Ковчегот на кралицата Елизабета Втора го започна своето последно патување од Лондон до замокот Виндзор, каде што ќе биде погребана покрај нејзиниот сопруг војводата од Единбург.
Стотици илјади луѓе се собраа во Лондон на рутата низ главниот град на Британија за да го кажат своето последно збогум, додека милиони ширум светот го гледаа државниот погреб на телевизија.
Кралот Чарлс Трети и неговите браќа и сестри одеа зад ковчегот додека заминуваше од Вестминстерската опатија по државниот погреб, додека другите членови на кралското семејство патуваа со автомобил.
За време на богослужбата, кралот Чарлс беше видно трогнат и неколку пати за малку ќе заплачеше особено додека се пееше националната химна во Опатијата. Тој во венецот на ковчегот, кој е направен со цвеќиња кои лично ги избрал, стави рачно напишана порака до неговата мајка.
Во љубов и посветено сеќавање, пишуваше во пораката.
По поворката од Вестминистерската опатија до Велингтон Арх во Хајд Парк ковчегот со возило се пренесува до капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор.
Во капелата 15 часот по Гринич ќе се одржи церемонија, по што ќе следи приватна погребна служба на која ќе присуствуваат високи членови на најтесното кралско семејство.
На погребот на кралицата во Вестминстерската опатија присуствуваа околу 2.000 луѓе, меѓу кои и членови на кралски семејства од цела Европа, политичари од сите страни на политичкиот спектар и светски лидери, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.
Кралот Чарлс и кралицата сопруга Камила одеа веднаш зад ковчегот додека влегуваа во готската црква за богослужбата, по што следеа принцезата Ана и нејзиниот сопруг вицеадмиралот Тим Лоренс, потоа принцот Ендрју, а зад него и принцот Едвард и неговата сопруга Софи.
Принцот Џорџ и принцезата Шарлот беа со своите родители, а беа следени од принцот Хари и неговата сопруга Меган и други членови на кралското семејство.
За време на својата проповед, надбискупот од Кентербери Џастин Велби рече дека изливот на емоции за кралицата „произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, која сега ја нема“.
Велби ја опиша кралицата дека допрела „мноштво животи“ и оти била „радост“ за многумина.
– Луѓето кои служат со љубов се ретки во која било област од животот. Водачите кои служат со љубов сè уште се поретки. Но во сите случаи оние кои служат ќе бидат сакани и запаметени кога ќе се заборават оние кои се држат до власта и привилегиите, рече тој.
– Тагата на овој ден – што ја чувствува не само семејството на покојната кралица, туку и целата нација, Комонвелтот и светот – произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, кои сега ги нема, додаде.
Велби, стоејќи во црквата каде што кралеви и кралици се крунисани од 1066 година, исто така рече дека кралицата на својот 21-ви роденден изјавила „дека целиот нејзин живот ќе биде посветен на служење на нацијата и Комонвелтот“.
Тој додаде: „Ретко кога такво ветување е толку добро одржано. Малкумина лидери го добиваат изливот на љубов што го видовме“.
Помеѓу химните испеани на богослужбата, беше изведена и „Господ е мојот пастир“ која се пееше и на свадбата на кралицата со војводата од Единбург во опатијата во 1947 година.
Последен од кралицата во Вестминистерската опатија се прости кралскиот гајдаџија, полицаец од прва класа, Пол Брнс кој ја отсвире традиционалната тажалка „Спиј, мила, спиј“. Беа отсвирени и The Last Post, Reveille и националната химна.
Вечерва во Виндзор ќе се одржи приватен погреб со високи членови на кралското семејство, каде што кралицата повторно ќе се соедини со нејзиниот сопруг, војводата од Единбург.
Последното почивалиште на кралицата ќе биде меморијалната капела на кралот Џорџ Шести, анекс на главната капела каде што биле погребани нејзината мајка и татко, заедно со пепелта на нејзината сестра, принцезата Маргарет.
Ковчегот на Филип ќе се премести од кралскиот свод во меморијалната капела за да биде до ковчегот на кралицата.
Денешниот државен погреб на кралицата Елизабета Втора се смета за најголемата безбедносна операција во историјата на Велика Британија, надминувајќи ја операцијата за платинестиот јубилеен викенд и Олимпијадата во Лондон 2012 година.
Германските власти денеска соопштија дека неколку патници се повредени во напад со остар предмет во брз воз кој патувал од Хамбург кон Виена. Според полицијата од Баварија, инцидентот се случил околу 13:55 часот по локално време додека возот минувал низ градот Регнсбург на пат кон Платлинг.
Полицијата потврди дека четири лица се полесно повредени, а напаѓачот е уапсен на лице место. Во моментот на нападот во возот имало околу 500 патници. Некои медиуми известуваат дека станува збор за напад со нож, додека други споменуваат и употреба на чекан и секира. Германскиот весник „Билд“ јави дека напаѓачот е сириски државјанин.
Хитните служби брзо интервенирале, а возот бил принудно запрен откако патниците ја активирале рачната кочница. Областа околу местото на нападот била оградена додека истражителите ги собирале доказите и проценувале ситуацијата.
Најмалку шест сегашни членки на ЕВропската Унија (ЕУ) не ги исполнуваат Копенхашките критериуми за влез во Унијата, според анализата на три алатки за вештачката интелигенција (ВИ) со кои ја направивме симулацијата. Еден од главните услови за една земја да стане членка на Европската Унија е првин да ги исполни строгите Копенхашки критериуми. Овие критериуми се донесени во 1992 година на конференцијата во Копенхаген и претставуваат суштински услови за секоја земја која сака да се приклучи на Европската Унија. Тие се однесуваат на политичката стабилност, економската функционалност и усвојувањето на законодавството на ЕУ, односно административно-правните критериуми, пишува СДК.
Одговорот на прашањето дали сите сегашни 27 членки на ЕУ дeнес ги исполнуваат овие критериуми го побаравме од алатки за вештачка интелигенција. Анализата ја побаравме според овие насоки:
„Да претпоставиме дека сите сегашни 27 членки на Европската Унија треба повторно да поминат низ процесот за влез во Унијата и при што треба стриктно да се запазат Копенхашките критериуми за пристапување. Анализирај ја моменталната политичка, економска и административно-правна состојба во сите овие 27 земји и дај ни информација кои од нив не ги исполнуваат Копенхашките критериуми“.
Најпопуларната и најпозната ВИ Четџипити (Chatgpt) го даде следниов одговор:
„Ако денес сите 27 земји членки на ЕУ би морале повторно да аплицираат под строгите Копенхашки критериуми, резултатот би бил повеќеслојна селекција. Политичкиот критериум – стабилна демократија, владеење на правото и почитување на човековите права, би бил најтешкиот филтер. Унгарија, поради системско уназадување во судството, медиумската слобода и дискриминацијата врз ЛГБТИ+ заедницата, веројатно би ја загубила шансата уште во првиот круг. Словачка ризикува „унгарско сценарио“ со брзата демонтажа на антикорупциските институции и нападите врз невладините организации и медиумите. Малта е подолгорочно е на удар поради сериозни не решени скандали со корупција и заробени институции, а Полска, која штотуку излезе од шестгодишна санкциска постапка, останува под засилено набљудување“, вели ВИ и продолжува за дугите критериуми.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција изјави дека трговскиот дефицит на Македонија е значително намален, а извозот конечно бележи позитивна стапка. Според него, разликата меѓу извозот и увозот е намалена трипати во споредба со претходните квартали.
– Ако се вратите неколку квартали наназад и ако се направи анализа, ќе се види дека трипати е намалена таа разлика помеѓу извозот и увозот и конечно извозот бележи позитивна стапка – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека стабилизацијата на извозот доаѓа и покрај предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија, која има силно влијание врз македонската економија. Затоа, Владата, како што рече, почнала процес на диверзификација на економското портфолио, со фокус на други индустрии.
– Почнуваме практично да правиме дивергирање на портфолиото во некои други области. Има огромен напредок ако се споредува со кварталите од пред една година – изјави премиерот.
Мицкоски посочи и на позитивните трендови кај индустриското и преработувачкото производство, како и на намалувањето на невработеноста и отворањето нови работни места во последните два квартали.
Според него, растот на Бруто домашниот производ (БДП) меѓу три и четири проценти не е доволен за суштински напредок, и изрази надеж дека ќе се постигне повисок раст меѓу четири и шест проценти на подолг рок.
– Нашата економија не зависи само од домашните перформанси, туку многу и од надворешните. Имајќи го предвид растот на ЕУ, нашите резултати се исклучок, а не правило – подвлече Мицкоски.