Седум членки на Унијата меѓу кои и Бугарија ги блокираа преговорите на Србија.
Бугарија, Хрватска, Холандија, Финска, Шведска, Литванија, Летонија и Естонија ставија вето за отворање на третиот кластер, официјално бидејќи унијата е загрижена поради неусогласената надворешна политика на официјален Белград со онаа на земјите членки. Заканите на Радев за бугарско вето и за Србија која според него не го почитува бугарското малцинство станаа реалност, но Вучиќ вели дека вистинските причини за ветото јавноста никогаш нема да ги слушне.
– Да ме праша Господ што им згрешивме на Бугарите, немаше да знам да објаснам. Изгледа разбирам кои се вистинските причини, иако никогаш нема да ги слушнеме. А за Хрватите сè ми е јасно, немам проблем да сфатам. За нас има две важни вести – да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив, вели Вучиќ.
Билатералните спорови кои ја кочат интеграцијата на земјите од регионот растат. Сепак проширувањето останува приоритет за новата Европска комисија, вели Марта Кос која вели дека ќе направи се за спорови од минатото да не бидат пречка за интерграцијата на Западен Балкан.
– Мојот сон е сите земји од Западен Балкан да бидат интегрирани во ЕУ, а границите и билатералните спорови да исчезнат, како што беше случај во многу делови од континентот. Ќе направам сѐ што можам билатералните спорови од минатото да не стојат на патот на нашата заедничка иднина, рече еврокомесарката за проширување Марта Кос
Македонија веќе не е единствената земја која се соочува со бугарско вето. Премиерот Мицкоски вели дека не се откажува од барање решенија што е првата фаза од вкупно трите фази кои се дел од стратегијата на власта.
– Сега е многу важно во втората фаза од планот да идентификуваме дали со внесувањето на неколку стотици граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми, или тоа се само првите десет метра од оваа трка на 110 метри. Веќе на сите ни е јасно дека не е ова само проблемот, туку проблемите допрва следуваат, вели Мицкоски
Следна шанса за разговори со европските челници Мицкоски ќе има на 18 декември кога во Брисел ќе се одржи самитот ЕУ Западен Балкан.