Connect with us

Религија

Духовно светилиште – Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, парче рај во Македонија (Фото и Видео)

Published

on

Ако патот ве носи кон Крива Паланка, во кој било ден или доба од годината, неодминлива дестинација за уживање во благодатите на раскошната природа, во пазувите на столетната дабова шума на Осоговската Планина е вековното духовно светилиште, манастирскиот комплекс свети Јоаким Осоговски. Лоциран е на околу два километри од центарот на Крива Паланка, а до него водат два асфалтирани патни правци, едниот постар и не многу стрмен, другиот нов, со блага угорница, но од каде и да тргнете, одмориштата со видиковци од каде ќе ја набљудувате панорамата на градот се попатни станици, а оттука, до манастирот – ќе ве води „звукот на тишината“, кој е еднаков на оној со кој капката утринска роса се слизнува од оросените планински цвеќа во близина.

Осоговскиот крај го празнува својот заштитник Свети Јоаким Осоговски –  Сарандапорски | Сител Телевизија

Историјата на манастирот започнува со доаѓањето на свети Јоаким Осоговски овде, на овие простори, и како што се вели во неговото житие: „Дојде како ѕвезда, многу светла, од запад, кон исток“. Животот го поминал во бдение, пост и молитва, а се упокоил во 1105-та година, а педесет години по неговата смрт, еден свештеник по име Теофан, воден од светиот дух дошол од Овче Поле за да ги извади моштите и ги наоѓа моштите. Тој, воедно, е и градител на малата црква сега посветена на Рождество на Пресвета Богородица, раскажа отец Александар Смиљков, архиерејски намесник на Кривопаланечкото  архиерејско намесништво.

Основањето на манастирот

Освен житието на св. Јоаким Осоговски науката не познава други пишани документи и извори за основањето на манастирот. Житието на св. Јоаким е зачувано во преписи од XV век наваму. Преписите се менувани и дополнувани со настани, случки и епизоди од животот на светителот. Најстариот препис на житието се чува во Синодалната библиотека во Софија и датира од XV век. Житието повеќепати е објавувано и тоа според ракописот од XVI – XVII век, од В. И. Ламански во Санкт Петербург во 1864 г. од С. Новаковиќ во Белград во 1867 г., од академик Јордан Иванов во Софија во 1931 г., од Теодосија Леков во 1789 г. во Хиландар и од Д. Маринов во Софија во 1900 година. Последната верзија ја отпечатил архимандритот Кесариј (игумен во манастирот) во 1912 г. во Софија. Според житието, Господ решил да го возобнови и подигне местото на св. Јоаким Сарандопорски во времето на византискиот цар Манојло Кемин.

Манастир Св. Јоаким Осоговски... - Убавините на Р Македонија / The beauties  of the Republic of Macedonia | Facebook

На Бога му било угодно самиот чин на градба да ја изразува промислата и полнотата на словото. Затоа овоземниот живот на св. Јоаким Осоговски била доволна причина со божја промисла да се оствари словото на лобосот на ова парче света земја, во конкретен облик црква, светилиште, манастир. Промислата сакала манастирот да не биде ничија задужбина, а самиот св. Јоаким да биде ктитор на својот манастир.

Артикулацијата на овој свет градителски чин била предодредена преку свештеникот Теодор од Овчеполско. Тој во сон преку Божјо видение ја примил врз себе светата и кратена цел.

„Господе мој, слушнав за светиот отец наш Јоаким, кој живее во пазувите на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, со неговите свети молитви и со Божјата помош и мене кутриот ми се посака на ова место и со неговите молитви Господ и нашите чекори да ги упати кон исполнувањето на Божјите заповеди“

„Оди чедо, со мир Божји, со благодати“.

„Се разбуди Теодород сонот и разбра какво видание и каков благослов прими, го прослави Бога и светиот и не кажа што виде. И дојде пак во спомнатото место, се насели таму и рече: Овде е покојот мој за цел век, овде ќе се населам бидејќи го засакав ова место“. По малку време откако Теодор се замонашил и го добил името Теофан како прв игумен, со помош на месното население ја изградил првата манастирска црква. Чинот на основањето на Осоговскиот манастир се случил така како што било запишано. Педесет години од упокојувањето на светителот, неговите мошти Теофан ги поставил во саркофаг во внатрешноста покрај западниот дел на црквата, каде што и ден денес ја искажуваат својата исцелителна и лечебна моќ. Така во овој дел од македонската земја се појавил непресушен вруток на духовно јадро околу кое X века пулсира црковниот, духовниот и културниот живот во Кривопаланечко и пошироко со и низ манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Некои фрагменти од житието, како оној дека игуменот со калуѓерите ги пеел часовите пред црквата, се искористени од С. Новаковиќ и од некои современи автори за тезата дека првично бил изграден мал храм. Кој е тој мал храм? Од денешните два храма помалиот е посветен на Света Богородица, а не на Свети Јоаким Осоговски. Претпоставка е дека пред изградбата на Големиот храм посветен на св. Јоаким Осоговски (1847/51) год. под темелите се наоѓа во првиот храм на св. Јоаким Осоговски. Археологијата и воопшто науката сè уште ја немаат дефинирано оваа претпоставка. Дали со основањето на манастирот во XII век се изградени два храма и кај е првоизградената? За ова сè уште нема одговор. Како и да е, најстар црковен објект денес во манастирскиот комплекс е црквичката Рождество на Пресвета Богородица која датира од XII век. Манастирот Св. Јоаким Осоговски се наоѓа на неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен во прекрасните падини на Осоговските Планини во месноста Бабин Дол. Првичната локација според житието се вика Манастирски Рид.

Двата храма, едниот посветен на св. Јоаким и другиот на Света Богородица се сместени на пространо и питорескно плато со камбанаријата. Географската диспозиција на двата храма, како и разиграноста на придружниот архитектонски ансамбл, го прават еден од најмонументалните манастири на Балканот. Со основањето, манастирот Св. Јоаким Осоговски станал дел од историските текови на животот, дел од вечната смисла на животот на кривопаланчани и на нивната заветувана света должност на својот патрон и заштитник да му изградат манастир и да му воспеат химна на вечното животворно слово. Вистинскиот храм ги сплотил луѓето низ векови и им дал надеж во допирот со вечноста.

Фреска на св. Јоаким Осоговски во карпа во Осоговскиот манастир
Фреска на св. Јоаким Осоговски во карпа во Осоговскиот манастир

Подоцна, откако се појавила потреба за изградба на поголема манастирска црква, Хаџи-Стефан Белички, богат трговец од Крива Паланка, дошол и започнал со изградба на големата манастирска црква посветена на свети Јоаким. Манастирот е граден во периодот 1847 до 1851 година. Моштите на светецот се зачувани тука, а истите, како што споменавме, ги пронашол монахот Теофан и биле положени во саркофаг, каде и ден денс се наоѓаат, додава отец Смиљков. Бројни верници од сите краишта на Македонија, Балканот, Европа и светот, доаѓаат во посета на манастирскиот комплекс, што е духовен рај, а моштите на светецот Јоаким Осоговски се место каде некои од верниците одлучуваат и по малку да преспијат, верувајќи дека им носи благослов, благодат и мир.

Осоговски манастир — Википедија
Манастирот во почетокот на XX век

Не ретко, оние што слушнале за чудотворните мошти на светецот, од преданијата, до ден денес, но и сите оние со цврста и силна верба во Бога, доаѓаат во манастирот да донесат дарови, молејќи се за здравје и излекување од болести. Еден од нив е и Дојчин Спасовски, кој случајно го сретнавме при посетата на манастирот. Дојдов пред празникот Успение на Пресвета Богородица, да се помолам за здравје на мојата сопруга, болна е, моите ќерки, пак, се уште немаат пород, па се молам на светиите, носам дарови, за да ми ги услишаат молитвите, вели чичко Дојчин.

А низ целата година, река посетители се слева во манастирот, од Русија, Соединетите Американски Држави, Бразил, Финска, Шведска, Шпанија, Франција, Словенија, Холандија. Некои се восхитуваат на природата и благодатите, други на сакралноста на секој камен вѕидан во конаците, црквите, во портите и капиите, во ѕидините, трети-едноставно го впиваат секој атом кислород на воздухот што има неверојатна, благопријатна свежина на 800 метри надморска височина.

Во кругот на манастирот се наоѓа и хотел „Манастир“, со кој раководи епархијата, а истиот располага со капацитет од 96 легла, распоредени во повеќе едно, две и повеќекреветни соби, различни по големина, но со иста убавина-поглед над манастирот. Посетителите можат покрај природата и духовноста, да уживаат и во вкусните специјалитети  и традиционални рецепти, се до десерти и пијалоци до поднебјето на Крива Паланка и Кривопаланечко кои се служат овде, а не ретко, многумина се одлучуваат тука да ги прослават најзначајните моменти од нивниот живот, свадби, крштевки, родендени.

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД МАНАСТИРОТ СВ. ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ) Убавините на Македонија:  Свето место во прегратките на дабова шума

Во екот на празнувањата што претстојат, големиот празник Успение на Пресвета Богородица и 29-ти август, чествување на споменот на Јоаким Осоговски, речиси и да нема слободно место во хотелот. Одговорните велат, така е во текот на целата година, без оглед на годишното време и период, едноставно, постојано се вгостуваат и испраќат туристи. Изминитите десетина месеци бројот на гости што минале во нашито хотел се речиси десет илјади, а сите, едногласно, заминуваат со полно срце и душа, со слики и спомени за раскажување, велат од управата на хотел „Манастир“.

Еден од повпечатливите примери е оној на младиот американски студент Рејмонд Франсоа, кој импресиониран од убавините што ги доживеал во местото, во Крива Паланка, кај домаќинот волонтерот Кајл Бутчер и фамилијата Ристовски, кај  гостопримливите соработници од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ и семејството Белешковски, решил да го истетовира знамето на Република Македонија на својата рака.

Манастирот е особено свечен, во предвечерјето на празнувањата на големите 28-ми и 29-ти август. Се е подготвено за големиот црковно-народен собир на 28-ми вечерта, кога за сите посетители, верници и добронамерници  ќе биде отворен и стариот манастирски конак, каде ќе се служат вечера и појадок. По литургијата на 28-ми ќе биде осветена и обновената костурница под камбанаријата во склоп на манастирот. Ова е костурница во која се положени над двесте мошти од монасите од постоењето на манастирот до денес, рече митрополитот кумановско-осоговски, г. Јосиф.

Вели, ова е единствена костирница од ваков тип во Македонија, која има собрано толку многу мошти од монаси, од различни периоди. Моштите се извадени до дупка на длабочина од 7,5 до 10 метри длабочина, есхумирани се и положени во обновената костурница, која е и ново-фрескоживописана. Истите се добро сочувани, бидејќи во дупката беа поместени под карпа, каде земјата беше сува и не биле подложни на атмосферски влијанија. Покрај мошти, пронајдени се и други материјали, разни крстови, богослужбени предмети и друго, кои се делумно сочувани во првобитната форма, додава владиката г.Јосиф.

Скали во Осоговскиот манастир

Рече дека на секоја задушница ќе се служи панихида во костурницата. Инаку, манастирот е единствен во државата кој има и свое противпожарно возило, а го опслужуваат пожарникари од Територијална противпожарна единица, Крива Паланка. Исто така, манастирот располага и со сопствена механизација за одржување на околните локации и патните правци во текот на годината. На денот на патрон-светецот на манастирот, св.Јоаким Осоговски, 29-ти август, со светата Божествена литургија  ќе богослужи архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение со митрополитото кумановско-осоговски г.Јосиф, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф и епископот хераклејски Климент.

Ако се уште не сте одлучиле каде ќе го поминете празничниот ден, или каде ќе минете денови за одмор, макар и со викенд патување, не пропуштајте да бидете и вие дел од оние кои не штедат зборови во пренесување на сопственото позитивно искуство поминато овде, во парчето рај на земјата, на македонско, Кривопаланечко тло, на битот од каде се започнува, вербата во Бога и љубовта, кон природата и човештвото.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк