Connect with us

Религија

Светлозарниот спомен на Светите Кирил и Методиј !

Published

on

Како што на видливиот небесен свод ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува (1. Кор. 15,41), така и во невидливото духовното небо на нашата света Црква недобројните светии зрачат со богоблескави зраци и ги разгоруваат срцата на верните, соодветно на нивните благодатни дарови, со коишто се осветиле и Го прославиле единствениот свет и вистински Господ. Така, неугасливите зраци на Божествените отци наши Кирил и Методиј, со коишто, преку нивните рамноапостолни дарови, ја осветлите и исполниле со светост целата земја и особено славјанските народи, се за нас, нивните смирени потомци според Словото, нешто најдрагоцено, спасително, богоподобно…

И како што е величествена нивната појава во историјата на човештвото, величествен е и нивниот спомен на земјата. Токму затоа, со полно празнично величие, нашите Свештени Обители Бигорски и Рајчица, со многубројните верници, го прославија светлозарниот празник на Светите рамноапостолни Браќа, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен во нивна чест. Божествената Литургија во храмот чиешто велелепие веќе се наѕира, отслужена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и браќата јеромонаси и јероѓакони, во симфонија со прекрасните гласови на псалтите од битолскиот црковен хор „Свети Нектариј Битолски“, за присутните верни беше едно чудесно духовно доживување, но и благодарствено сеќавање за великото дело на Просветителите наши.

Вдахновен од таа светлозарна атмосфера, како и од просветителскиот подвиг на Светите Кирил и Методиј, нашиот Старец се обрати кон присутните со свое слово:

Денес, мили мои, чувме од Светото Евангелие како Господ наш Исус Христос ги советува апостолите, а преку нив и сите нас, велејќи им: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16) На што всушност нѐ поучува Спасителот? Он ги повикува Христијаните да творат дела на Божествената светлината и преку тоа да го посведочат на земјата нашиот Отец, Кој е на небесата. Зашто само преку творењето добро, преку делата на светлината, нашиот живот станува проповед за Отецот на љубовта и на светлината. Еден од најчестите определувачки поими за Бога е светлината. Бог е светлина. Во светилниот на утрената од празникот Педесетница пееме: „Светлина е Отецот, светлина е Синот, светлина е и Светиот Дух…“. А ние? Зар би можеле да се наречеме и ние светлина? Се разбира, во никој случај. Меѓутоа, што повеќе се приближуваме до светлината на љубовта Негова, предавајќи Му се целосно Нему и трудејќи се во подвигот на делата на љубовта, тогаш несомнено и ние ќе бидеме озарени од Неговата светлина, ќе можеме да се наречеме ученици, носители на Светлината, коишто ќе ја шират неа во овој потемнат од гревот свет.

Денес го славиме споменот на двајца Рамноапостоли, коишто засветлиле со таа Божествена светлина среде славјанските народи и станале за нас светила незаодни, коишто ќе светат меѓу народите додека трае светот. Тие се достојните двајца ученици на Христос – Светлината и Љубовта – Светите отци наши Кирил и Методиј. Од нивните житија дознаваме прилично многу нешта за нив. Потекнувале од благороден род, нивното воспитание било особено благочестиво – богољубивите им родителите уште од младини ги воспитувале во христијанската вера. Нивното, пак, образование било највисоко за тоа време. Сепак, тие не сакале да градат светска слава, но возљубиле нешто друго, многу повозвишено. Светиот Методиј се одликувал со големо познавање од областа на правото и воените вештини. Бил толку добар правник, што во еден период бил поставен, од страна на византиските власти, за управник на една од словенските области. Но световната власт и можности не го привлекле неговото христокопнежно срце. По извесно време заминал за монах во манастирот Полихрон на планината Олимп во Витинија, каде што подоцна постанал и игумен, одбивајќи го претходно архиерејското достоинство. Брат му Константин, пак, бил човек на словото – философ и библиотекар на големата патријаршиска библиотека во Света Софија. Кога царските големци посакале да го оженат, тој богомудро им одговорил: „Јас веќе се оженив за горната философија, за Премудроста, за Словото Божјо“. И тој подобно на брата си копнеел да стане монах. Оставил сѐ што е земно, не сакал да гради кариера овде на земјата. Едноставно знаел дека сѐ овдешно е минливо, а само Христос е вечен. Затоа и ревнувал да ја усвои Неговата наука, се погрижил за спасението на својата душа и борејќи се за тоа, спасил и спасува многубројни други души. Има една интересна случка од неговото житие, кога тој бил сѐ уште дете. Во тоа време децата на богатите родители се забавувале со лов со соколи. При еден таков лов, по Божја промисла дувнал силен ветер и му го однесол соколот на малиот Константин. Цели два дена детето тагувало и плачело и ништо не јадело. Меѓутоа, воспитано од своите родители во мудроста Христова, тој се замислил над суетата на овој живот и си рекол: „Таков ли е овој живот, та место радост во него има жалост? Од овој ден ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, а деновите свои нема да ги трошам во метежот на овој живот“. И така, тој навистина целиот свој живот го поминал во заедништво со Христа. Дури ни во царскиот двор не се осквернил со ништо, туку неговиот поглед бил вперен кон небесната философија. Подоцна, како што сите знаеме, тој и неговиот брат биле испратени од великиот и свет патријарх Фотиј Цариградски и императорот Михаил, како јагниња меѓу волци, помеѓу нашите предци Славјаните, кои во тоа време биле нецивилизирани, диви, неоформени. Бидејќи без науката на Евангелието, без Оној Кој дојде да го пресоздаде светот обезличен од гревот, луѓето навистина се како неоформени, немаат форма, немаат облик на внатрешниот човек. Токму затоа, светите наши Рамноапостоли, овие невечерни Светилници на нашата духовна култура и писменост, науката општо ја нарекле образование. Следствено, образован е оној којшто го има образот на Словото Божјо во себе. И затоа приличело, откако го извршиле макотрпното дело со изнаоѓањето на глаголицата, првите зборови што ги превеле од светото Евангелие да бидат: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1). Им покажале на светот и на целото човештво дека вистински образован човек е само оној којшто го прифатил Евангелието за свој живот, којшто го знае и живее за Божјото Откровение. Таквиот човек дејствително претставува образ и подобие Божјо. Да, првите страници од Светото Писмо ни кажуваат дека човекот е создаден според Божјиот образ и подобие (Битие 1,26), но гревот ја нарушил таа првобитна сродност на човекот со Бога. Образот Божји потемнел во човекот, додека неговото богоподобие било сосема нарушено. За да си го вратиме Божественото подобие, потребно е да се образуваме на правилен начин, или како што вели великиот Павле, да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,24), онака како што сака нашиот Спасител Христос, Кој дојде да го пресоздаде и спаси човекот.

Погледнете каков мрак е светот без Светлината – Христос! Колку необразован е човекот, па колку и науки од овој свет да стекнал; нека има и десетици академски дипломи, со највисоки оценки – сето тоа ќе е само бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи (1. Кор. 13,1), доколку, пред сѐ, не Го спознае вистинското Божјо Откровение, единствената богооткриена вера: предвечниот Отец и од Него испратениот совечен Му Син и единосуштниот Свет Дух, Кој од Отецот исходи…

Да се молиме на нашите Првоучители, Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои во својот живот ја примиле светлината Христова и ја просветлиле со неа речиси цела Европа и пошироко. Биле силни во верата, гиганти на духот! „Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала?“ – прашува во недоумение нивниот ученик Свети Климент Охридски. „Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет“. Впрочем, сите ние сме повикани да бидеме носители на Божествената светлина. Делото на Светите Браќа не е нешто што се случило и завршило во историјата. Гледајќи го духовното необразование во нас и околу нас, треба и ние, преку молитвата, созерцанието и делата на љубовта, да го продолжиме нивниот подвиг на богообразување на нашите души, а со тоа и на душите на ближните.

Нека Светите Кирил и Методиј ни помагаат да се надградуваме себе си во верата и во Христовото свето Евангелие. Да ни помогнат да го изградиме овој храм и да му испратат небесен благослов на нашите ктитори – благочестивото семејство Џиковски, кои се тука, помеѓу нас. И минатата година, кога ја отслуживме првата Литургија овде, кажав, а и сега ќе повторам: иако овие луѓе не се од богатите и од најбогатите во Македонија, сепак, со голема вера и љубов се трудат да го подигнат овој храм на светите наши Рамноапостоли. Нивното дело нека ни биде пример на сите нас!

Би сакал на крајот да им се заблагодарам и на членовите на хорот „Свети Нектариј Битолски“ од Битола, коишто со својата молитвена псалмодија ни го збогатија ова денешно наше торжество!

Молитвите и благословот на Светите Кирил и Методиј да бидат со сите вас!“

bigorski.org.mk

Религија

Обичаи за Духовден, овие работи жените не смејат да ги прават

Published

on

Црковниот празник посветен на слегувањето на Светиот Дух на апостолите, кој се празнува 50 дена по Велигден е еден од најголемите празници кои Македонската православна црква ги одбележува.

На овој ден, на некои места се организираат поворки во кои учествуваат најубавите девојки од селото. Тие претставуваат русалки, вили настанати од душите на починатите девојки и потпоените жени, закопани без погребни обреди. Верувањата велат дека русалките настојуваат да нанесуваат зло, особено на жените и сакаат да намамат жртва до вода и да ја удават.about:blank

Оттаму постојат многу забрани и ограничувања, па приказната вели дека не е во ред да се спие преку ден, бидејќи русалките демнат на крошните од дрвата, па можат да наштетат во сон. Жените не треба да перат облека, да предат волна и да ткаат, ниту да завршуваат некакви домашни обврски.

Оној кој ќе дојде во контакт со русалките или ќе се разболи или ќе полуди. Затоа народот верува дека секогаш со себе треба да се има лук или пелин.

Continue Reading

Религија

Денеска е Духовден, празник на Светиот Дух и на основањето на Христијанската црква

Published

on

Празникот Педесетница, во народот познат како Духовден, посветен на настанот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден по Воскресението Христово, денеска одбележуваат православните христијански верници во Македонија. Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци. Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на Светиот Дух на апостолите.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.

Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи им ги зборувал: „Јас ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Матеј 3/11).

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден.

На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат. Кај нас до денес е задржан обичајот на овој ден  на гробовите да се носат дулиња (бардачиња). Во некои краишта тие се оставаат на гробовите и во текот на годината кога се оди на гробот се дополнуваат со вода, а во други места се раздаваат најчесто на поблиски роднини и пријатели, се носат дома и од нив се пие вода за душа од умрените и за споменување на нивните имиња.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнуваат Светите цар Константин и Елена

Published

on

Православните христијани денеска го празнуваат Светиот цар Константин и неговата мајка Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот влател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин.

Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк