Connect with us

Религија

Зошто постиме пред Божик, што означува постот

Published

on

Вториот повеќедневен пост, чијашто цел е да нѐ подготви за достоен пречек на Христовото Раѓање, е Божикниот пост. Тој ни го претставува Стариот Завет и нѐ потсетува на старозаветните патријарси и праведници, кои во пост и молитва го очекуваа доаѓањето на Спасителот.

Бидејќи Црковниот устав го смета Раѓањето Христово за втора Пасха, и Божик, исто како и Воскресение, има пред себе пост од четириесет дена и се нарекува четириесетница, но „мала четириесетница“. Според должината и значењето на празникот за кој се подготвуваме, Божикниот пост е прв после Воскресенскиот, но според строгоста во однос на храната тој се споредува со апостолскиот пост.

Историјата на овој пост е недоволно јасна, односно сведоштвата дека тој започнал да се практикува уште од древноста се многу ретки. Постои основано мислење дека тој започнал да се практикува уште од V век. Така на пр. според едно сведоштво трите четириесетници се развиле најдоцна до VII век, односно Божикниот пост се практикувал во Антиохија уште во почетокот на VI век и почнувал на 1 декември, а додека, пак во Ерусалим (VI век) тој изнесувал 40 дена. Михаил Скабаланович вели дека првите сведоштва за овој пост ги имаме во Коптскиот календар од VIII век. Од IX век веќе можеме полесно да ја следиме историјата на постот, а тоа се гледа од каноните на Цариградскиот Патријарх Никифор, од Ипотипосисот и Дијатипосисот од IX век, каде што постојат упатства во однос на храната во четириесетницата, како и од одредбите на Цариградскиот Собор за време на Лука Хрисоверг и царот Мануил Комнен (XII век), кои зборуваат дека постот започнува на 15 ноември итн.

Во богослужбените особености на постот спаѓа и спомнувањето на старозаветните пророци, праотци и праведници, особено на пророкот Даниил, кој толку точно го прорече времето на Раѓањето Христово, како и на неговите тројца другари, кои во огнената печка беа праобраз на овој настан.

Особености на Божикниот пост

Страдална
Умиление

Типикот пропишува на 24 декември (6 јануари н.с.) строг пост, односно постои одредба да се прави таканаречен „сочелник“ (каша од сушени зрна) или коливо. Сето ова има длабоко значење. Имено, коливото се благословува заради спомен на мачениците и светиите, како и во деновите за спомен на упокоените. Во овој случај правењето коливо значи дека пред Раѓањето Христово ние се сеќаваме на Божествениот Младенец, Кој се раѓа за да претрпи страдања и смрт заради искупување на нашите гревови, се раѓа за да умре и Воскресне. Точката во која се сретнуваат овие два спомени, раѓањето и воскресението, е неделата. Затоа, доколку Божик се падне во недела, тогаш на утрената се пеат ирмосите на Велика Сабота: „Волноју морскоју“. Оваа на прв поглед необична мисла, уште во раѓањето и раното детство да се укажува на страдања и распетие, најпрекрасно е изразена во Богородичната иконографија, особено во иконите „Страдална“ и „Умиление“. На првата икона ангелите Му Ги покажуваат оружјата на страдањето на Христос Младенецот, а на другата е Богородица Која Го држи Младенецот Христос, прикажана со натажен изглед заради сеќавањето на смртта на нејзиниот Син. Таа Го привлекува кон себе, а Спасителот како Дете ја чувствува болката и тагата на Неговата Мајка, и ја прегрнува и со љубов ја гледа во очите. Најпосле раѓањето беше заради смртта и воскресението.

Затоа, овој пост е идеална прилика да го направиме првиот чекор. Прегрнувајќи го подвигот на љубовта и молитвата, тоа оружје кое го преобразува нашиот внатрешен човек, да се помириме со Бога и едни со други за да ја привлечеме Божјата благодат во нас. Така ќе располагаме со огромна духовна сила, која ни е многу потребна, доколку сакаме да ги извршуваме добрите дела. Тогаш нашето срце ќе стане благопријатно место за во себе да ги прими мудреците, пастирите, Божјата Мајка – ќе се претвори во место на раѓањето на Христа Младенецот.

Св. Симеон Солунски вели: „Божикниот пост символично го претставува Мојсеевиот пост, кој постејќи 40 дена и 40 ноќи, го прими словото Божјо испишано на камените таблици, а ние постејќи 40 дена, Го примаме Словото на Бога Живиот од Дева, не на камен напишано, туку овоплотено и родено“.

Извор: Бигорски манастир.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк