Хрватски „Индекс“ објави видео од ужасен однос на еден тренер на тинејџерска екипа, во тамошната прва лига за јуниори. Станува збор за Јосип Ловриќ, тренерот на Кроација Богдановац, кој побеснал на паузата меѓу двете полувремиња, фрлал, пцуел и се заканувал со тепање.
Повеќето од децата биле малолетни, а знаејќи го карактерот и темпераментот на својот тренер, откако имале лошо полувреме го снимиле очекувајќи некаква сцена. Тоа и се случило, а едно од децата го пратило видеото до „Индекс“.
Тренерот прво ја соблекува јакната, ги фрла во ѕидот хартиите кои ги држи и потоа кулминира со превртување на масата во соблекувалната. Оттука почнува монологот исполнет со навреди, пцости и закани.
„Кого вие го претставувате? Да ве чујам еден по еден. Јас лично ќе ви ја е*ам мајката на сите. Вие мене ќе ме срамите?! Што паметувате? Играјте. Гледате ли што ви прават…наместо да се фокусирате на играта. Срам да вие на сите заедно. Вие сте биле играчи…вие сте пи*ки. Вас не треба ни да ве тренирам. Се однесувате како еден куп го*на, не знаете да го искористите својот потенцијал. Ќе ви оставам спомен, кога ќе ви удрам шамар пред 30 луѓе“, вели Ловриќ, дополнително заканувајќи им се со ќотек.
Од раководството на клубот изјавиле дека го смениле истиот ден, штом дознале за случајот, а потоа им се извиниле на децата и на нивните родители, уверувајќи дека стојат зад нив. На тренерот Ловриќ, ова не му бил прв испад, во натпреварите од првата лига во Вуковарско-сремската жупанија.
„Тој околу година, година и пол собираше деца од тие возрасти, дури и постигна некој резултат, но и порано имаше една незгодна ситуација. Го напушти мечот на полувреме бидејќи беше незадоволен од судењето, поради што беше казнет шест месеци“, изјавил претседателот на клубот, Жељко Ерговиќ.
