Connect with us

Македонија

Груевски: Лепат етикети, глумат експерти, продаваат лажен морал…наместо напредок, повисоки плати и нови работни места, на народот му се сервира дух на злоба

Каква држава стана Македонија?!

Ако власта толку често не смислува и спроведува политички мотивирани прогони, апсења на луѓе без вина неистомисленици од политиката или бизнисот, ако не создава инструирани и нарачани истраги, лажни обвиненија, издиктирани од политичароте на власта судски пресуди до контролираните судии за нивните политички опоненти, па потоа некој го внеле во затвор, па како му е во затворот, па го пуштиле на викенд, му заплениле некаков имот, му земале пасош, притвор, судења, рочишта, извештаи на медиумите од тие рочишта, анализи на божемни независни аналитичари а всушност партиски полтрони, разни и секојдневни шпекулации во врска со сѐ ова, прес конференции на партиите или преставници на правосудните органи околу ова, итн итн. ако не измисоат и направат вакви главно неправди, во Македонија нема ниту значајни, ниту позитивни интересни вести или успеси на власта, нема сериозни случувања, нема како и со што медиумски да ги покријат деновите, месеците и годините на општо незадоволство на народот, секојдневните неправди, неработење на функционерите, огромна корупција и невиден криминал и проневери, погрешно донесени одлуки, предавства на национален интерес само за да се добие нечија наклоност однадвор, вртоглавиот раст на цените, осиромашувањето и тешката економска состојба, не функционирањето на институциите и хаосот и неодговорноста во нив, злоупотребите на власта, протестите на синдикатите, критиките на меѓународната заедница, секојдневните скандали, византиските игри внатре помеѓу самите кланови во партијата главно мотивирани за повеќе моќ и пари, огромното иселување на луѓето од Македонија, безнадежноста на народот кој останал и.т.н.

Потоа со денови по тие најчесто вештачки и злонамерно креирани настани се пополнуваат вестите на телевизиите и порталите, се активираат партиските ботови и платените партиско-политички коментатори и инфлусери кои исто така се обидуваат да из глумат независност или на нај примитивен начин да нападнат некого кој е на листата за “острел”, се организираат дебатните и политички емисии, се викаат гости во емисии да судат и напаѓаат некого, тие пак ни виделе со свои очи документи и докази, ни чуле во судница нешто, од она што го чуле низ инструираните партиски контролирани медиуми судат, лепат етикети, глумат експерти, продаваат лажен морал, купуваат политички поени, се караат, се расправаат, се навредуваат, навредуваат други и така некако проаѓа времето во кое наместо напредок, повисоки плати и нови работни места, на народот му се сервира и вбризгува дух на злоба, негативна енергија, завист, гнев, фрустрации, дезинформации или непроверени, недокажани и невистинити работи, па сето тоа, целата таа тешка и мачна енергија се префрла од медиумите на терен меѓу народот и граѓаните кои со денови по канцеларии, кафеани, по телефони, по улици, домови или разни приватни собирања разговараат и се препукуваат меѓусебно на истите теми…, и така животот им поминува.
Така е веќе цели 6 години и Македонија се направи неверојатно деструктивно општество.

Националниот сон е скршен, а духот спуштен.

Народот веќе никому ништо не верува, и политиката и политичките дискусии се сведени на “дневна занимација за народот” и побудување ниски страсти од типот ситење на уапсени, радување и правење забава и хумор од туѓи несреќи и слично.
Ако мислите дека секаде е така…не, не е!

Има по нешто од сѐ ова насекаде, но како доза, не повеќе од 5-10 отсто од она што го прима македонскиот граѓанин секој ден.

Останатие 90-95 осто се други теми, многу поинтересни, покорисни, полесни, попозитивни, позначајни…затоа што во повеќето други земји има успеси за кои може да се зборува и се зборува, има напредок, има и секојдневно нови можности за секого, има долги и исцрпни теми за обликување на иднината, има ѕвезди, има научни напредоци, има интересни бизнис можности, има создавање дела, реформи, има убави работи.

Ако секојдневно не го оцрнуваат политичкиот конкурент или политички неистомисленик со конструирани лаги од контролираното правосудство, овие луѓе од доаѓањето на Заев кој го промовираше овој начин на владеење, па сега се обидува да изгради неприродни сојузништва за да се спаси од можна одмазда, од него па наваму немаат нови значајни успешни проекти, немаат поим што е реформа, безмалку немаат ново почната градба на капитален објект или капитална набавка, речиси да немаат создадено некој нов закон со кој за прв пат промовираат да се реши некој крупен проблем или да се унапреди квалитетот на живот на граѓаните.

Немаат како и со што ново создадено а реално да излезат на избори и да кажат нешто со што би биле поконкурентни, со што ќе се горди, со што ќе ги сметаат за подобри, многу попаметни, поуспешни, повешти, по стручни, почесни, покреативни, поодговорни, поисполнителни во ветувањата и во реализација на ветеното, со што и тие и нивните подржувачи вистински ќе се гордеат, а не да глумат дека со нешто се гордеат, со што ќе ги освојат симпатиите на нацијата и така ќе победат на избори. Како што беше во 2006 година, 2008, 2011 итн.

Сето ова е одлика на крајно неспособна, безнадежно безидејна и екстремно криминална елита на власт, чии дух се шири како модел меѓу дел од новите тинејџерски генерации кои созревајки гледаат многу лош пример од кој учат. Нешто повизрасните од нив паметат дека може и многу подобро.

Додатно, создавањето такви правила на игра, таква атмосфера, таква навика, такво секојдневие, таква злоба, создава и потреба за одмазда од таков вид кога ќе се смени власта, и така земјата ќе се сведе на мизерна територија на која политичарите не работат нешто добро за народот и се натпреваруваат кој ќе биде поуспешен во оценувањето на другиот, при што власта владее со такви методи.

Во една таква атмосфера попаметните, поспособните, оние со повисок капацитет се повлекуваат од учество во политиката и ја препуштаат на просечните, подпросечните и медиокритетите, и си ја гледаат својата работа и бизнис или заминуваат од земјата.

Тие гледаат што ги чека ако влезат во политика, дадат се од себе да помогнат за општо добро, гледаат дека што и да направат ако се многу успешни потоа неспособните ќе работат на нивно оцрнување и прогон со злоупотреба на правосудството и медиумите, и тоа им се гледа ризично и некомфортно и непотребно, па решаваат својот висок капацитет да го употребат во својата кариера или бизнос, често надвор од Макеоднија.

Така, политичките одлуки се повеќе ги носат ниско капацитетни аматери, некои кои според нивниот личен капацитет и квалитет, некогаш не би се квалификувале ни во седмиот ешалон на партиите. Тоа е најлошата и долгорочно најтешка последица за земјата од ваков метод на управување со земјата каков што спроведува најголемата партија во власта повеќе од шест години.

Тоа е еден маѓепсан круг од кој тешко ќе излезе Македонија.

Негативната селекција на кадри со најодговорни функции и медиокритетите се повеќе го завземаат просторот во политичкиот спектрум и тие се потешко ќе дозволуваат поспособните од нив да владеат и да носат значајни одлуки за државата, народот и нацијата.

Македонија

Охрид станува светска дестинација за стоматологија: Центарот „Д-р Баткоски“ доби престижна награда

Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму таа непосредност грижата и фокус на секој поединечен пациент, според менаџерот и основач на современиот стоматолошки центар д-р Небојша Баткоски, е она што ја креира довербата кај пациентите. Центарот нуди широк спектар на услуги – од превентивна и детска стоматологија, преку естетски и протетски третмани, до имплантологија, алајнери и решенија наменети за пациенти од странство, со силен фокус на стоматолошки туризам и европски стандарди на работа.

Повод за ова интервју е најновото меѓународно признание на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, престижната награда THE BIZZ AWARD за деловна извонредност, во организација на WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES (WORLDCOB). Со д-р Небојша Баткоски разговараме за патот до ова признание, за личната и за професионалната приказна зад брендот „Д-р Баткоски“, за стоматолошкиот туризам и за тоа како изгледа иднината на современата стоматологија гледано од Охрид кон Европа и светот.

WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES во вашата работа препозна вредност која ви донесе уште едно меѓународно признание. Добитник сте на наградата THE BIZZ AWARD за деловна извонредност. Како дојде до тоа стоматолошки центар од Охрид да биде добитник на оваа награда?

– Фактот што World Confederation of Businesses ја препозна вредноста во нашата работа не е случајност. Тоа произлегува од континуирани меѓународни обуки во Швајцарија, Дубаи и во Германија, постојана имплементација на современи технологии и инвестиции во највисок квалитет на услуги. Нашата визија да бидеме лидери, а не следбеници – тоа е причината што го добивме ова меѓународно признание. Процесот на селекција подразбираше детална проценка на повеќе сегменти, како квалитетот на услугите и стандардите на работа, начинот на кој се грижиме за пациентите, и начинот на менаџирање на тимот и развојот на бизнисот. За организацијата која ги следи најдобрите практики во светот, беше важно да види дека работиме според исти или слични стандарди со реномирани центри во големите светски метрополи. За нас ова признание е потврда дека доследното вложување во едукација, технологија и човечкиот пристап не останува незабележано и надвор од границите на државата.

Меѓународното признание е потврда и за Вашиот личен влог да изградите еден професионален центар кој во регионот и пошироко се истакнува по квалитет и иновативност во услугите. Што значи оваа награда за Вас лично како доктор и менаџер, а што за тимот и за пациентите на стоматолошкиот центар?

– За мене ова признание е големо задоволство затоа што вложениот труд и долгогодишната посветеност се препознаени и вреднувани. Во минатото бевме признати како едни од Best Regional Hospitals, а јас лично ја добив наградата Manager of the Year во Оксфорд во 2016 година. Овие признанија, заедно со денешното, само потврдуваат дека континуирано работиме со исто темпо, фокус и успех, oваа награда е резултат на постојана работа, мотивација и професионален ангажман на целиот тим. За центарот тоа е и чест и обврска да го задржи постигнатиот квалитет и да продолжи да се развива, a за пациентите – признанието е најдобра потврда дека добиваат сигурна, квалитетна и современа услуга.

WORLDCOB ве покани да ви го додели и признанието за деловна извонредност. Кога и каде ќе ја примите оваа меѓународна наградата и како таа му користи на еден стоматолошки центар од Македонија?

– Наградата ќе ја примиме во Чикаго, и тоа за нас претставува голема чест. Отсекогаш сум велел дека кога посветено ја работиме нашата професија и ја цениме како вистинска пасија, резултатите неизбежно доаѓаат. Фактот што стоматолошки центар од Македонија е признат на вакво ниво само покажува дека не сме хендикепирани затоа што доаѓаме од помала земја – напротив, го користиме тој моментум за да докажеме дека можеме рамноправно да парираме со најдобрите во светот. Присуството во Чикаго, во друштво на компании и лидери од различни индустрии, отвора врати за нови контакти, размена на искуства и можни партнерства, особено во делот на стоматолошкиот туризам и едукацијата. Ова се важни платформи за еден стоматолошки центар од Македонија, затоа што носат поголема меѓународна видливост, зголемена доверба кај странските пациенти и дополнителен аргумент кога комуницираме со партнери од Европа и од дијаспората. Накратко, наградата не е само симболичен трофеј – таа е алатка што ни помага да го позиционираме Охрид и нашата клиника како сериозен играч на мапата на современата стоматологија.

За оние што првпат слушаат за вас, како започна приказната на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и како стигнавте да бидете најголемиот стоматолошки центар во Македонија?

– Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го основа мојот татко, Јован Баткоски, а вистинската приказна започна со завршувањето на мојата специјализација во 2012 година. Мојата визија и сон беа препознаени и поддржани од мојот дедо Ѓорги, кој помогна проектот да се реализира. Со текот на годините, преку континуирана работа, посветеност и професионализам, Центарот се развиваше и постепено стана еден меѓу најголемиот стоматолошки центар во Македонија, со низа успеси и меѓународни награди. Почнавме како семејна ординација со јасна идеја, да понудиме стоматологија која е технолошки напредна, но истовремено топла и човечка. Од прв ден вниманието беше насочено не само на третманот, туку и на целокупното искуство на пациентот. Со проширувањето на тимот, воведувањето нови специјалности и инвестициите во современа опрема, центарот постепено премина од мала ординација во референтен стоматолошки центар во регионот. Денес работиме како мултидисциплинарен тим, каде што секој доктор има специфична експертиза, а пациентите добиваат комплетен план на третман – од превенција, преку естетика, до комплексни имплантолошки и ортодонтски решенија. Ова континуирано градење, чекор по чекор, е клучот за нашето позиционирање.

Стоматолошкиот туризам е дејност која засебно се развива како бизнис и во последниве години бележи и раст и развој. Дали имате пациенти од странство и кои услуги тие најчесто ги користат?

– Стоматолошкиот туризам бележи значителен раст, па затоа имаме засебна канцеларија во Милано. Имаме редовни пациенти од Европа и пошироко, кои доаѓаат организирано или преку дијаспора. Најчесто користат имплантолошки и протетски третмани „Холивуд смајл“, ламинати и Invisalign третмани, а со текот на годините овој проект се развива успешно и континуирано. Честа слика е пациент кој доаѓа со јасна желба да ја подобри својата насмевка, а си заминува со комплетно променет изглед, поголема самодоверба и желба повторно да се врати, не само во клиниката, туку и во градот. Тоа е суштината на стоматолошкиот туризам што го развиваме.

Ги следите новите современи технологии и иновации во стоматологијата на светско ниво и впечаток е дека и услугите во Центарот се според светските трендови во стоматологијата. Што може да се очекува во Центарот во иднина?

– Во текот на наредната година планираме значително проширување со нов современ дел и добивање лиценца за едукативен и тренинг имплантолошки центар. Со тоа ќе бидеме единствени во Македонија каде ќе се едуцираат и тренираат млади доктори од Израел и од Виетнам – првата група ќе ни дојде во последната недела од февруари. На овој начин не само што ја подигнуваме стручноста на нашиот тим, туку и придонесуваме за развој на стоматолошкиот туризам и ширење на современи технологии во стоматологијата. Нашата амбиција е Охрид да стане препознатлива точка не само за убавина и туризам, туку и по современа стоматологија и едукација, место каде што се создаваат нови генерации на доктори.

Continue Reading

Македонија

Интервју на МИА со кардиохирургот Колев: Откажете се од пушењето итно и наеднаш, не постепено, а 30-45 минути пешачење за 50 отсто ви ја намалува опасноста да завршите на кардиохиругија

Во интервјуто со д-р Александар Колев, кардиохирург од Универзитетската клиника во Скопје, разговаравме и за проблемот што ги заплашува многу родители чии деца имаат отвор меѓу двете преткомори на срцето, а и за тоа дека 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Д-р Колев истакнува и дека многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Тој набројува и кои митови се најзастапени кај нашето население во поглед на кардиоваскуларното здравје, како што е тој дека со горен притисок од 160 единици може нормално да се живее

До 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Популацијата над 40 години да прави редовни прегледи, како што се електрокардиограм, ехо на срце, лабораторија за следење на маснотии и шеќер во крв, вели во интервју за МИА, д-р Александар Колев, специјалист по кардиохирургија од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Тој посочува дека пушењето цигари е исклучително штетно за кардиоваскуларниот систем и препорачува не постепено, туку веднаш да се прекине, да се прават редовни прегледи, да се зема терапија, да се има физичка активност, поголемо движење, поголема социјализација и подолг престој во природа. 

Нагласува дека за некој брз период ќе се формира нов центар за третман на срцеви болести односно ќе се спојат Државната кардиохирургија и Универзитетската клиника за кардиологија и дека со иницијатива на Владата формирани се работни групи кои треба да овозможат поврзување во еден правен субјект. На тој начин, посочува, ќе се избегнат бирократски пречки и ќе се обединат дијагностиката, конзервативниот третман и пред оперативната подготовка на пациентите, оперативното односно хируршкото лекување, како и постоперативното лекување и натамошното следење на срцевите болни.

Тој истакнува дека на Клиниката се извршени десеттина минимално инвазивни операции каде нема класично сечење на градната коска и еден голем мутилантен рез, туку со рез кој е под пазувата од само четири сантиметри направиле неколку замени на аортна валвула, неколку операции на митрална валвула и тоа е насоката во која и натаму планираат да се развиваат.

-Извршени се меѓу 250 и 320 кардиохируршки операции. Покрај кардиохируршки операции на нашата Клиника се изведуваат и васкуларни хируршки операции, наведува д-р Колев.

Во врска со трансплантациите на срце тој вели дека е потребно малку поголема активност во делот на подигнување на свесноста и на јавноста и на медицинскиот персонал за донорството и за навременото препознавање на мозочна смрт, дијагностицирање и преземање на сите постапки понатаму за овозможување на срцеви донори.

– Охрабрувачки е на некој начин кога ќе се посетат едни поразвиени држави, поразвиени здравствени системи, односно во конкретниот случај болницата во Бордо, Франција, кога ќе видите дека нема многу разлика од тоа што ние го работиме во Македонија, во делот на оние стандардни кардиохируршки интервенции, потенцира д-р Колев. 

Во рамки на  престојот во Универзитетската болница во Бордо тој првпат имал искуство да види како изгледа роботизирана кардиохируршка операција, поконкретно пластика на една болна митрална валвула на срцето.

-За мене кардиохирургијата како дел од хирургијата е и наука, и вештина, помалку е уметност, но пред се е начин на живот. Кога избирате кариера како хирург не избирате само професија, туку избирате нешто што е животен повик. За да знаете да направите една операција на срце, еден бај пас или замена на валвула вообичаено потребно е тоа срце да го запрете да работи, пациентот да го поврзете на една машина која е вештачко срце и вештачки бели дробови кои го одржуваат во живот, на некој начин сето тоа е многу фасцинантно и да го имате во вашите раце срцето на пациентот е буквално како да го имате неговиот живот, посочува д-р Колев.

Во врска со тоа која иновација или техника во кардиохирургијата најмногу ќе го трансформира третманот на пациентите во следната деценија, посочува дека минимално инвазивните процедури кои се и сегашност во светот, но особено нивното комбинирање со роботизирани апарати и дополнително веројатно ќе има многу голем напредок и развој со развојот на вештачката интелигенција, која во поголема мерка се користи во дијагностицирањето на многу болести. Тој истакнува дека веќе се направени неколку операции кои комбинираат хируршка активност со роботизирана активност и со вештачка интелигенција.

-Минимално инвазивните процедури, комбинирањето на ендоваскуларните процедури кои се без отворена хирургија, со отворени операции, односно хибриден пристап кон третирањето на пациентите ќе биде исто нешто што ќе овозможи голем бенефит за кардиохируршките пациенти. Понатаму сигурно дека ќе има можност со развој на биотехнологии и со развој на 3Д принтање на биолошки материјали на органи, на ткива, што ќе помогне исто за третманот на пациентите со срцева слабост, нешто што звучи радикално меѓутоа се случи и веројатно многу ќе се работи на тоа и во иднина, а тоа е таканаречената ксенотрансплантација. Една проста споредба за нејзиниот ефект. Првиот трансплантиран пациент со срце од човек донор живееше 18 дена, првиот трансплантиран пациент со срце од свиња живееше два месеца. Со етичките дилеми кои постојат и веројатно ќе бидат тема, кардиохирургијата во третманот на пациентите со срцева слабост ќе се движи кон развојот на нови технологии, но и кон ксенотрансплантацијата, додава д-р Колев во интервјуто за МИА.

Целото интервју може да го прочитате на МИА.мк

Continue Reading

Македонија

Полицијата предупредува: Строги санкции за возачите кои поминуваат на жолто

Во интервју за „Република“, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, потсети дека жолтото светло не значи дозвола за забрзување и поминување, туку сигнал за подготовка за запирање. Тој истакна дека речиси сите скопски раскрсници имаат трепкачко зелено светло кое трипати најавува дека следува жолто.

Топаловски појаснува дека законот е јасен: кога ќе се појави жолтото светло, возачот треба да започне со сопирање. Исклучок е единствено ситуацијата кога возилото веќе е во минување на раскрсницата во моментот кога зеленото преминува во жолто — тогаш камерите нема да регистрираат прекршок.

„Камерите имаат прецизно дефинирана зона. За да се констатира прекршок, регистрацијата на возилото мора да се забележи во раскрсницата додека свети црвено. Тоа е непобитен доказ,“ објасни Топаловски.

Тој предупреди дека поминувањето на жолто создава опасни ситуации, особено ако истото го направи и возач од спротивната насока. Поради тоа, како што нагласи, правилото останува: на жолто се кочи и се подготвува за следното зелено.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг