Connect with us

Македонија

3aeв е иcтoријa – Cобранието ја констатираше неговата оcтавка и на Влaдaтa

Published

on

Собранието денеска на седницата за пратенички прашања ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Оставката беше констатирана без премиерот Заев усно да ја образложи. Оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада.

Оставката на премерската функција Заев ја поднесе вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во доставената оставка Заев наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

На премиерската функција Заев беше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Со констатирањето на оставката почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.

Уставот на Република Северна Македонија и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата.

Во членот 93 од Уставот е наведено дека „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. Владата која поднела оставка или на која мандатот и престанал, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Во член 219 од Деловникот на Собранието, пак, стои дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.

Потоа, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.

По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би уследил избор на неговата влада на собраниска седница.

Македонија

Купени 150 луксузни возила за 3,6 милиони евра за време на пандемијата и кризата

Published

on

Низа злоупотреби за време на пандемијата, наместо маски и друга опрема за медицинскиот персонал, средствата биле искористени за други цели. Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница меѓу другото расправаше и за злоупотребите на институциите за време на пандемијата, главно за купените службени автомобили од страна на државните институции.

Податоците со кои располага комисијата се загрижувачки. Претседателката Билјана Ивановска од Антикорупциска вели дека не се само два автомобили кои беа познати во јавноста, туку станува збор за 150 нови автомобили, додека државата не можеше да обезбеди соодветна заштита за сите граѓани. Возилата се со вкупна вредност од над 3,6 милиони евра, односно луксузни возила со поединечна вредност од 20.000 до 40 000 евра за коишто, како што вели Ивановска, не се гледа потреба да се купуваат, особено во време на пандемија.

„Владата треба да донесе одлука за службените возила. Од една страна стега со даноци, а граѓаните ги иритира кога гледаат дека пари се трошат за луксузни возила кои се користат дури и за приватни цели. И кога се работи за службени цели, може да се помине со поевтини возила“, рече Ивановска.

Загрижувачки е фактот што државните институции за време на пандемијата и економска криза, ангажираат правни лица за извршување на работите што треба да ги извршуваат административците кои веќе работат во овие институции. Од Антикорупциска велат дека купувањето службени автомобили и ангажирањето надворешни соработници во државни институции се индиција за корупција

Continue Reading

Македонија

Штом требало да се штеди зошто не се укинат 3 – 4 министерства?

Published

on

На македонската влада и стана навика да укажува дека треба да се штеди. Криза било, морало порационално да се троши, загрижени се министрите.

Мнозинство од граѓаните во Македонија ги земаат на мајтап овие владини апели, барања, опомени… Зошто е така? Зарем населението не ја гледа сериозноста на ситуацијата? 

-Ја гледаме сериозноста на ситуацијата, но не ја гледаме сериозноста на Владата во намерата да штеди, сака само населението да го товари, ни одговори еден аеродромец утрово на прашањето.

Логичниот одговор наметнува друго прашање: Кога ќе следи намалување на бројот на министрите и пратениците, кога ќе се намали администрацијата односно сиот оној „јавен сектор“ кој е прегломазен и прескап?

Така ќе покаже Владата дека навистина таа почнува да штеди. Така ќе се даде пример и другите да штедат.

Впрочем за намалување на државните функционери кои дебело се платени има и друга (дебела) причина – до сега нивната бројка беше планирана за повеќе од два милиони жители, ако веќе се намалило населението (што покажа пописот), треба да се намалат и тие кои и „служат“ на граѓаните на Македонија.

Како за се и текнува на министрите, за ова не им текна?

Има премногу министерства во Македонија. Најмалку 3 -4 треба да отпаднат. Има премногу јавни претпријатија, разни агенции и слично. Сите тие имаат раководни кадри со шофери и секретарки, па дури и советници. Многу управни одбори, па надзорни… Се тоа треба да се намали.

Па нели криза е, а и следела уште поголема? 

Текст на Скопско ехо

Continue Reading

Македонија

Во Арачиново се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра за една година

Published

on

Според пресметки на луѓето вработени во ЕВН кои секојдневно се на терен, околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион само за една година.

Вработен во ЕВН за МКД изјавил дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра.

Според неофицијалните податоци на вработен во ЕВН, во февруари годинава загубите на електрична енергија само во Арачиново изнесуваат околу 80%. Трафостаницата број 6 со број 381145 поради кражба на струја бележи загуба од над 56%.

Трафостаницата број 1 со број 380396 поради кражба на струја бележи загуба од над 65%. Трафостаниците 10, 3, 8 и 9 со соодветните броила бележат загуби од 70% поради кражба на струја, трафостаниците со броеви 5, 4, 2, 13 и 11 со соодветните броила бележат загуба од над 80% поради кражба на струја, трафостаницата број 12 со број 381392 е со рекордна загуба од 96% поради кражба на струја. Сите се на територијата на Општина Арачиново.

Ова се делови од официјалните извештаи на ЕВН за оваа општина.

Или во февруари годинава во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегаватчасови. Тоа значи дека на годишно ниво загубата е повеќе од 20 илјади мегаватчасови. Просечната цена на берзата на струја за еден мегаватчас е 300 евра. Ова значи дека само од регионот на Арачиново вредноста на украдената струја е 6 милиони евра за една година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк