Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања реагира во врска неверодостојното пренесување на податоци од анкета од страна на политичката партија ДУИ.
Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања меѓу редови укажува дека ДУИ свесно манипулирала со дел од анкета според која наводно партијата има огромна поддршка меѓу граѓаните.
Целото соопштение на ИСППИ:
Во врска со објавите на социјалната мрежа Фејсбук од партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ), објавени на 24 јануари 2025 година, кои можат да се пристапат на следните линкови:
https://www.facebook.com/share/p/1BBqHFh9wt/
https://www.facebook.com/share/p/15wJXVU7Fm/,
должни сме да ја информираме јавноста дека објавите неверодостојно ги пренесуваат резултатите од анкетата кои Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања ги објави на 22 јануари 2025 година.
Пренесените резултати во наведените објави на никој начин не можат да бидат интерпретирани како партиски рејтинзи и не можат да се земат како основа за тврдење дека значителен дел од популацијата ја поддржува политичката партија ДУИ. Резултатите се однесуваат на блискоста на дел од испитаниците со партиите. Прикажаните проценти се извлечени од само дел од примерокот на испитаници (околу 40%) кои првично известиле дека се блиски до некоја политичка партија. Во следното прашање, само тие испитаници се прашани да ја изберат партијата до која се блиски, резултирајќи со наод за блискост на дел од популацијата со партиите, а не со наод за партиски рејтинг кој се однесува на целосната популација.
Сметаме дека ваквото дезинформирање на јавноста креира директна штета на напорите на научниците и граѓанскиот сектор да придонесат кон креирање на здрава политичка дебата заснована на докази. Бараме од релевантните политички актери да се воздржат од ширење на дезинформации кон јавноста.
Резултатите од анкетата се достапни на следниот линк: https://isppi.ukim.edu.mk/sites/default/files/2025-01/cses-prezentacija_0.pdf. Споделениот графикон, од кој недостигаат клучни информации во Фејсбук објавите на ДУИ, е достапен на стр. 44. На истиот, јасно е наведено дека се работи за блискоста до партиите за само дел испитаници, вкупно 421 испитаник (нешто над 40% од вкупниот примерок), податок кој е испуштен во објавите на политичката партија ДУИ.