Connect with us

Религија

Ќе бидеме патоказ кон Небото или кон земното и трулежното?

Published

on

ли мои, веќе се наоѓаме пред прагот на Светиот и Велик четириесетдневен Пост, кој е воедно најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква. Ова богоблагословено поприште на воздржанието и христијанските добродетели за своја цел го има соединувањето со Господа и Спасителот наш Исус Христос, што подразбира наше сораспнување со Него, преку  личните крсни страданија, но и наше совоскреснување со Неговото славно Воскресение, преку духовната радост што Светиот Дух ни ја излева. 

Пред малку го чувме прекрасното Евангелие изговорено од устата на нашиот Спасител, во кое Он нè поучува каков треба да биде нашиот пост, што треба да правиме за време на постот и како да се однесуваме. Најнапред, ги слушнавте Неговите зборови упатени кон Своите Апостоли, кон луѓето што Го слушале во тоа време, а преку нив и кон сите нас: ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен (Матеј 6,14). Добро е да знаеме дека Господ, пред да ги искаже овие зборови во Евангелието според Матеј, ги подучил Апостолите и луѓето на Господовата молитва „Отче наш“. Како што е општопознато, оваа молитва сите ние ја употребуваме многу често; и во самите црковни богослуженија таа е особено многу застапена. Во неа, меѓу другото, ние секојдневно се молиме: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“. Со оваа реченица Господ сака да ни укаже дека доколку ние сме подготвени да им простиме на нашите ближни, на нашите со-луѓе, тогаш ќе имаме право да бараме прошка од Него и за нашите прегрешенија. Господ милостив, сака да нè поучи дека треба да бидеме такви каков што е Он. Затоа на Апостолите им рекол: бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5,48). Голема мерка ни е дадена. Бидејќи Бог е многумилостив, очекува такви да бидеме и ние, таков да биде секој Христијанин – милостив, да умее да проштава – доколку сака да се нарече со Христовото име и да биде Негов вистински достоен ученик. 

Вториот дел, втората поука од денешното евангелско четиво, беше за тоа каков треба да биде постот. И во Стариот Завет имало пост, Евреите исто така го практикувале него, но во времето на Христа повеќе се оддавало значение на неговата надворешна форма, на тоа како ќе изгледаат од страна и дали ќе бидат пофалени од другите луѓе за нивната побожност. Но, денес Господ нè поучи дека не треба да внимаваме толку на надворешноста, колку на внатрешната состојба на нашето срце, на нашето најдлабоко битие; дека треба да ја постигнеме целта поради која постиме, а тоа е стекнување, односно причестување со таинствената духовна благодат што доаѓа од нашата искреност, од нашата добра волја да проштаваме, да се молиме, да љубиме – со еден збор, што доаѓа од вистинскиот пост. Ете зошто Христос вели: Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно (Матеј 16, 6-18)Со тоа Он ни напомнува дека духовната радост е производ на вистинскиот богоугоден пост, дека постот во нас треба да предизвикува умиление, радост и добра волја.

Постот, мили мои, не е човечка заповед, туку Божествена установа. Светите Отци на Црквата наша говорат дека постот им бил даден на луѓето уште во Едемската Градина, кога на првите луѓе им било речено да не јадат од дрвото на познанието на доброто и злото. Всушност, таа Божествена заповед за привремено воздржание претставувала своевиден пост за Првосоздадените. Но бидејќи тие не се придржале на таа заповед, туку по изборот на својата волја, прелажани од лукавата змија, т.е. ѓаволот и примамени од убавиот изглед на плодот и од сласта кон храната, одлучиле да не го постат првиот пост, со својата постапка се осудиле себеси на прогонство од Рајот и оддалечување од Бога.

Па така, мили мои, со оглед на тоа дека постот е Божествено востановение, да се потрудиме да постиме вистински, оддалечувајќи се од сè што е примамливо, а суетно, од сè што е прелестно, а лажно; со еден збор, да бидеме внимателни и воздржливи кон земните наслади и кон сè што е земно. Тоа е третиот дел од денешната премудра дидактика на нашиот Христос, Кој вели: Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,19-21). 

Богатство само по себе не е грев, доколку служи за добро на човекот и на со-човекот; доколку оние што имаат отповеќе, поради дарот што им го дал Господ, го споделуваат тоа и со своите ближни. Тогаш таквото богатство нема да биде пречка за стекнување на Божјата татковина на идниот живот, ами влезница за него. Божествениот Апостол Павле, поучувајќи ги Христијаните, вели: Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет (Евр. 12,22-24). Нашиот град, значи, нашиот дом, нашето вистинско богатство не е овде на земјата, туку во Христа Исуса, па затоа треба непрестајно да се трудиме, преку делата на љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22), да го стекнеме небесното Божјо Царство. 

Навистина е неопходно Христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себеси за другите. Милосрдието е суштествена добродетел на христијанскиот живот. Оти, доколку постот се состои само од воздржување од одредена храна, тогаш тој не претставува ништо повеќе од една обична диета, од којашто не би имале никаква духовна полза. Христијаните, кога низ историјата се случувале разни тешкотии и искушенија, во зависност од нивниот духовен напредок, или давале добар пример и го влечеле целото човештво напред, кон небесната Татковина, кон целта на нашето суштествување, или пак, за жал, дејствувале спротивно – влечеле наназад, кон земната распадливост.

Деновиве, во еден современ текст од британскиот писател и философ, Џон К. Ленокс, насловен: Where is God in A Coronavirus World? – прочитав нешто мошне интересно. Имено, во вториот век, во Римската Империја се појавила некоја страшна болест, наречена „Антониева чума“, којашто однела една четвртина од жителите на Римската Империја. Замислете, во една таква клима на сигурна смрт, тогашните Христијани воопшто не ги штеделе своите животи, туку самопожртвувано „се грижеле за болните и нуделе духовен образец“. Во следниот, трети век од ерата на Христијанството, исто така, зафатила друга, уште поопасна чума, наречена „Кипријанова“. Еден тогашен современик, епископот Дионисиј, опишува како Христијаните, „без обѕир за опасноста… се зафатиле со болните, грижејќи се за секоја нивна потреба“. Притоа, не треба да заборавиме дека во тоа време повеќето од жителите на Империјата биле пагани, незнабошци, но тоа не им пречело на Христијаните да се жртвуваат за нив, како за свои со-луѓе. Токму таквото, пожртвувано, љубовно однесување на Христијаните за време на болеста во Римската Империја допринело за ширењето на Христијанството. Ете ни очигледни примери какви биле нашите предци, Христијаните од првите векови. Тие не ги штеделе своите животи, па дури и за иноверните. А кога би размислувале како мноштвото денешни Христијани, што би правеле? Сигурно би натрупувале храна и богатства во своите домови (согласно советите на некои духовници што нездраво проповедаат само за крајните времиња) и никако не би излегувале да помогнат, бидејќи, не дај Боже, ќе се изложат на опасноста да умрат. Имено, токму така како што гледаме дека се случува денес со далеку понесмртоносната болест предизвикана од коронавирусот. Мислам дека себичноста кај Христијаните денес е очигледна за сите. Изгледа како новата болест, наречена корона, т.е. круна, да ги крунисала повеќето од нив со круната на стравот, паниката и неверието, што предизвикуваат далеку поопасни психосоматски заболувања. Ова, се разбира, не значи дека не треба да се почитуваат мерките и препораките на медицинските и државните власти, донесени во полза на сите, туку дека треба да се има на ум онаа круна од трње, трновиот венец со кој бил крунисан нашиот Спасител и верата во Неговата избавителна моќ за оние што во Негово име се жртвуваат за другите.

Стоејќи пред самиот почеток на Светата и Велика Четириесетница, да ја усвоиме триделната поука од денешното Евангелие на нашиот Спасител Христос, та да го прифатиме тој вистински спасоносен рецепт што води кон потполно исцеление и вечен живот: прошката, постот и вистинското богатство – добрите дела на милосрдието и љубовта, за да можеме да го дочекаме и еднодушно и со радост да Го прославиме нашиот распнат и воскреснат Господ Исус Христос, соучествувајќи во Неговото спасоносно за нас Распетие и во Неговото светло и славно Воскресение. Токму од нас, од нашиот живот, зависи дали ќе оставиме зад нас вистински последователи Христови. Доколку сме такви какви што нѐ сака Христос, тогаш целиот свет ќе стане христијански. Во спротивно, ако сме себични и егоцентрични, ќе оставаме лош пример, ќе бидеме соблазна за светот. Затоа внимавајте, испитувајте ги духовите (1. Јован. 4,1), да внимаваме што примаме како поука, особено денес, кога на социјалните мрежи може да се види сè и сешто. Самите гледате како на интернет секој си зема за право да поучува, па тоа го прават дури и мирјани, недоволно образовани во верата. Од некадарни личности се отвораат разни страници и се појавуваат разноразни учители. Но, вие бегајте од таквиот дух, одете на страници што се благословени од Црквата, од нејзините избрани епископи, а најдобро е да читате светоотечка литература, да се молите и да се советувате со докажани, здраворазумни духовници на Црквата Божја. Тогаш Господ ќе ве просветли што треба да правите за вашето спасение. 

Накрај, смирено барам прошка од сите вас, за сè што сум погрешил, со збор, дело или помисла, во сите денови од мојот живот. Нашиот Христос, нашиот Бог на прошката, љубовта и милосрдието, нека ви прости на сите што Го љубите.

01 март/14 март 2021 лето Господово

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Литургијата од Неделата на проштавањето, по читањето на Светото Евангелие, на 14 март 2021 лето Спасителово

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк