Connect with us

Религија

Денеска е Преподобен Антониј Велики – Честит именден Антонио и Антонија!

Published

on

Египќанец, роден околу 250 година во некое село Кома, близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството.

Најпрвин, се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне обеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестана молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи со неискажливо трпение демонските искушенија.

Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на светиот Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес.

Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска подржавачи и ученици. Иако беше некнижевен, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше свети Атанасиј Велики. Кога некои елински философи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени, философите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј.

Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси и само така можеше да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, свети Антониј се упокои во Господа во 335 година.

Именден празнуваат: Антонио, Антонија.

Оригиналната форма на ова име е Antonius. Името има латинско потекло. Името го означува оној што е од родот на Антониите и има етрурско потекло. Според други толкувања името значи „скапоцен“, „бесценет“.

„Антониј“ всушност е римски назив на оригиналното потекло на грчкиот збор „антео, антао“ што во превод значи „подготвен за борба, конкуренција“.

Женската верзија од ова име е Антонина, Антонија. Таа означува бесценета, скапоцена. Има повеќе варијанти од ова име: Антонина, Антоанина, Антоанета.

Светецот Преподобен Антониј Велики се празнува на 30 јануари. Свети Антониј е роден во Среден Египет, во 251 година. На 20-годишна возраст остана без родителите. Мораше да се грижи за останатото богатство и за својата помала сестра.

Еден ден во црква ги слушна зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот и раздај го на сиромасите и ќе имаш ризница на небото, па дојди и врви по мене, па го раздаде имотот, а со малиот остаток ја згрижи сестра си и го започна подвижничкиот живот. Целиот негов живот стана исполнување на овие зборови.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк