„Пиеме апчиња за смирување пред средбите со македонските историчари”

Кога членовите од бугарскиот тим во заедничката историска комисија треба да се сретнат со македонските колеги задолжително земаат таблети за смирување, вели бугарскиот историчар Кирил Топалов, кој е дел од бугарскиот тим.

Во интервју за БНР, тој говори, како што вели, за проблемите што ги имаат со македонските колеги.

– Ти им велиш дека 2 и 2 се 4, а колегите ти велат дека се 5. Што да очекуваш освен да губиш нерви. Ни велат дека Самоил бил македонски цар, а не бугарски. Кога ги прашавме што значи тогаш камената плоча во Битола не знаеја што да одговорат. Некои од медиумите дури објавија дека тоа не е вистинската плоча, туку дека Бугарите ја направиле. Многу е тешко да се зборува со македонските колеги, се пожали Топалов.

Според него, кога зборуваат за различни прашања, како на пример Охридска архиепископија која што ја основал Василиј Втори и ја нарекол „архиепископија на цела Бугарија“, македонските колеги им велеле дека треба да настапуваат мултиперспективно, што значи дека секоја од страните може да ги толкува историските настани како што сака.

– На прашањето дали може за едно бело платно ако го гледаш мултиперспективно да кажеш дека е црно, ни рекоа „да“, ако имаш аргументи“. Ете такви разговори водиме со нив, изјави Топалов – пренесува Слободен Печат.