Во Германија постепено почнува да се применува новиот Закон за квалификувана имиграција, јави ДПА. Како што од поодамна предупредуваат германските политичари и економски експерти, на земјата итно ѝ треба професионална работна сила. Очекувањата се дека дупките во пазарот на трудот ќе се пополнат со работници од странство.
Измените на Законот за квалификувана имиграција кои беа донесени претходно годинава ќе се спроведуваат во три постепени фази со цел властите навремено да се престројат на новите услови.
На порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство можат да се добијат поопширни информации на германски, англиски, шпански и француски јазик.
Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот.
Секој кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, нешто за што до сега властите имаа дискреционо право за одлучување. Исто така, повеќе нема да има ограничувањето на дејност во струката. Тоа би знаело дека еден квалификуван работник во една струка би можел да најде работа во Германија во друга струка. Од ова исклучок се само професиите поврзани со медицината, правото и педагогијата.
Олеснувања во наоѓање работа преку добивање дозвола од Сојузната агенција за вработување ќе има и за професионалните возачи, а се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот.
Другите измени ќе стапат на сила на 1 март в година.
Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.
Германија имаше Закон за квалификувана имиграција уште вo март 2020, со кој тогашната влада на Ангела Меркел сакаше да го олесни пристапот на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија до германскиот пазар на труд. Сега тој закон е реформиран бидејќи на многу места сè уште има недостиг од кадри, особено квалификувани работници. Законот во претходната верзија не ги постигнал очекуваните резултати поради пандемијата е проценката на властите.
Она што е ново во новиот закон е воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.
Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43.800 евра бруто годишно, сума која досега изнесуваше 58.400 евра. Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.
Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.
Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места.
Средба на Продановски со амбасадорите на Германија и Франција во Прилеп
Денес, во Општина Прилеп, градоначалникот Дејан Продановски оствари важна протоколарна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, и амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка, отворање нови можности за економски развој, поддршка на локални проекти и зајакнување на културните и образовните врски со двете земји. Продановски потенцираше дека Прилеп има што да понуди како економски центар, но и како град со значаен туристички и културен потенцијал.
По средбата, заедно со амбасадорката Дрекслер и амбасадорот Ле Риголер, градоначалникот оддаде почит на жртвите од Првата светска војна, одбележувајќи го Денот на примирјето на германските воени гробишта во Прилеп. Овој ден претставува потсетник на трагичните последици од војната, но и на важноста на мирот, солидарноста и европските вредности. Примирјето од 1918 година означи крај на еден од најразорните конфликти во историјата и постави темели за иднината која денес се гради преку соработка и разбирање меѓу народите.
Продановски истакна дека Прилеп ќе продолжи да биде град кој гради мостови, развива партнерства и создава нови перспективи за своите граѓани.
Уживајте во сонцето уште викендов, потоа доаѓаат многу врнежи
Стабилното, суво и сончево време со ладни утра и топли денови ќе се задржи уште викендов. Веќе од понеделник облачноста ќе се зголемува а од ноќта кон вторник ќе ни започнат и обилни врнежи од дожд проследени со засилен до силен ветер од јужен правец.
Температурите викендов на многу места ќе се искачат до околу или ќе надминат 15 степени а во централните и во југоисточните предели температурата ќе се искачи до околу 20 степени. Тоа значи дека викендов ќе имаме температури над просекот за месец ноември.
Се на се, Антициклонот, односно полето со висок воздушен притисок полека ќе слабее а веќе од ноќта кон вторник ќе подпаднеме под влијание на циклонска активност со центар над Џенова која како што претходно кажав ќе услови да имаме многу врнежи и силен јужен ветер. Токму околу ова во следните мои метео објави следува детална метео анализа и актуелно МетеоАларм предупредување.
Изминатите четири дена лишени од слобода 11 лица за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик, 1518 сообраќајни прекршоци
Во периодот од (10/13.11.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1518 издадени платни налози, 498 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 11 лица, од кои осум за возење под дејство на алкохол, тројца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 942 прекршоци за неправилно паркирање, 290 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 48 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 161 учесник во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 64 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а пет заради техничка неисправност.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.