Connect with us

Економија

Спречете ја евтинфлацијата – тоа е во интерес и на граѓаните, но и на трговците!

Published

on

Цените на поевтините производи за широка потрошувачка повеќе растат од цените на поскапите. Така инфлацијата посилно удира по посиромашните. Тоа е феноменот наречен евтинфлација (cheapflation). Затоа треба конечно да престане оваа хистерија на постојани генерални ограничувања на маржите и на цените и да се прифати предлогот да почне процес на намалување на цените на производите што ги користат семејствата со пониски доходи во секојдневната употреба. Ова е вистинската појдовна точка за секаков дијалог меѓу социјалните партнери по ова прашање. Секаква репресија врз бизнисот е неприфатлива. Наместо тоа, сопствениците на маркетите треба самикте да препознаат дека саморегулацијата е и нивен интерес.

Би сакал сосема накусо да објаснам зошто предлогот на маркетите до Владата – наместо да им се ограничат маржите на сите производи линеарно за 10%, да се разговара за листа на основни прехранбени производи за кои маржите би паднале дури и на 3% – е вистинската насока за излез од хистеријата, во голема мера подгреана од медиумите, во која се препелкаме цели две, ако не и повеќе години.

Ова не би било „мерка“ или договор со ограничено траење од еден месец, како што се предлага, туку тенденција од подолгорочен карактер во насока на стабилизација на пазарот и соборување на инфлацијата.

Најпрво, должам објаснување за кованицата од насловот, која за прв пат е во печат на македонски јазик. Ако ме прашате дали самиот сум ја смислил или некој ми ја кажал ќе ви одговорам дека, сепак, не сум оригинален овој пат. Единствено што направив е да го преведам од англиски зборот „cheapflation“ (евтино+инфлација), кој некои автори го лансираа неодамна, како објаснување на еден феномен забележан глобално, во бројните манифестации на злото наречено инфлација.

По дефиниција, инфлација имаме кога во економијата има општ раст на цените, со што се намалува куповната моќ на парите. Лицата чиишто доходи воопшто, или бавно се приспособуваат за да го следат растот на цените, осиромашуваат побрзо од поимашните.

Е сега, кој е новиот феномен, објаснет од британски економисти (Чен, Ливел и О’Конел) во минатата година, со анализа на движењето на цените во малопродажба во Велика Британија?

Анализата е направена и за други земји. Се испоставило дека цените на поевтините производи во дадени категории пораснале значително повеќе од поскапите примероци од истиот вид во маркетите. Со ова значително се погодени посиромашните слоеви од населението. Згора на тоа и фактот што и цените на храната, која пропорционално зафаќа значителен дел од нивниот расположлив доход, растеа со побрзо темпо од просечниот раст на цените.

Еве неколку примери: посиромашните граѓани секако дека не одат неиспрани, но за тоа во маркетите избираат поевтин детергент. Штедат на цените на средствата за лична хигиена, вклучително и орална. Ги купуваат поевтините шампони, течен сапун, паста за заби и слично. Од храната купуваат поевтини видови леб, ориз, тестенини…

Податоците од Белика Британија покажуваат дека во 2022 година, кога инфлацијата насекаде го беше достигнала својот врв, токму цените на поевтините производи пораснале значително повеќе од поскапите производи во иста категорија.

Кавало и Кривстов (2024) пресметале дека во периодот од третиот квартал од 2021 година до третиот квартал 2023 година, цените на поевтините производи во иста категорија пораснале за 34%, а тие на поскапите за 18% – значи, двојно повеќе!

Економистите нудат повеќе објаснувања за феноменот евтинфлација, со термини кои се туѓи за пошироката читателска публика. Моето објаснување, кое се заснова на верувањето дека пазарот секогаш и секому му го возвраќа ударот, е како што следи.

За време и по пандемијата на ковид-19, низа професии и вработени чиишто примања беа претходно потценети, се виде дека се сепак „есенцијални“ во дадените околности. Станува збор за работни места за кои не е потребно високо образование, во сектори како што се туризмот и угостителството, здравството, одржувањето на домовите, градежништвото и низа услужни дејности. Не беше никаков алтруизам, емпатија кон нив или нешто слично, туку едноставна пазарна логика, тоа што нивните примања, а со тоа и нивната куповна моќ, значително пораснаа, вклучително и како резултат на ад хок зголемувањето на минималната плата.

Секако, ова претставуваше добар развој на настаните, во смисла на намалување на нееднаквоста во доходите. Но, „проклетиот“ пазар си дошол по своето. Зголемената куповна моќ на овие слоеви население, кои традиционално своите потреби ги задоволуваа со поевтини производи, предизвика пораст на цените токму кај оваа класа производи.

Оттаму, зборуваме за евтинфлација (инфлација во цените на традиционално поевтините производи). Со ова нееднаквоста во распределбата на доходите повторно се продлабочува.

И затоа велам дека е добар предлогот да почне процес на намалување на цените на производите што ги користат семејствата со пониски доходи во секојдневната употреба. Ова е вистинската појдовна точка за секаков дијалог меѓу социјалните партнери по ова прашање. Секаква репресија врз бизнисот е неприфатлива и за тоа нема никаква законска ниту морална основа. Нема ниту потреба!

Треба да бидеме свесни за уште една работа. Трговските синџири се бизниси кои дејствуваат врз основа на пазарната логика. Тие не се социјални установи. Со нив, во името на сопствениците-акционери, раководат платени менаџери чијашто судбина е поврзана со нивната успешност во зголемувањето на приходот и на профитот на инвеститорите. Секоја деловна година тие ја започнуваат со строго утвредени таргети за перформансите, кои не им даваат мирен сон.

Ако е така, ќе го послушаат ли советот, овој пат дури и по сопствена иницијатива, да започнат со намалување на цените на стоките за широка потрошувачка, кои ги купуваат нивните верни купувачи со пониски доходи, не само за еден месец, туку како генерална тенденција?

Се надевам дека одговорот ќе биде позитивен. Но, не треба да им се лутиме што ова ќе го направат со зголемување на цените на други производи со повисоки цени, преку еден вид „вкрстени субвенции“. Само на овој начин може да се помири „општествената одговорност“ со пазарната логика!

Имаме неповторлива шанса феноменот евтинфлација да го испратиме во заборав.

Трајко Славески

Економија

ЕУ воведува стратегија за стимулирање на инвестирање преку штедење на пазарите на капитал

Published

on

Европската Унија (ЕУ) ја претстави новата стратегија „Унија на штедење и инвестиции“ (УШИ), која има за цел да ги канализира заштедите на домаќинствата од депозити во банки кон пазарите на капитал. Ова ќе им овозможи на граѓаните поголеми приноси и повеќе сигурни можности за вложување во акции, инвестициски фондови, обврзници и други инструменти.

Во Македонија, граѓаните чуваат над 6,5 милијарди евра во депозити, додека на берзата се инвестираат помалку од една милијарда. Европската комисија планира да ги мотивира граѓаните да инвестираат на пазарите на капитал преку развој на штедно-инвестициски сметки и подобрување на финансиската писменост. Стратегијата ќе поттикне и компаниите во ЕУ да имаат полесен пристап до капитал, што ќе им помогне во развојот на нови технологии, одржлива енергија и други клучни сектори.

Во Македонија, постои потенцијал за 1,2 милијарди евра да се пренасочат од депозити кон пазарот на капитал, што би го подобрило економскиот потенцијал и донело поголеми приноси за граѓаните.

Continue Reading

Економија

Волстрит со благ раст, инвеститорите претпазливи

Published

on

На Волстрит берзанските индекси втор ден по ред забележаа благ раст, но трговијата остана претпазлива поради неимпресивните економски показатели и исчекувањето на конечните одлуки на Вашингтон за царините.

Dow Jones порасна за 0,01% на 42.587 поени, S&P 500 се зголеми за 0,16% на 5.776 поени, додека Nasdaq забележа раст од 0,46% на 18.271 поен.

Иако индексите продолжија нагоре, темпото е значително поспоро отколку во понеделник, кога инвеститорите беа охрабрени од сигналите од Белата куќа за можноста за флексибилност во врска со царините.

Трамп и новите царини

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за сите земји кои наплаќаат царини на американски производи.

Сепак, во последните денови тој навести дека може да има исклучоци, дека царините можеби ќе бидат пониски од првично најавените и дека нема да важат за целокупниот увоз.

Берзите веќе со недели се под притисок поради трговските конфликти што Вашингтон ги води на повеќе фронтови – со Канада, Мексико, Кина и Европската унија.

Многу земји најавија контрамерки доколку САД воведат нови царини, што ја зголеми загриженоста кај инвеститорите дека трговската војна би можела да ја зголеми инфлацијата и да нанесе штета на глобалната економија.

Забавување на економскиот раст во САД

„Не очекувам дека ситуацијата со царините ќе биде појасна во наредните денови. Инвеститорите очајнички се надеваат на јасност, а дел од неа можеби ќе дојде на 2 април“, вели Рос Мејфилд, стратег во Baird.

Внимателноста на инвеститорите дополнително ја зголемуваат макроекономските податоци, кои покажуваат забавување на економскиот раст во САД.

Ова го потврдува и подпросечниот обем на тргување – на американските берзи вчера беа разменети околу 13 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 16,4 милијарди.

И европските берзи вчера забележаа раст. Лондонскиот FTSE порасна за 0,30% на 8.663 поени, франкфуртскиот DAX скокна за 1,13% на 23.109 поени, а парискиот CAC се зголеми за 1,08% на 8.108 поени.

Continue Reading

Економија

Од април повисока миниминална плата: Еве колку точно ќе изнесува минималната плата од април

Published

on

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека од април ќе започне исплатата на новата минимална плата, која ќе биде зголемена за околу 2.200 денари во однос на сегашната минимална плата.

Тој додаде дека доколку во следните месеци се постигне договор помеѓу работниците и работодавачите за поголем износ, ќе бидат направени законски измени и дополнителни усогласувања.

„Денес имаме владина седница, разговарав со министерот за економија и ќе подготвиме информација. Според Законот, минималната плата ќе биде зголемена на 24.400 денари, така е предвидено според Законот“, изјави Мицкоски.

Премиерот истакна дека во моментов не постои репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет и дека е формирана комисија која ќе ја утврди репрезентативноста.

„Се надевам дека наскоро, кога ќе бидат утврдени репрезентативните претставници на работниците, тие заедно со работодавачите ќе постигнат согласност, а ние ќе го почитуваме тој договор. Ако се договорат за поголем износ, ќе го промениме Законот и ќе направиме дополнителни усогласувања“, нагласи Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк