Антонија Марополо, хемиски инженер од Национален технички универзитет во Атина, во ексклузивно интервју за дневниот весник „Дневник“ открива како течел процесот на отворање на светиот гроб на Исус Христос во Ерусалим. Марополо сведочи и за моментот кога престанале да работат мерните инструменти кои биле поставени во внатрешноста.
Во продолжение текстот од Дневник
Чувствував нешто што не може да се опише со зборови. Kако може да се опише чувство кога по цели седум века пред вас се крева плочата што го покрива најсветото место на христијаните во светот, дека сте први што го гледате тоа и оти токму вам ви припаднала задачата да ги реконструирате местото на кое воскреснал Исус Христос и црквата што е направена на местото на пештерата во која бил погребан.
Откако сe се заврши, среќна сум што сe направивме и сигурна сум дека ова свето место сега ќе биде уште подобро заштитено и ќе трае со векови. Но, мерките за заштита не смеат да запрат, бидејќи сега откривме дека подолу, под Светиот гроб и црквата „Едикуле“ има подземни води, кои можат да направат проблеми, што значи дека треба да бидеме внимателни… На ваков начин Антонија Марополо, хемиски инженер од Национален технички универзитет во Атина, ги опишува своите чувства како водач на експертскиот тим кој минатата година направил единствен потфат во светот со отворањето на гробот на Исус Христос во Ерусалим, односно местото на неговото воскреснување.
Во ексклузивното интервју за „Дневник“ таа ја коригира информацијата што во октомври минатата година ја пренесоа медиумите дека местото на воскреснувањето се отвора првпат по 550 години.
– Отворањето се случи првпат по седум века. Затоа и нашите чувства и одговорноста беа уште поголеми – вели таа.
не случајно беше избрана да го предводи поголемиот тим на експерти од различни области, главно од овој атински универзитет. Зад 65-годишната професорка, чија потесна специјалност е хемиски инженеринг, се повеќе од стотина различни проекти за заштита на стари споменици – од „Аја Софија“ во Истанбул, преку манастирите на Света Гора, па до храмот во Луксор, Египет.
Задачата што сега била поставена пред неа и колегите била не само да се изврши реставрацијата на гробот, туку и на целата црква „Едикуле“, која веќе со децении не доживеала темелна реконструкција.
Проектот вклучувал отстранување железни столбови, кои ја поткрепувале црквата од сите страни, а кои биле поставени во педесеттите години од минатиот век. Тоа подразбирало зајакнување на камените блокови од кои е изграден храмот што е подигнат во 325 година, од римскиот цар Kонстантин на местото за каде што се верува дека е погребан Исус Христос.
Познато е дека во Библијата, во Евангелието според Матеј, пишува оти откако Исус починал распнат на крстот на местото Голгота, Јосиф го зел телото, го завиткал во белото платно и го погребал во пештерата во која го изделкал сопствениот гроб. Kонстантиновата црква на Светиот гроб била уништена од муслиманскиот калиф Ал- Хаким во 1009 година, а во 12 век крстоносците и го дале сегашниот изглед. Последен пат била реконструирана во 19 век. Со неа управуваат Грчката православна црква, Ерменската православна црква и Римокатоличката црква.
Професорката Антонија Марополо ни објасни дека зафатот бил исклучително сложен, бидејќи никој не можеше да знае како објектот ќе реагира кога ќе се отстранат досегашните метални столбови што ја поддржуваа конструкцијата.
СИГУРНА СУМ ДЕКА ТОА Е ГРОБОТ ШТО ГО ОТКРИЛЕ KОНСТАНТИН И ЕЛЕНА
ДНЕВНИК: Kако го доживеавте тоа што токму вие го предводевте тој зафат, на најсветото место за христијаните во светот?
– Нашата работа на овој проект ја доживуваме со голема почит и завет кон овој единствен споменик на христијанството. Целта беше да се анулираат деформациите на светата Едикула, кои беа видливи на портите по реставрирањата од 1810 година. Беше видливо и дека подземните води го загрозуваат објектот и оти има промени на теренот. Отворањето на гробот на Исус беше единствено и предизвикувачко, бидејќи моравме да го направиме тоа без никаква грешка. Во исто време беше и многу големо искуство, емоционално и религиозно бидејќи се случи по седум века од последното отворање.
ДНЕВНИК: Секако дека највозбудливиот момент беше самото отворање на Светиот гроб. Во медиумите беше објавено дека во тој момент се случија чудни феномени на небото, дека се слушале звуците на трубата… Имаше ли таков нешто?
– Јас не сум кажала дека имало невообичаени феномени на небото и звуци кога го отворивме гробот. Во тој момент на отворањето бев внатре со другите за да одлучиме како да продолжиме. Немаше таков феномен, но кога излегов надвор откако почнавме да го истражуваме гробот, реков дека инструментите што претходно ги поставивме на плочата на гробот за да го забележиме секој момент, вибрации и слично, се исклучија. Тоа беше факт. Не можам да го објаснам тоа, но го снимив. Со сигурност можам да ви кажам дека околу ова место постои некоја енергија, која е многу, многу силна.
ДНЕВНИК: Kако конкретно изгледаше внатрешноста на гробот откако ја тргнавте плочата? Имаше ли предмети внатре?
– Во гробот немаше никакви предмети. И јас претходно не очекував дека ќе најдеме нешто. Најдовме празен гроб при што видливи беа оштетувањата на долната плоча на гробот. Таа е камена и на неа има резби. Плочата беше скршена, а имаше и ситни парчиња камења. Се разбира, извршивме репарации, кои беа потребни. Но, скршената плоча ја оставивме како таква. Само ја покривме со белата мермерна плоча.
ДНЕВНИК: Дали таа скршена плоча, всушност, е оригинална плоча, со која првично било покриено местото на воскреснувањето на Исус откако била направена црквата?
– Геометриските мерења покажуваат дека големата плоча над камената подлога на гробот на Исус е оригиналната. Ја оставивме така, скршена, но таа е оригиналната. Тоа посочува дека ние сме го откриле гробот кој бил откриен од Kонстантин и Елена и бил обвиен со мермер. Другата плоча што е над неа, исто така, беше оригинална, но од подоцнежен период.
ДНЕВНИК: Постојат различни мислења дали токму на ова место била пештерата во која Јосиф го погребал Исус. Има сомнежи за тоа?
– Она во што сум сигурна е тоа дека плочата што ја откривме е токму таа од периодот на цар Kонстантин и царица Елена. Тоа значи дека сум убедена оти ова е местото што тие го откриле како Светиот гроб и каде што е направена црквата.
ДНЕВНИК: Дали зедовте материјали од Светиот гроб, од местото на воскреснувањето?
-Да, зедовме мали примероци на камењата што ги најдовме внатре. Сега ќе ги анализираме во Атина. Ќе видиме што ќе покажат истражувањата.
НЕ ОСТАВИВМЕ НИШТО ВНАТРЕ
ДНЕВНИК: Ќе има ли потреба во наредните години, децении, векови, повторно да се отвора Светиот гроб?
– Не знам кога ќе биде следното отворање, но можам да ви кажам дека таму има подземни води. Затоа побаравме дозвола да ја истражиме и подземната област. Подземниот дел е еродиран и направивме студија како во иднина да интервенираме за да се заштити светата Едикула и црквата на Светиот гроб.
Инаку, храмот сега е безбеден од земјотреси. Дизајнот на рехабилитацијата ги зеде предвид најсилните потреси во светата земја. Ги конзервиравме фреските, капелата на ангелите и мермерните скулптури внатре и се надеваме дека оваа света сабота светлината ќе биде силна како што била, но преку посветла света едикула.
ДНЕВНИК: Дали нешто оставивте внатре, нешто во функција на следење на состојбите или знак за извршената реконструкција?
– Не оставивме ништо внатре. Веруваме дека вредноста на споменикот е толку единствена што никој не треба да го пишува своето име таму. Но, сигурни сме дека сите знаат што направивме.
ДНЕВНИК: Дали е ова круна на вашата научна и стручна кариера во областа на заштитата на историските споменици?
– (Се насмевнува на прашањето) Верувам дека сум благословена од оваа работа, бидејќи беше голема чест за мене. Се надевам дека одговорноста ја презедовме на соодветен начин и ги постигнавме нашите цели. Но, се надевам дека ќе можеме да продолжиме со подземните интервенции и тоа е нешто што би сакала да го направам во иднина за да сме сигурни дека сме направиле нешто што ќе трае со векови.
ЕРУСАЛИМСКИОТ ПАТРИЈАРХ РЕЧЕ „ОУУ…“
ДНЕВНИК: Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети беше со вас во моментот на отворањето. Kако тој реагираше, како духовник, предводник на христијаните во Светата земја?
-Бевме четворица и сите влеговме заедно и единствениот збор што можам да го кажам на англиски и со кој се опишува како тој реагирал е: „Оуу…“. Тоа значи почит, не страв. Пребарував како да ги искажам своите чувства и чувствата на другите и дискутирав со патријархот и зборот е: „Оуу…“
ГРОБОТ БЕШЕ ОТВОРЕН 60 ЧАСА
ДНЕВНИК: Kолку долго гробот беше отворен додека вршевте реконструкција?
-Гробот беше отворен 60 часа и за тоа време завршивме се што планиравме. Инаку, сето друго време во тие осум месеци работевме само ноќе за да можат поклониците да го посетуваат местото.
Порака за надеж, мир и разбирање
– Ние силно ја чувствуваме пораката од гробот на Исус, која е пораката на воскреснувањето, пораката на надеж, на мир и заемно разбирање. Ова е многу важно за целиот свет. Силно верувам дека ова е порака за сите нас, не само за христијаните, туку и за муслиманите, Евреите, па дури и неверниците – потенцира Антонија Марополо.
Светската федерација за дебелина објави нов извештај, а податоците се поразителни. Повеќе од половина од светската популација ќе биде со прекумерна тежина до 2035 година, со што ќе се изгубат билиони фунти потенцијална вредност за глобалната економија, предупредува Светската федерација за дебелина.
Според податоците од 2020 година, околу 2,6 милијарди луѓе (38 отсто) биле со прекумерна тежина или дебели, а оваа бројка се очекува да се зголеми на 4 милијарди (51 отсто) во следните 12 години, доколку не се преземат сериозни мерки.
Психологот за деца од Санкт Петербург, Екатерина Мурашова и нејзините колеги во 2013 година спровеле интересен експеримент. Таа побарала од 68 тинејџери на возраст од 12 до 18 години да се откажат од сите свои електронски уреди, односно да ги исклучат мобилните телефони, компјутерите, телевизорите, таблетите и конзолите за игри, во траење од осум часа и за тоа време да не комуницираат со никого.
Она што им било дозволено во тие осум часа е – да пишуваат, цртаат, читаат, пеат, шетаат и да се занимаваат со слични активности. Авторката на експериментот сакала да докаже дека современите тинејџери не можат да се преокупираат со такви работи и дека се целосно несвесни за својата состојба.
Според правилата на експериментот на децата им било советувано да го прекинат експериментот доколку почувствуваат прекумерна вознемиреност, непријатност или напнатост и да го забележат времето и причината за прекинот.
Резултатите биле шокантни, а треба да се земе предвид и дека експериментот е спроведен пред десет години, кога технологијата беше далеку помалку распространета отколку денес.
Од 68 испитаници, само тројца го завршиле експериментот – едно девојче и две момчиња. Тинејџерка осум часа ги запишувала своите чувства во дневник. Едно од момчињата правело макета на едрилица, со пауза за ручек и шетање на кучето. Вториот прво ги сортирал и преуредувал своите колекции, а потоа се занимавал со пресадување цвеќиња. Ниту еден од нив немал негативни емоции за време на експериментот и не забележал појава на „чудни“ мисли.
Тројца учесници во експериментот изјавиле дека „имале самоубиствени мисли“, а петмина доживеале напади на паника. Кај 27 тинејџери се забележани симптоми како гадење, потење, вртоглавица, бранови на жештина или болки во стомакот. Речиси секој од нив пријавил чувство на страв и вознемиреност.
Интересот и возбудата за новонастанатата состојба и за соочувањето со себеси стивнаа кај речиси сите учесници на почетокот на вториот или до третиот час. Десет тинејџери кои го прекинале експериментот се чувствувале вознемирени по три или повеќе часа осаменост.
Што правеле тинејџерите за време на експериментот?
Јаделе;
Читале или се обидувале да читаат;
Пишувале домашни задачи или учеле;
Гледале низ прозорецот или се шетале низ станот;
Излегле во продавница или кафуле, без да комуницираат со други, освен со продавачите;
Наоѓале загатки и ределе „Лего“ коцки;
Цртале;
Си играле со куче или мачка;
Се капеле;
Си ја средувале собата или станот;
Се занимавале со физичка вежба;
Ги запишувале своите чувства и мисли;
Свиреле на пијано, гитара или флејта;
Пишувале поезија или проза;
Едно момче патувало низ градот пет часа, менувајќи автобуси и тролејбуси;
Едно момче отишло во забавен парк, но по три часа почнало да повраќа;
Едно момче шетало низ градот;
Едно момче отишло во зоолошката градина;
Една девојка отишла во музејот.
Што правеле по експериментот?
Речиси секој учесник се обидел да заспие во одреден миг, но никој не успеал поради мислите што им се вртеле низ главата. По завршувањето на експериментот, 14 тинејџери веднаш пристапиле до социјалните мрежи, 20 контактирале со своите пријатели, тројца со родителите, а петмина отишле да посетат свои другари. Останатите ги вклучиле телевизорите или почнале да играат видеоигри. Покрај тоа, речиси сите веднаш си пуштиле музика или ставиле слушалки на ушите.
Сите стравови и симптоми исчезнале веднаш по завршувањето на експериментот. Интересно е што 63 тинејџери го препознале експериментот како корисен и интересен за самоспознавање. Шест учесници сами го повториле експериментот и тврдат дека успеале по неколку обиди.
Кога тинејџерите анализирале што им се случило за време на експериментот, 51 лице користеле изрази како „зависност“, „доза“, „повлекување“, „излегува дека не можам да живеам без…“, „Постојано ми треба…“
Сите тие рекоа дека биле страшно изненадени од мислите што им се случиле за време на експериментот, но не можеле да се справат со нив поради влошување на општата состојба. (МИА)
Платите во Германија се сè уште повисоки во споредба со оние во повеќето други земји од Европската унија.
Минатата година просечната саатница во индустријата, вклучувајќи ги и дополнителните трошоци за плата, изнесуваше 44 евра, објави во средата Федералното биро за статистика, пренесува ДПА.
Тоа е за 44 отсто повеќе од просекот на 27-те земји на Европската унија, кој изнесува 30,50 евра. Со овој час, Германија е на четврто место.
Во услужниот сектор платите во Германија биле 26 отсто над просекот на ЕУ, со 38 евра по час работа, што е шесто место.
Севкупно, германските трошоци за работна сила од 39,50 евра на час во 2022 година беа околу 30 отсто над просекот на ЕУ и, како и претходните години, на седмото место.
Според статистичките податоци, платите биле највисоки во Луксембург со 50,70 евра на час, а потоа следат Данска, Белгија, Франција, Холандија и Шведска.
Лани работната сила била најевтина во Бугарија со 8,20 евра на час.
Во споредба со 2021 година, трошоците за работна сила во Германија се зголемени за 5,6 отсто, нешто повеќе од просекот на ЕУ (плус 5,2 отсто).
За 10 години работната сила поскапе, особено во источна Европа. Процентуално, трошоците за работна сила најмногу се зголемија во Бугарија, Романија, Литванија и Латвија, каде што се зголемија повеќе од двојно.
Најмали зголемувања се забележани во Шведска и Италија. Грција беше единствената земја од ЕУ која пријави пониски трошоци за работна сила на час во 2022 година во споредба со десет години (-7,6 проценти).
Германија беше над просекот од 25 отсто, со плус 29,5 отсто, пренесува Фактор мк.