Обединетите Арапски Емирати и Србија потпишаа договор, според кој Белград ќе добие една милијарда долари под исклучително поволни услови, со само три отсто камата, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ, кој е во дводневна посета на ОАЕ, за ТВ Пинк изјави дека според тој договор Србија добива една милијарда долари „под неверојатни услови“, и оцени дека тоа е „практично подарок“.
Вучиќ објасни дека во јануари доспеваат обврските од старите кредити кои Србија треба да ги врати, а за да не се трошат парите што ги има сега, а мора да купува скапа енергија на пазарот, со овие пари се обезбедува целосна ликвидност со солвентноста што ја има државата.
Вучиќ, кој е во посета на ОАЕ на покана на шефот на таа земја, шеикот Мухамед бин Зајед, потсети на одличните односи меѓу двете земји и им се заблагодари на ОАЕ за поддршката.
Според него, секогаш кога е тешко, Србија може да се потпре на ОАЕ.
Тој рече дека Србија ќе добие финансиска поддршка со половина од каматната стапка од онаа по која се задолжуваат западните земји и тоа, како што наведе, е огромна поддршка за домашниот буџет и финансии.
Тој додаде дека членките на ЕУ, како Унгарија и Романија, се задолжуваат со каматна стапка од шест отсто.