Connect with us

Македонија

Г.Г. Стефан: Само народи кои немаат свое, посегаат по туѓо

Published

on

“Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она коешто, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци.”

Од Божиќното послание на

г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски

Целото послание на поглаварот:

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА –
ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог
Го испрати во светот Својот Единороден Син
за да живееме преку Него1.

Возљубени чеда во Господа,
Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес предвечниот Бог „стана човек заради човекот“2 и „Бог се вочовечи за ние да се обожиме“3. Денес, на овој величествен ден, Милостивиот Господ го ослободи човековиот род од ропството на гревот и му ги отвори вратите на рајот. Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен4. А човекољубивиот Бог5 уште на почетокот го избрал човековиот род за спасение6, посиновувајќи го преку Својот Единороден Син – Господ Исус Христос7, со што дал можност …сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината8. Тоа единство меѓу Бога и човекот било посакувано и очекувано од сите праведни и богољубиви луѓе во старозаветната историја. Уште многустрадалниот Јов копнеел да биде во близина на Бога, воскликнувајќи: О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов! 9 Но дури кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот Син, Кој се родил од Пресвета Дева Марија и како Богочовек го спасил паднатиот во грев човеков род10.

Возљубени празникољупци,
По милоста Божја, еве, и годинава се удостоивме да го дочекаме Празникот на нашето спасение, па затоа да Му благодариме на Бога за непроценливиот дар на љубовта, дарот даден како белег на оние коишто се фалат со Неговото име. Токму во овие денови на празнувања, во време на дарови и во време на прославување, повикани сме да ја побараме смислата на празникот, смислата на дарувањето, смислата на славењето, да ја откриеме пораката не само на човековите обичаи, туку и на човековиот живот, и на неговата определба и цел. Зашто, има ли некаква корист за човекот празнувањето на Божик без Бога? Која е ползата од чествувањето без духовна радост? Божествениот Златоуст вдахновено го осмислува празнувањето: „Бидејќи сите се веселат од радост, и јас сакам да се веселам, сакам да играм, сакам да торжествувам. Но… наместо музички инструменти, ги носам даровите Христови. Зашто тие ми се надеж, тие ми се живот, тие ми се спасение…“11. Ваквото разбирање на празниците, ваквите зборови што придонесуваат за духовен спокој, се вистинскиот начин што ни е потребен во ова време на предизвици. Даровите Христови му ја донесоа на човекот надежта дека ќе празнува со Бога и во Бога и му ја објавија смислата на животот, што ја беше загубил поради престапот на прародителите.
И, еве, во време кога светот ги слуша само оние нешта коишто сака да ги чуе, Светата Црква го крева својот глас и му говори на современиот човек со зборови разбирливи, зборови нови, зборови од неговиот сопствен јазик, но коишто не се во согласност со неговиот начин на живеење. Црквата живее и постои во два света, но својот здив го добива од Небесното Царство, како од вистинска Татковина на секој човек. Ете, таа Црква нè повикува да ја разбереме суштината на Божик, на Божик како празник на Божјата подадена рака, како празник за обновување на човековите духовни сили и празник на возобновените можности на човековата личност.
Поради тоа, на овој ден да си спомнеме и за последниве исклучително тешки години, исполнети со искушенија, предизвици, болки и разделби. Навистина, како човештво се соочивме дека, и покрај големиот технолошки развој посведочен во нашиов животен век, над нас висат катастрофи со кои човекот е премал да се соочи сам… Црквата, таа духовна мајка, преживувајќи ја историската и општествена реалност, му го нуди својот топол глас на современиот изморен и исплашен човек, своето автентично сведоштво дека, сепак, причината за болеста и за распадливоста во човекот е гревот. Болеста, како и секое друго зло во светот, е последица на секој наш грев, на секоја наша неправда што ја нанесуваме, на секоја омраза што ја допуштаме, на секој гневен поглед што го упатуваме…

Возљубени чеда во витлеемскиот Богомладенец,
Во Црквата пееме дека Христос дојде во светот за да ја отстрани оддалеченоста на човекот од Бога, да го разруши ѕидот на поделбата меѓу небесните и земните12. Бог се соедини со човекот, а како што вели свети Григориј Богослов: „Тоа што се има соединето со Бога, тоа и се спасува“13. А Спасителот, Кој е пред нас и со нас на секоја Божествена Литургија, ни се дава како лек за секоја наша болка, како прошка на секое наше прегрешение, како залог за единство во Неговата благодат. Само Тој е моќен, преку овие дарови, да ни ја врати слободата, се разбира, доколку се определиме да Го следиме Неговиот пат.
Во време кога сите бараме и очекуваме промени во овој свет на економска и социјална нееднаквост и на политичка поделеност, воплотеното Слово Божјо е најдобар показател дека промената започнува од личноста. Богомладенецот Христос, Кој во овој свет се покажа како мало и навидум немоќно дете, ја започна најголемата промена во историјата на светот, промена која продолжува до денес и ќе трае до крајот на времето. Нам, како на членови на Неговото свето тело, на Црквата, Тој може да ни ја даде силата и способноста да бидеме и ние почеток и продолжение на промената во светот.
Христос, како Творец на сите, не се открива секому посебно, туку на својата Црква. Христос е Спасител на сите луѓе, и да се биде во Него значи да се биде дел од Неговата божествена заедница ‒ дел од Неговата Црква. Во секое разделено општество, во секоја разделена земја, христијаните се тие коишто треба да го понудат единството и да настојуваат на него, покажувајќи им Го на другите луѓе Оној Кој им дава можност за обединување ‒ не само помеѓу себе, туку и во Бога.
Единството во Светата Црква се остварува преку смирението и преку послушанието, преку согласноста во Светиот Дух. Гласот на полнотата на Црквата, е гласот на Светиот Дух, Кој говори од единството, а не од поединецот. А за да бидеме такви, треба да се облечеме во Господа14, да се удостоиме да учествуваме во Неговата вечна радост15 и да се исполниме со Неговиот божествен мир16. Впрочем, животот на секој вистински христијанин треба да е постојано доживување на Христовиот живот на земјата17. За да го исполниме тоа, треба да сме дос­тојни членови на Црквата, да живееме во Црквата и со Црквата, со која Господ Христос раководи18.
Бог е Оној Кој дава и зема, Кој помага и гради, без Кого залудни се сите човечки напори19. Она што можеме да го направиме за другите во секоја прилика, е да покажеме грижа. Грижата за доброто на човекот во еден свет што лежи во зло, грижата за здравјето на другите во едно време на погибија и на страдање, грижата за насушниот леб на оние кои се во тешкотии и во економска несигурност, грижата за ближниот – тоа е она што ќе го спаси светот и нас со него.
Затоа, и на овој Божик, и во сите дни, заедно со даровите, да подариме и грижа, да подариме и љубов! Милостивиот Бог нека ни дава сила да се покажеме и ние како Христоносни јасли, да ги издигнеме срцата кон небото и да не го забораваме својот призив и својата должност, благодарејќи Му на Спасителот за непроценливиот дар на љубовта, што им го дал како белег на оние кои Го носат Неговото име.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Од нас, како од македонски народ, држава и Црква, во ова време преполно со искушенија, се бара поголема грижа и дополнителна внимателност при решавањето на наметнатите прашања, коишто во последно време некои ги исправија пред сите нас. Да внимаваме, зашто никогаш и никаде не се дошло до вистината со отстапки од своите духовни, национални, историски и културни посебности. Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она коешто, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци.
Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:

Х Р И С Т О С С Е Р О Д И !
Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
со членовите на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и
администратор Австралиско–новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски и
администратор Австралиско–сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско–осоговски

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк