Connect with us

Религија

Слепченскиот манастир чувар на македонската култура и јазик преку изучување на тајните монашки записи

Published

on

Сместен под пазувите на планината Илиница, над селото Слепче, во општината Демир Хисар, Слепченскиoт манастир е верен чувар на македонската национална култура и јазик. За да го зачува книжевното наследство, како еден од најбогатите книжевни центри во минатото, не само во Македонија туку и на Балканскиот Полуостров, сестринството на манастирот, предводено од игуменот Серафим, веќе неколку години ги враќа ракописите во дигитална форма. Во исто време детално се изучуваат јазичните особености на ракописите, а и се расчитуваат тајните записи што ги оставале претходните монаси. Така се утврдуваат зачувувањето и продолжувањето на Светиклиментовата книжевна традиција, а и самата историја на манастирот.

Слепчанскиот манастир ,,Св. Јо­ван Пре­те­ча“

Слепченскиот манастир ,,Св. Јован Претеча“ во минатото на македонскиот народ бил најзначајниот активен книжевен центар и скрипториум на Охридската архиепископија. Во него на најавтентичен начин се негувала Светиклиментовата писмена и литургиска традиција. ,,Св. Јован Претеча“ е еден од ретките манастири во кои се богослужело исклучиво на словенски јазик. Не случајно манастирот располагал со богата ракописна збирка со словенски и оригинални византиски ракописни книги.

Варлаамов Пролог, 16 век

Според академикот Ѓеорги Поп Атанасов, раководител на Институтот за книжевно наследство при МАНУ, Слепченскиот манастир бил еден од најбогатите книжевни центри не само во Македонија туку и на Балканскиот Полуостров. Слепченската книжевна школа доживува најголем подем за време на игуменот Серафим, кога на престолот на Охридската патријаршија седи архиепископот Прохор, кој имал словенско потекло и кој безрезервно ја поддржувал просветната дејност на манастирот. Тој и самиот порачувал ракописни книги не само за катедралната црква на архиепископијата туку и за сите цркви што спаѓале под нејзина управа. Во некои слепченски ракописи овој охридски архиепископ оставил и автографски записи.

Запис на св Кипријан Слепченски во Слепченско Четвороевангелие, од 16 век.

Со благослов на игуменот Серафим, овде, во 16 век, дејствувале познатите слепченски книжевници, јеромонасите Висарион, Матеј, Пахомиј, Сисој и други, кои меѓу другото биле и извонредни калиграфи. Од овој период се зачувани мошне значајни ракописни книги: украсни четвороевангелија, паренезиси, панегирици, псалтири, минеи, октоиси, литургиски и монашки зборници, богословско-филозофски зборници, таканаречените познати стиховни пролози, кои како жанр првпат се среќаваат во овој манастир, од перото на јеромонахот Висарион.

По барање на Прохор, за потребите на Великата охридска црква, јеромонасите Висарион и Сисој во 1544 година напишале една палеа, т.н. „Библиски книги (осмокнижие)“, која денес се чува во Московската библиотека, во збирката на Григорович. Исто така, по негова нарачка биле пишувани зборници со творби на Св. Дионисиј Аеропагит, Св. Јован Дамаскин и Св. Григориј Палама. Меѓу ракописното богатство на манастирот посебно место зазема познатиот „Слепченски апостол“ од втората половина на 11 век, кој претставува единствен зачуван препис на Кирилометодиевиот превод на Апостолот на словенски јазик. Тој е пишуван со убаво кирилско писмо врз пергамент и има 154 листа. Како таков, целосен Апостолот бил во манастирот во Слепче до 1845 година, сѐ додека не го посетил рускиот колекционер Виктор Григорович. Во текот на 19 век тој бил изнесен од манастирот, дел по дел, па денес е поделен во повеќе странски библиотеки, во Москва, во Ленинград, во Киев, во Пловдив.

Денес во манастирот не е зачуван ниту еден лист од оваа книжевна реликвија, но за да го зачува своето културно книжевно наследство, сестринството на манастирот, предводено од игуменот Серафим, пред неколку години започна проект на враќање на ракописите во дигитална форма, следејќи ги препораките на академик Ѓеорги Поп Атанасов. Со негова помош се пристапи и кон детално изучување како на јазичните особености на ракописите така и на расчитување на тајните записи што ги оставале претходните монаси. Со првото се утврдуваат зачувувањето и продолжувањето на Светиклиментовата книжевна традиција, а со второто самата историја на манастирот.

Номоканон на Матеја Властер, 14 век

Многу е значаен и Слепченскиот фрагмент од триод од 11 век. Тоа е пергаментен лист од цветен триод што е најден во манастирот. Текстот во фрагментот е пишуван во две колони. Правописот е двоеров и двојусов. Овој фрагмент е интересен од музичка гледна точка, бидејќи во него на две места се наоѓа самостојна употреба на нотниот знак ,,тита“. Со оглед на тоа дека станува збор само за фрагмент од еден лист, мошне веројатно е во целиот текст на ракописот овој знак да се среќавал и во комбинации со други нотни знаци. Денес фрагментот се наоѓа во Русија.

Стиховен Пролог, јеромонах Висарион Слепченски, 16 век

Во Софиската народна библиотека, под бројот 1.037, се чува Слепченскиот патерик, кој датира од 14 век. Тој претставува збирка на посебно издвоени поучни места од животот на светителите, пустиниците, монасите отшелници, примери на обратени грешници, заради духовно надградување и усовршување на браќата.

Украсно Слепченско евангелие , 16 век

Многу значајни за историјата на манастирот се Слепченските поменици. Најстариот од нив е пишуван некаде пред 1544 година, од познатиот слепченски книжевник Висарион. Во 1845 година ракописот е земен од В. Григорович и е однесен во Русија. Тој има 190 листа и се чува во Државната научна библиотека во Одеса, под бројот 91(40). Друг Слепченски поменик од 16 век сега се наоѓа во Софиската народна библиотека, под бројот 1.015, со 82 хартиени листа. Во истата библиотека се чува и трет Слепченски поменик, пишуван во периодот меѓу 1792 и 1832 година. Поменикот има 190 хартиени листа. Овие поменици, покрај имињата, содржат и мошне интересни записи во врска со историјата на манастирот.

Фрагмент од Охридска Палеа,( Осмокнижие, Библиски книги)16 век

Мошне е интересен и Слепченскиот писмовник, кој исто така датира од 16 век, од раката на Висарион Слепченски, а претставува еден вид збир на обрасци на писма за обраќање до посебни личности, до епископ, до игумен, до монах, до султанот и слично.

Фрагмент од Слепченски Апостол, 11 век

Исто така со голема вредност е и слепченскиот препис на Номоканон на ,,Матеја Властар“, зборник со правна содржина, во кој се соединети нормите на црковното и световното право. Овој словенски превод е направен набргу по неговото составување, односно во 14 век. Притоа, во тој превод има и текстови што ги нема во грчкиот оригинал, како и список на архиепископиите и митрополиите што спаѓаат во диецезата на Цариградската патријаршија.

Фрагмент од Слепченски Патерик, 14 век

Од 1563 година датира ,,Диоптрата на Филип Монотроп“, која во словенските ракописи се нарекува ,,Зерцало“ или ,,Огледало“, пишувана од слепченскиот јеромонах Матеј.

Фрагмент од Цветен Триод , Слепче 11 век

Денес манастирот ја продолжува својата вековна традиција, која има корен во делото на светите браќа Кирил и Методиј, а покрај тоа врши и постепена дигитална реституција на црковното книжевно наследство. Покрај ова, се објавуваат и нови книги со духовна и поучна содржина, чии автори се членовите на манастирската заедница. Се преведуваат книги и се составуваат духовни песни, кои засега се сместени во четири книги, под насловот ,,Манастирски води“, се пишуваат нови акатисти и служби на светители, се пишуваат нови тропари за светители што досега немале свој посебен тропар, а кои ќе бидат сместени во повеќетомното издание на новиот Слепченски пролог со химнографија, проследени со западна и источна нотација и кратки проложни житија за секој светител од денот, и кои ќе може да се користат и како синаксари на утринската богослужба.

Нова Македонија

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк