученик. 

Вториот дел, втората поука од денешното евангелско четиво, беше за тоа каков треба да биде постот. И во Стариот Завет имало пост, Евреите исто така го практикувале него, но во времето на Христа повеќе се оддавало значение на неговата надворешна форма, на тоа како ќе изгледаат од страна и дали ќе бидат пофалени од другите луѓе за нивната побожност. Но, денес Господ нè поучи дека не треба да внимаваме толку на надворешноста, колку на внатрешната состојба на нашето срце, на нашето најдлабоко битие; дека треба да ја постигнеме целта поради која постиме, а тоа е стекнување, односно причестување со таинствената духовна благодат што доаѓа од нашата искреност, од нашата добра волја да проштаваме, да се молиме, да љубиме – со еден збор, што доаѓа од вистинскиот пост. Ете зошто Христос вели: Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно (Матеј 16, 6-18)Со тоа Он ни напомнува дека духовната радост е производ на вистинскиот богоугоден пост, дека постот во нас треба да предизвикува умиление, радост и добра волја.

Постот, мили мои, не е човечка заповед, туку Божествена установа. Светите Отци на Црквата наша говорат дека постот им бил даден на луѓето уште во Едемската Градина, кога на првите луѓе им било речено да не јадат од дрвото на познанието на доброто и злото. Всушност, таа Божествена заповед за привремено воздржание претставувала своевиден пост за Првосоздадените. Но бидејќи тие не се придржале на таа заповед, туку по изборот на својата волја, прелажани од лукавата змија, т.е. ѓаволот и примамени од убавиот изглед на плодот и од сласта кон храната, одлучиле да не го постат првиот пост, со својата постапка се осудиле себеси на прогонство од Рајот и оддалечување од Бога.

Па така, мили мои, со оглед на тоа дека постот е Божествено востановение, да се потрудиме да постиме вистински, оддалечувајќи се од сè што е примамливо, а суетно, од сè што е прелестно, а лажно; со еден збор, да бидеме внимателни и воздржливи кон земните наслади и кон сè што е земно. Тоа е третиот дел од денешната премудра дидактика на нашиот Христос, Кој вели: Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,19-21). 

Богатство само по себе не е грев, доколку служи за добро на човекот и на со-човекот; доколку оние што имаат отповеќе, поради дарот што им го дал Господ, го споделуваат тоа и со своите ближни. Тогаш таквото богатство нема да биде пречка за стекнување на Божјата татковина на идниот живот, ами влезница за него. Божествениот Апостол Павле, поучувајќи ги Христијаните, вели: Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет (Евр. 12,22-24). Нашиот град, значи, нашиот дом, нашето вистинско богатство не е овде на земјата, туку во Христа Исуса, па затоа треба непрестајно да се трудиме, преку делата на љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22), да го стекнеме небесното Божјо Царство. 

Навистина е неопходно Христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себеси за другите. Милосрдието е суштествена добродетел на христијанскиот живот. Оти, доколку постот се состои само од воздржување од одредена храна, тогаш тој не претставува ништо повеќе од една обична диета, од којашто не би имале никаква духовна полза. Христијаните, кога низ историјата се случувале разни тешкотии и искушенија, во зависност од нивниот духовен напредок, или давале добар пример и го влечеле целото човештво напред, кон небесната Татковина, кон целта на нашето суштествување, или пак, за жал, дејствувале спротивно – влечеле наназад, кон земната распадливост.

Деновиве, во еден современ текст од британскиот писател и философ, Џон К. Ленокс, насловен: Where is God in A Coronavirus World? – прочитав нешто мошне интересно. Имено, во вториот век, во Римската Империја се појавила некоја страшна болест, наречена „Антониева чума“, којашто однела една четвртина од жителите на Римската Империја. Замислете, во една таква клима на сигурна смрт, тогашните Христијани воопшто не ги штеделе своите животи, туку самопожртвувано „се грижеле за болните и нуделе духовен образец“. Во следниот, трети век од ерата на Христијанството, исто така, зафатила друга, уште поопасна чума, наречена „Кипријанова“. Еден тогашен современик, епископот Дионисиј, опишува како Христијаните, „без обѕир за опасноста… се зафатиле со болните, грижејќи се за секоја нивна потреба“. Притоа, не треба да заборавиме дека во тоа време повеќето од жителите на Империјата биле пагани, незнабошци, но тоа не им пречело на Христијаните да се жртвуваат за нив, како за свои со-луѓе. Токму таквото, пожртвувано, љубовно однесување на Христијаните за време на болеста во Римската Империја допринело за ширењето на Христијанството. Ете ни очигледни примери какви биле нашите предци, Христијаните од првите векови. Тие не ги штеделе своите животи, па дури и за иноверните. А кога би размислувале како мноштвото денешни Христијани, што би правеле? Сигурно би натрупувале храна и богатства во своите домови (согласно советите на некои духовници што нездраво проповедаат само за крајните времиња) и никако не би излегувале да помогнат, бидејќи, не дај Боже, ќе се изложат на опасноста да умрат. Имено, токму така како што гледаме дека се случува денес со далеку понесмртоносната болест предизвикана од коронавирусот. Мислам дека себичноста кај Христијаните денес е очигледна за сите. Изгледа како новата болест, наречена корона, т.е. круна, да ги крунисала повеќето од нив со круната на стравот, паниката и неверието, што предизвикуваат далеку поопасни психосоматски заболувања. Ова, се разбира, не значи дека не треба да се почитуваат мерките и препораките на медицинските и државните власти, донесени во полза на сите, туку дека треба да се има на ум онаа круна од трње, трновиот венец со кој бил крунисан нашиот Спасител и верата во Неговата избавителна моќ за оние што во Негово име се жртвуваат за другите.

Стоејќи пред самиот почеток на Светата и Велика Четириесетница, да ја усвоиме триделната поука од денешното Евангелие на нашиот Спасител Христос, та да го прифатиме тој вистински спасоносен рецепт што води кон потполно исцеление и вечен живот: прошката, постот и вистинското богатство – добрите дела на милосрдието и љубовта, за да можеме да го дочекаме и еднодушно и со радост да Го прославиме нашиот распнат и воскреснат Господ Исус Христос, соучествувајќи во Неговото спасоносно за нас Распетие и во Неговото светло и славно Воскресение. Токму од нас, од нашиот живот, зависи дали ќе оставиме зад нас вистински последователи Христови. Доколку сме такви какви што нѐ сака Христос, тогаш целиот свет ќе стане христијански. Во спротивно, ако сме себични и егоцентрични, ќе оставаме лош пример, ќе бидеме соблазна за светот. Затоа внимавајте, испитувајте ги духовите (1. Јован. 4,1), да внимаваме што примаме како поука, особено денес, кога на социјалните мрежи може да се види сè и сешто. Самите гледате како на интернет секој си зема за право да поучува, па тоа го прават дури и мирјани, недоволно образовани во верата. Од некадарни личности се отвораат разни страници и се појавуваат разноразни учители. Но, вие бегајте од таквиот дух, одете на страници што се благословени од Црквата, од нејзините избрани епископи, а најдобро е да читате светоотечка литература, да се молите и да се советувате со докажани, здраворазумни духовници на Црквата Божја. Тогаш Господ ќе ве просветли што треба да правите за вашето спасение. 

Накрај, смирено барам прошка од сите вас, за сè што сум погрешил, со збор, дело или помисла, во сите денови од мојот живот. Нашиот Христос, нашиот Бог на прошката, љубовта и милосрдието, нека ви прости на сите што Го љубите.

01 март/14 март 2021 лето Господово

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Литургијата од Неделата на проштавањето, по читањето на Светото Евангелие, на 14 март 2021 лето Спасителово

Continue Reading

Религија

Денеска се празнуваат овие светители…

Published

on

Свети Андреј Јуродив

По потекло Словен. Како роб го купи некој богаташ Теогност во Цариград, во времето на царот Лав Мудриот, син на царот Василиј Македонец. Андреј беше прекрасно момче, телесно и душевно. Теогност го засака и го даде да се описмени. Андреј усрдно Го молеше Бога и со љубов ги посетуваше црковните богослужби. Послушен на едно небесно видение, тој се посвети на подвиг на јуродство заради Христа. И еднаш, кога отиде на бунарот по вода, ја искина облеката на себе, ја исече со нож и се направи луд. Нажален од ова, господарот Теогност го врза во синџири и го одведе во црквата на Св. Анастасија Одврзителка, за да му се прочитаат молитви. Но бидејќи Андреј не се поправи во очите на својот господар, овој го пушти да живее слободно како умоболен.

Свети Андреј дење се правеше луд, а ноќе Му се молеше на Бога. Живееше без покрив и засолниште. Ноќеваше во полето, одеше полугол, во една парталава наметка, јадеше малку леб, кога ќе му дадеа добрите луѓе. Од она што го примаше им делелше на просјаците, и тоа кога ќе им дадеше ќе ги изнавредеше за да не му благодарат. Бидејќи целата награда Свети Андреј ја очекуваше единствено од Бога.

Затоа во него и се всели голема Божја благодат, па можеше да проѕира во човечките тајни, ги гледаше ангелите и демоните, ги изгонуваше демоните од луѓето, ги исправаше луѓето од гревот. Имаше прекрасни виденија на Рајот и највисоките небесни Сили; Го виде Господ Христос на престолот на славата; со својот ученик Епифаниј ја виде Пресвета Богородица во Влахернската црква како го покрива христијанскиот род со Својата одежда; слушна неискажливи зборови на небото, коишто не смееше на луѓето да им ги повтори. После нечуено тешките подвизи се упокои во 911 година и се пресели во вечната слава на својот Господ.

Светиот свештеномаченик Кипријан и девицата Јустина

Кипријан се досели од Картагена во Антиохија, каде што живееше и Јустина со родителите Едесиј и Клеодонија. Едесиј беше идолски жрец и целиот дом им беше незнабожечки. Но кога Јустина одејќи по христијанските цркви ја спозна вистинската вера, ги обрати и своите родители кон Господа Христа. И сите тројца примија Крштение од епископот Оптат.

Кипријан пак, беше волх, имаше врски со нечистите духови и гаташе. Некој развратен млад човек Аглаид, незнабожец, сакаше по секоја цена да ја заведе Света Јустина, бидејќи се занесе од нејзината убавина, па кога девицата одлучно го одби, тој побара помош кај Кипријан.

Кипријан ги наведуваше злите духови еден по друг на Јустина за да и распалат страст по нечистиот Аглаид, но никако не успеа во тоа, бидејќи Света Јустина со знакот на крстот и со молитвата кон Бога ги одгонуваше од себе духовите на злобата. Тогаш Кипријан ја позна силата на крстот, па и самиот се крсти и со време стана презвитер и епископ.

Озлобени незнабожците ги обвинија него и Јустина и обајцата ги предадоа на судот во Дамаск, по што беа маче ни и им беше одземен животот со меч во Никомидија, на крајот од 3 век.

Тропар
Бог, Кој срцата ги испитува, ве најде достојни, за виша мудрост, о свети маченици Кипријане и Јустино, Кипријан свети го приведе во познание на вистинското спасение, извлекувајќи го од лагата демонска за животот земен, Јустина девственица ја наоружа со благодат на Крстот чесен, покажувајќи дека Името Христово е Име Божествено. Молете се за нас, вие кои луди бевте за овој свет, за да нас нe умудрите пред Бога да припаднеме, и на вашите молитви се надеваме.

Светите маченици Давид и Константин

Христијански кнезови од Аргвент. Беа осудени на најстрога казна за Христа во Имеретија од калифот Емил-ел-Муменим и потопени во река во 730 година.

Пред заминувањето му се молеа на Бога да им ги прости гревовите на сите коишто ќе го призиваат нивното име во молитва на помош.

Откако ја завршија својата молитва пукна гром и се чу глас од небото дека молитвата им е услишена.

Моштите им почиваат во Грузија, во манастирот Моцамети.

Continue Reading

Религија

Го празнуваме ПОКРОВОТ на Пресвета Богородица

Published

on

 Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите застапнички молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните.

Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати.

Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род.

На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше свети Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици.

Гледајќи го тоа видение свети Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се восхитувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нè потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк