Connect with us

Македонија

Косовскиот заменик-министер за правда најави посета на осудените за „Диво насеље“

Заменикот министер за правда на Косово, Блерим Салаху најави дека утре ќе ги посети косовските државјани кои се осудени за случајот „Диво насеље“, кои ги служат казните во македонските затвори за настаните од мај 2015 година во Куманово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со Министерството за правда на Северна Македонија, добил дозвола за во четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.

– Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово). Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови, рече Салаху.

Претставникот на Владата во Приштина побара целосно расветлување на случајот и расчистување на дилемите околу тоа што точно се случи во кумановската населба во 2015 година.

– Јас целосно се согласувам со потребата овој случај да се расветли, почнувајќи од прашањата како тие луѓе отидоа таму. Значи, зошто се случи тоа што се случи, кој го организираше?, рече Салаху.

Осум полицајци – припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Вкупно 33 лица обвинети добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.

Македонија

Македонските кардиохирурзи Колев и Џелили се обучуваат за операции во Франција

Кардиохирурзите од ЈЗУ Клиника за кардиохирургија – Скопје, д-р Александар Колев и д-р Кујтим Џелили, престојуваат на Универзитетската болница во Бордо, Франција, каде што посетуваат специјализирана работилница посветена на најсовремените техники во кардиохирургијата.

Под менторство на професорите Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, тие се обучуваат за минимално инвазивни процедури, како и за употребата на роботскиот систем „Да Винчи“ при поправка на митралниот залисток. Во текот на престојот, двајцата лекари имаат практични тренинг-сесии со работа на реални модели, применувајќи дел од најновата медицинска апаратура што се користи во водечките кардиохируршки центри.

„Кардиохирургијата постојано напредува и наша должност е да останеме во тек со новитетите, со цел да им обезбедиме врвен третман на пациентите во Македонија“, истакнува д-р Колев.

Престојот во Франција е дел од континуираните активности за подигање на стандардите и воведување на напредни хируршки техники во домашното здравство.

Continue Reading

Македонија

Се одржа 38. средба на Заедничката историска комисија: Фокус на новите учебници по историја за основците

Во Скопје вчера и денеска се одржа 38. редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, согласно годишниот план за работа.

На состанокот, македонскиот тим ги достави новите учебници по „Историја и општество“ за петто и шесто одделение, по што се отвори дискусија за идниот пристап и методологијата при разгледувањето на наставните содржини. Темата ќе биде дополнително разработена на следната средба.

Во рамките на состанокот беше потпишан записникот од 31. седница, а продолжија и разговорите за усогласување на текстот од записникот на 32. средба.

„Македонскиот тим преку својот проактивен пристап продолжува да гради доверба и да бара одржливи решенија, засновани на взаемно почитување и признавање на правото на различна историска перспектива,“ се наведува во официјалното соопштение.

Следната средба на Комисијата е закажана за првата половина на декември во Софија, каде ќе продолжат разговорите за усогласување на образовните содржини и препораки.

Continue Reading

Македонија

Алиу: Не сме добиле покана од Владата, но нема да ја одбиеме

Демократската партија на Албанците (ДПА) е подготвена да разгледа можност за учество во Владата, доколку добие официјална покана. Ова денеска го изјави членот на Централното претседателство на партијата, Имер Алиу, по одржувањето на Централното собрание.

„Немаме добиено официјална покана, но не би ја одбиле. Ќе разговараме со сите, вклучително и со Владата“, рече Алиу. Тој посочи дека политичката агенда на ДПА можеби не е идентична со онаа на владејачките партии, но дека дијалог треба да има.

Осврнувајќи се на резултатите од локалните избори, Алиу порача дека поразот на ДУИ не треба да се гледа како „национална трагедија“, туку како политички процес што носи нови обврски за тие кои сега се дел од власта.

„Многу ветувања беа дадени. Сега е време тие да се реализираат. Албанската партија во Владата нема простор за изговори и ќе ја повикуваме на отчетност“, истакна Алиу.

На денешното Собрание, ДПА формираше и Координативно тело кое ќе ги води понатамошните активности на партијата. Партијата најавува дека ќе продолжи да врши притисок и надзор врз носителите на функции и на локално и на централно ниво.

ДПА до локалните избори беше дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Лидерот Мендух Тачи претходно тврдеше дека на парламентарните избори таа коалиција била посилна од ВЛЕН, но последните изборни резултати го променија политичкиот распоред меѓу албанските партии.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг