Connect with us

Религија

Денеска е ГОЛЕМ ПРАЗНИК на мајката над сите мајки, на овој ден ЖЕНИТЕ треба да го направат ова…

Published

on

Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица, 21 септември) е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да и оддадат заслужено признание и на неговата мајка.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи.

Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови.

Така, македонскиот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери.

Така на пр. во Разлошко како што запишал М. Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“

Откако, пак, жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.

Исто така се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал Миленко С. Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.

Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди од родители свети, чисти и праведни. Тие, исто така, требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората старозаветните првосвештеници.

Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана. Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите.

Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков грев.

Јоаким и Ана постојано искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.

Луѓето без деца се соочувале и со повеќе забрани, па така не им било дозволено и меѓу првите да принесуваат жртва во храмовите. Еднаш кога на еден голем празник и Јоаким сакал меѓу првите да принесе жртва во храмот во Ерусалим, од првосвештеникот бил прекорен дека тоа не смее да го прави зашто поради гревовите Бог не го дарувал со деца.

Јоаким отстапил длабоко навреден и жртвата ја принесол последен. Оттука наместо дома отишол во пустината кај своите стада каде што поминал 40 дена во строг пост и молитви. Го молел Бога да го дарува со рожба. Во тоа време и Ана дома се молела за истата цел.

Неа не само што другарките ја прекорувале, туку и слугинките и се потсмевале затоа што немала деца. Еднаш додека била во градината видела како некоја птица си ги рани своите пилиња. На тоа уште повеќе се нажалила и го молела Бога да и даде рожба, за да не биде подолу дури и од сите животни и од пилињата.

Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба иако биле во поодминати години. Впрочем и Аврам и Сара, иако, исто така, биле во постари години со волјата Божја добиле дете. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Додека Ана искрено се молела пред неа застанал ангел Господов и и рекол:

– Ано, Ано, твојата молитва е слушната. Твоите воздишки ги надвишија облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка поради која ќе бидат благословени сите овоземни родови. Преку неа ќе биде дадено спасението на целиот свет. Ќе ја викате Марија.

Во истото време ангелот Господов му се јавил и на Јоаким во пустината и му ја соопштил истата вест. Му кажал уште дека Ана веќе е известена со радосната вест и се наоѓа во храмот во Ерусалим за да принесе жртва. Јоаким веднаш пристигнал во Ерусалим каде што заедно со својата жена принесле жртва во храмот.

Потоа им се родила ќерка којашто поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија, што значело горчлива вода или солза. Според други пак, Марија значи висока или владетелка (владичица). Зачатието на Св. Ана црквата го празнува на 22/9 декември, токму девет месеци пред Мала Богородица.

Во чест на денот на раѓањето на Марија, идната мајка на Господ Исус Христос Светата христијанска црква го востановила празникот Рождество на Пресвета Богородица, празник во народот попознат како Мала Богородица што секоја година се празнува на 21 септември според новиот, односно на 8 септември според стариот календар.

Иако, како што пишува св. Андрија Критски овој празник може да се земе како „почеток на сите празници“, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури кога ослабнало паганството, христијаните, покрај на Спасителот Исус Христос, можеле да и оддадат заслужено признание и на неговата мајка.

Во народното сфаќање, односно во народните верувања, оваа врска на Богородица со нејзиниот син, односно нејзиното мајчинство се смета за света работа. „Ако на запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш бил Нејзиниот образ како дева, девственоста, која не била нарушена од мајчинството, за православниот Исток таквата негова срдечна љубов кон Марија, Нејзиното созерцание и – ќе повторам уште еднаш – радосниот восхит од погледот кон Неа, од самиот почеток бил и останува нејзиното мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.“

Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Стефан Тановиќ сведочи дека во Гевгелиско празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух.

Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела. Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата.

Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица којашто тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон и носеле една литургија.

Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела.

Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее. Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

Марко К. Цепенков забележал повеќе преданија за чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица. Според едно од овие преданија „Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во таа црква се наоѓа една икона чудотворна.

Иконата је од мушама и је со лицето на Св. Богородица; таа икона била најдена горе на планина од една фамилија од селото Коњче. На ден Св. Цареи (Елена и Костадин) било кога ја нашол чоеко некоаш таа икона и од тоа време до ден денеска излегуаат селаните на истото место кај што се нашла иконата, на ден Св. Цареи.

Не само Кончани одат тамо, ами и од друзите села што се дојдени тамо одат и тамо свеќаваат вода за здравје и за бериќето што је по поле Богоројца да го чуа“. Цепенков уште забележува дека таа икона кога ќе ја оставеле на местото каде што била најдена „ќе се испотела и со тоа веруаат оти била животворна и чудесна“.

Запишувачот на ова предание уште сведочи дека на празникот Спасоен во селото Коњче се собирал многу народ, поседнувал поземи, некој што не можеле да дојдат праќале нишани „за да му падни иконата на нив“.

Откако сите ќе поседнеле од црквата ќе излезел еден човек од фамилијата што ја нашла иконата, ја носел иконата во рацете, „ама не како да оди тој, ами како да го носи иконата, и не полека да оди помеѓу луѓето, ами како да го носат ветришта, се ќе трча и со двете раце ќе ’а врти иконата и надесно и налево, ќе ’а навали на глаата на некој чоек, со ќошот од иконата.“

Така иконата одела од еден човек на друг и секој таксувал по нешто „ја ока вино за манастиро, ја педеседрам масло, ја печеесе пари“, и потоа минувала на друг. Арно ама, ако некој сакал да такса многу пари „од шеесе пари нагоре не примала иконата и нестануала од глаата на чоеко, тики сака-неќи малце пари ќе таксуа, да така да стани.“

Цепенков сведочи дека многумина виделе добро од иконата, а и бериќетот во полето бил богат додека го изведувале овој обред. „Мнозина болни што оделе во с. Коњче во времето коа паѓала иконата оздравуале и мнозина болни оздравеле коа му и однесуале кому капата, кому кошулата и друзите работи. Се забележуало од селаните оти од вадењето на иконата и по луѓето имало здравје и по полето му се чинел бериќето“.

Цепенков во своите записи пишува уште и за други чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица како што биле таа во Велес, потоа во селото Магарево (Битолско), за чудотворна икона во кичевскиот манастир „Света Пречиста“ итн.

Овој празник е прв не само од Богородичините празници туку и, воопшто, прв поголем христијански празник по започнувањето на Црковната Нова Година на 14/1 септември. Следниот ден по Мала Богородица односно на 22/9 септември црквата го празнува и споменот на нејзините родители праведните Јоаким и Ана.

На Мала Богородица, исто така, се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, во Осоговскиот манастир итн.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк