Connect with us

Религија

11 века опстојува манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро

Published

on

Веќе 11 векови на брегот на прекрасното Охридско Езеро, на 29 км од градот Охрид, на една карпа над сините езерски води се издигнува манастирот Свети Наум. Првобитно бил изграден од словенскиот просветител Свети Наум Охридски во 900 година. Манастирската црква им била посветена на светите архангели Михајло и Гаврил. Свети Наум Охридски умрел на 5 јануари 910 година (шест години пред Св. Климет Охридски кој умрел на 9 август 916 година) и бил погребан во Наумовата црква.

Манастирот Свети Наум бил изграден во периодот кога со доаѓањето на словенските просветители Сети Климент и Свети Наум, ученици на Светите Кирил и Методиј, овој крај станал центар на Словенската писменост, духовност и култура, во крајот на 9 и почетокот на 10 век. Со доаѓањето на Свети Климент (во 886 година) и на Свети Наум (во 900 година) во охридскиот крај, овде започнува големата епоха на словенската преродба и создавање на ново културно жариште, почнува златниот век на словенската писменост и култура. На тој начин во подоцнежните децении, овој словенски центар на почвата на средновековна Македонија ќе има мошне големо влијание врз писменоста и духовноста на словенските народи, влијание кое се ширело се до Киевска Русија и Владивосток и подрачјето на Пацифик на источна Азија.

Бројни преданија укажуваат врз фактот дека најголемиот соработник на Свети Климент, Свети Наум се занимавал со благотворна работа, со лекување. За ова наоѓаме потврди низ пушуваниот збор и сликарските дела – на иконите и фреските – посветени на дејноста на Свети Наум Охридски и неговите чуда, кои во народната традиција и денес се мошне популарни и се прераскажуваат.

Проф. Димче Коцо  откривајки ја првобитната Наумова црква, скоро една деценија по епохалното археолошко откритие на Климентовиот манастир во Плаошник во стариот дел на Охрид, реши една нова епохална загатка. Загатка која со децении беше присутна во проучувањата на ова македонски светилиште во текот на 19 и 20 век кај видни балкански и европски научници. Дотогаш проучувањата на Наумовиот манастир се вршеа врз основа сиромашни пишувани извори.

Во науката се познати две словенски житија посветени на Свети Наум. Научните истражувања на проф. Димче Коцо, на Наумовата црква, кои ги започнал во август 1955 година, а продолжија во наредните години, покажаа дека сегашната црква лежи врз темели на една постара црква. Остатоци пак на првобитната црква, по археолошките ископувања и извршената конзервација, повторно беа затрупани. Врз нив е направен нов под, на кој основата на првобитната црква е означен со црн и со бел мермер. Така денес на посетителите на Наумовиот манастир им се пружа прилика да добијат поодредена претстава за првобитниот изглед на Наумовата црква.

За остатоците на Наумовата црква се постави и прашањето за улогата на Климентовата црква Свети Пантелејмон во Охрид во овој најран период на македонската средновековна архитектура. Проф. Димче Коцо соопштувајки ги резултатите од своите проучувања, заклучува дека Климентовата црква Свети Пантелејмон во стариот (ритчест) дел на Охрид послужила како образец за градењето на Наумовата црква, а и за други (триконхосни цркви градени во основата во облик на детелина) во Македонија од овој период, а и во наредниот период. Заклучокот е дека Наумовата црква посветена на Светите архангели Михајло и Гаврил и Климентовата црква Свети Пантелејмон во Охрид биле првите словенски споменици на црковната архитектура за кои се знае во охридскиот крај.

Археолошките ископувања што започнаа во 1955 година, а продолжија подоцна, помогнаа да се расветли и загатката на 

Наумовиот манастир. Првобитната црква во турскиот период била урната. Ископувањато овозможија да се дознаат и редица интересни податоци за доградувањата на црквата во текот на подоцнежните векови. Утвредено е дека промените биле такви, така што наполно бил изменат првобитниот изглед на Наумовата црква.

За повеќе векови на минатот постоеја и постојат празнини за историјатот на манастирот и манастирската црква Свети Наум. Оваа празнина воедно се однесува и на урбанистичкиот изглед на манастирскиот комплекс со сите придружни објекти. Најголем број податоци за манастирот Свети Наум има за 19 век. Имено, сознанијата на истражувачите на манастирот Свети Наум се збогатија во осумдесеттите години на 20 век. Тогаш во научната јавност беше презентиран летописот за манастирот Свети Наум, кој во 1972 година од охридскиот свештеник Фоти Масин го откупи Историскиот архив на Охрид. Желбата на свештеникот Масин била овој ракопис додека е жив да не се публикува.

Летописот е пушуван во втората половина на 19 век од роднините на семејството Масинови од тогашниот секретар и учител во манастирот, Наум Димитрија Петру. Овој документ претставува мошне значаен извор за историјата на манастирот. Петру на должност секретар на манастирот Свети Наум бил поставен во 1855 година. Тој наедно бил учител во манастирот и свештеник и се грижел за економската состојба на манастирот. Значи, станува збор за автор на летопис од кого од прва рака изворно се дознава за многу случувања поврзани за манастирот Свети Наум. Во тој контекст од посебно значење е студијата на д-р Наум Целакоски за летописот на манастирот Свети Наум, прв пат објавена во Зборникот „Наум Охридски“.

Гробната капела на Свети Наум Охридски содржи три големи циклуси на фрескосликарството кои се завршени во 1800 година. 

Во првата зона се наоѓа и композицијата „Успение на Св. Наум Охридски“, кој инаку му припаѓа на циклусот на Наумовите чуда прикажани во втората, средната зона на капелата. Претставите на илустрираниот живот и на чудата на Свети Наум се обликувани според сваќањето на охридската средина во 18 век. Меѓу композициите што го сочинуваат циклусот на животот и чудата на Свети Наум во гробната капела во најновите истажувања најголемо внимание привлекува композицијата „Успение на Свети Наум Охридски“. Опелото на Светителот се извршува пред насликаната архитектура на манастирскиот комплекс. Самата структура пак на композицијата е мошне блиска на прикажувањето на „Успението на Богородица“. Починатиот Свети Наум е положен на одар, а опелото го извршуваат словенските учители Методиј и Кирил, Климент и Горазд, кои се распоредени околу одарот. Меѓу насликаните фигури над одарот се појавува уште една фигура на млад ѓакон, без брада и мустаќи, а со кадилница на десната рака. Тој инаку не е насликан во претставата на „Седумчислениците“ во припратата на Наумовата црква. Како што доаѓа до заклучок д-р Цветан Грозданов, автор на капиталното дело монографијата за манастирот Свети Наум, намената е на идните генерации проучувачи и љубители на македонското средновековно сликарство, зографот Трпо во сцената на „Успението на Св. Наум“, вклучил и лик на уште еден ученик на Светите Кирил и Методиј, поточно ликот на Лаврентиј, кого охридскиот архиепископ Теохилакт го споменува во опширното житие на Св. Климент Охридски.

Во втората зона на Наумовата гробна капела се развива циклусот на животот и чудата на Св. Наум Охридски, кој веќе со споменатата композиција на „Успение на Св. Наум Охридски“содржи вкупно десет сцени и претставува циклус со најголем број на теми илустрирани во ѕидното сликарство во Македонија посветени на Свети Наум. Почнувајки од северната страна споменатите сцени една по друга се насликани по следниот ред: “Впрегнување на мечката во јаремот“, „Вкочанување на монахот што се обидел да го открадне телото на Свети Наум од неговиот гроб“, „Лекување на нернво заболени“, „Крадецот на коњот кој зората ја затекнува пред вратите на манастирската црква“, „Царот Михаил го осудува Свети Наум,“ „Свети Наум го водат во затвор“, „Крштевање на ќерката на царот“, „Казанот остава впечаток во каменот“ и „Свети Наум ги прогонува Богомилите“.

Пет сцени од циклусот на животот на Свети Наум – “Впрегнување на мечката во јаремот“,„Вкочанување на монахот“,„Лекување на нервно заболени“,„Крадецот на коњот“ и „Ведрото остава впечаток во каменот“  и може да се каже дека се насликани според верувањата за чудата на Свети Наум што настанале и се пренесувале од генерација на генерација во кругот на манастирот и во соседните села и населби. Преданијата за Свети Наум имаат долга традиција кај населението околу манастирот и пошироко. Во нив Свети Наум повеќе е познат како чудотворец. Тој прави разни чуда: впрегнува мечка во јарем, наместо волот, кој пред тоа мечката го изела, лекува разни рани и болести, ги казнува крадците…

Секако најпопуларно е преданието за кротење на мечката од страна на Свети Наум, кое кај месното население се разкажува во повеќе варијанти. Наумовото чудо со мечката е прикажано на икони, фрески, а и во рељефи. Но, и она што паѓа во очи е фактот дека ликовните решенија не се поклопуваат, односно не се идентични со познатите варијанти на преданието за мечката и волот. Имено, на фреските во манастирот Свети Наум ова чудо ликовно е обликувано како вол и мечка впрегнати влечат мала кола, со две тркала, какви што и денес се сретнуваат на падините кон Охридското и кон Преспанското Езеро, на планината Галичица

Колкаво значење му се придавало на Наумовите чуда со мечката може да се потврди со изложениот музејски експонат во еден од конаците на манастирот на Свети Наум, каде се чувала пополната кожа на големата мечка. Повеќе преданија на Свети Наум се поврзани со неговата моќ за лекување на рани и разни болести. Особена способност, според народното предание, Свети наум имал при лекување на парализираните делови на човечките тела и тоа: делови кои се сушеле, кои биле немоќни или безживотни. Посебно место меѓу Наумовите чуда, во народната традиција, зазема неговата моќ за лекување на душевно заболените лица.

Игуманот Гаврило, далечната 1662 година, во манастирскиот комплекс на Свети Наум, изградил болница за лекување на душевно заболените лица. Оваа болница се наоѓала до гробната капела на Свети Наум. Се верувало, а и денес се верува дека лековита моќ имал не само Свети Наум, туку по неговата смрт и неговиот гроб во манастирската црква.

Во Турскиот период, во текот на голема селидба на Балканските православни народи (Македонците, Србите и другите) во Унгарија, во Сетандреа и во другите крајбрежни населби на реката Дунав, биле пренесувани сеќавањата за чудотворната моќ на Свети Наум Охридски и Свети Климент Охридски и биле пренесувани и обичајите од родните краишта на Балканот. На прашање “Која Слава славите?“, денес од православните жители во Унгарија може да се добије и одговор: “Го славиме Свети Наум“, или: “Го славиме Свети Климент“.Авторот е новинар на “Нова Македонија” во пензија

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк