Connect with us

Истражување

Истражувања потврдија: Стариот дел на Охрид бил остров, Охридското Езеро пошироко

Published

on

 Стариот дел на Охрид или антички Линхидос бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните. Тоа го покажуваат геолошките и археолошките истражувања направени во рамки на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“.

Проектот го реализираа Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии од Карловиот универзитет од Прага, во партнерство со Германскиот археолошки институт, Геолошкиот институт од Прага и Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешка, како и Заводот за заштита на културно наледство и музеј од Охрид.

Раководителот на проектот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен.

 И тоа не е случајно. Кога подоцна размисливме каде се сконцентрирани најголем дел од археолошките остатоци од доцното бронзено време до доаѓањето на римјаните, заклучивме дека тоа е на просторот од стариот дел на Охрид. Населбите и некрополите од античкиот период се наоѓаат баш на тој простор, бидејќи низината била поплавена, односно била дел од езерото. Согласно тоа, заклучивме дека населбите треба да ги бараме на првиот ред ридови во заднината на рамницата каде ги вршевме и ископувањата на локалитетите, истакна Арџанлиев.

Охридско-струшкиот регион имал бурно климатско минато

Во рамки на археолошките истражувања, додава Арџанлиев, годинава акцентот бил ставен на три локалитети во околината на Охрид: „Петкина нива“ и „Горица“ кај селото Лескоец и „Градиште“ кај Долно Лакочереј. На локалитетот „Петкина нива“ откриена е римска рурална вила, на „Градиште“ населба со хронологија од доцно бронзено време до хеленистички период и кај „Горица“ има хронологија од неолитот, па се до железното време.

Најголем дел од артефактите на сите локалитети се керамички наоди, кои според експертот, се добри за датирање.

– Проектот е мултидисциплинарен, имавме екипа археоботаничари, кои со посебна опрема вршат измивање на земјата и ги собираат сите археоботанички остатоци на земјата, семиња и разни други остатоци со чија помош се врши реконструкција на пејзажот, со што се хранеле луѓето, што одгледувале и слично. Со помош на јагленисани органски остатоци вршиме радиокарбонски анализи во референтни лабаратории каде што добиваме точни дати за секој од слоевите каде што откриваме и археолошки артефакти. Така наместо релативна добиваме аполутна хронологија, каде археолошките артефакти се во апсолутни дати, појасни Арџанлиев.

Целта, според него, е реконструирање на организацијата на населбите во минатото.

– Во рамки на проектот вршиме мултидициплинарни и геолошки итражувања, со чија помош увидовме дека овој крај езерски регион имал бурно, динамично климатско минато. Со реконструкција на тоа бурно минато можеме да ја реконструираме и организацијата на населбите и како луѓето се организирале во минатото да живеат околу езерото и во регионот, посочува соговорникот.

Почетоците на металургијата следен предизвик

Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата.

– Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично, информира Арџанлиев.

Со тоа, нагласува, сакаме да дадеме одговор за појавата на елитата во Охридскиот регион, што покажуваат и откритијата од Архајскиот период (6 век пр.н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна порта.

За да има елита и такво богатство мора да има повеќе ресурси, спомнав земјоделство, сточарство и металургија, но покрај тие ресурси овие луѓе ги контролирале и главните комуникациски и трговски рути. А регионот во тој период претставува своевидна крстосница во овој дел од Балканскиот полуостров, нешто што може да се забележи од поголемиот број некрополи од Архајскиот период, кои се откриени во рамницата северно од Охридското Езеро, во кои се откриени доста богати и значајни наоди. Тоа денеска е Охридско-струшкиот регион, крајбрежје на тогашното поголемо езеро, што геолошки го потврдивме дека постоело, рече Арџанлиев.

Катаклизмичен настан причина за повлекувањето на езерото

Со една геолошка сонда во близина на реката Грашница, додаде, откриле ново палафитно, наколно живеалиште и со тоа се потврдило дека имало некој катаклизмичен настан, како земјотрес, кој придонел таа населба да престане со егзистенција околу 12 век пред нашата ера, во доцното бронзено време.

– Најверојатно со тој катаклизмичен настан дошло до спуштање на тлото во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата. Тие се првични резултати, кои дополнително ќе ги надградуваме и публикуваме, информира раководителот на проектот.

Идните планови се истражувањата да продолжат во Преспанскиот регион

Од проектот произлегле нови прашања на кои археолозите треба да одговорат. Идејата е да продолжат истражувањата и во Преспанскиот регион, бидејќи е најмалку истражен.

– Истражувам една некропола во Преспа од Хелинистички период, локалитет „Гибавица“ кај селото Избишта. И за Хелинистичкиот период имаме некои првични сознанија. Но како за охридксиот регион што кажав дека е тесно поврзан со водостојот на езерото така сметаме дека истото треба да го очекуваме и во Преспа, бидејќи двете езера се како врзани садови и гледаме дека се во корелација. Планираме да продолжиме со геолошките истражувања и да пробаме на некои локалитети да извршиме сондажни истражувања за да имаме две референтни слики на двете котлини да видиме дали стварно се во корелација и дали имало поврзаност во минатото, додава Арџанлиев.

Проектот, нагласи, користи напредна технологија што ја има на располагање арехеолошката наука, која за жал во земјава многу малку е вклучена.

МИА

Истражување

„Документ од 1942 покажува дека во Корча живееле Македонци“

Published

on

Во напис под наслов „Кога документите зборуваат и Боговите молчат, ама не и Бугарите” македонскиот весникот во Албанија „Илинден” објавува допис од 1942 година зачуван во албанскиот државен архив, во кој стои дека во префектурата Корча, во чии рамки е и Мала Преспа, не живеат ниту Бугари ниту Срби.

-Кога зборуваме за атакот кој со децении го прави Бугарија врз Македонците во Албанија со цел тие да се изјаснуваат за Бугари, а во интерес на вистината треба да посочиме дека бројни Македонци во Албанија оставиле свои сведоштва. Од нив многу јасно се гледа дека тие никогаш и никаде не пишувале дека се Бугари, стои во написот.

Напротив, стои понатаму, многу јасно сведочат за нивното македонско национално чувство.

– Во оваа прилика ќе наведеме податок кој говори многу за положбата на Македонците во различните временски периоди. Во книгата „Мала Преспа“ од Гуре Дума, објавена во Скопје во 2005 година на страницата 72 пишува: „До 1930 година, во размената на писмата меѓу печалбарите и домашните се пишувало на македонски јазик, но со грчки букви, а од 1930 до 1945 година, писмата се пишувале на македонски јазик, но со албански букви, наведува авторот на написот.

Се заклучува дека ова доволно говори дека во периодот меѓу 1930 и 1945 година, Македонците во Албанија воопшто не го употребувале бугарскиот јазик, ниту бугарска азбука.

Според весникот, за непостоење на Бугари во Албанија говорат и податоците во многуте документи а дел од нив се наоѓаат во Управата на државниот архив во Тирана.

Се посочува дека еден официјален документ од 7 октомври 1942 година, зачуван во архивот, потврдува дека немало Бугари во префектурата Корча. Во документот пишува „Кралство Албанија – Чест ни е да ве информираме дека, во околината на оваа префектура, нема Бугари, ниту Срби алогени жители, од споменатите”, и е потпишан од заменик префектот Димитер Јовани.

– Се разбира, овој и ваквите документи, како и сведоштвата на Македонците од Албанија не значат ништо за Бугарите, кои со фалсификати и од позиција на членка на ЕУ, успеа со уцени кај албанската власт да издејствуваат да се измисли непостоечко бугарско малцинство во Албанија, констатира весникот „Илинден”.

Continue Reading

Здравје

Вештачка крв првпат е пренесена во човек (Видео)

Published

on

Крв направена во лабораторија првпат е пренесена во човек, а тоа – како дел од новото клиничко тестирање вештачка крв во светот.

Тоа било мало количество крв, за да се дознае како телото ќе реагира на неа. Научниците веруваат дека трансфузијата ќе продолжи да се заснова на дарувањето крв, но тука нивната цел е да се направат ретки крвни групи. Тоа им е најпотребно на оние луѓе кои зависат од чести трансфузии за ретки болести, како што е тн. српеста анемија, каде што ако крвта не е целосно соодветна, тогаш телото не ја прифаќа и третманот не е успешен.

Професорката на британскиот Универзитет на Бристол, Ешли Тој истакна дека во Велика Британија, вообичаено има само 10 луѓе кои можат да даруваат крв на оние кои имаат исклучително ретка крвна група.

Научници од универзитетите во Бристол, Лондон и Кембриџ и Националниот здравствен систем на Велика Британија се занимавале со лабораториско производство на крв. Процесот на производство трае три недели, т.е. додека крвните зрнца не се во состојба погодна за трансплантација.

Во клиничкото тестирање учествуваат две лица, а целта е да се тестира крв меѓу најмалку 10 здрави луѓе. За минимум четири месеци испитаниците ќе примат две дози крв од пет до 10 милилитри. Првата доза ќе содржи природна крв, а втората ќе содржи крв создадена во лабораторија. Научниците очекуваат дека лабораториската ќе биде дури и подобра од природната крв.

Сепак, постојат и одредени финансиски и технолошки предизвици во лабораториското производство на крв. Многу веројатно, ќе бидат потребни уште многу истражувања за да се стигне до потребните количини.

Повеќе информации за вештачката крв и целта за нејзина примена на следново видео:

Continue Reading

Истражување

БУГАРИТЕ ИМАЛЕ ФОНД ЗА ПОТКУП НА МАКЕДОНЦИ, одвојувани и по 5 милиони франци

Published

on

Министерскиот совет на Бугарија во 1890 год., назначува комисија којашто поднесува пропагандна програма која е усвоена од Народното собрание во Софија на 11.11.1891 година.

Ова го открива македонскиот дипломат Стево Симски во неговите дипломатски белешки.

,,За реализирање на посочената програма одвоени биле 5 (милиони) и 500 илјади франци (25% од буџет на Бугарија за 1892 год.).

Наведената сума била искористена и за:


– 2. 500 000 франци, за поткупување видни чиновници на Високата Порта и канцеларијата на дворецот во Цариград;

– 800 000 франци, за поткупување видни чиновници од власта во етногеографска Македонија и

– 150.000 франци за поткуп на чорбаџии во градовите и селата”, пишува Симски во својата Дипломатска белешка од 2015 година.

Колкав е буџетот на актуелната бугарска влада за поткуп во Макеоднија сега не е можно да се дознае затоа што во сегашната пропаганда се вклучени различни државни, тајни и граѓански субјекти.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк