Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски заедно со Министерот за спорт Борко Ристовски, при денешната посета на локацијата каде што треба да биде изграден затворениот базен во Битола, најавија дека овој објект наскоро ќе биде завршен.
„Подготовките веќе се одвиваат на големо. Веќе од следната недела ќе се почне со интензивно продолжување на работата за завршување на базенот. Во договор со градоначалникот и општината, договоривме надзорот да го превземе општината и веќе наредната недела ќе имаме и надзор и ќе можеме официјално да ја продолжиме изградбата на овој базен во Битола, нешто што многу ги интересира битолчани, а беше пред 4 години почнато и ветено, дојде редот ние да го завршиме да го надминеме застојот кој беше изминатите години, но најважно од се е дека од страна на оваа Влада и градоначалникот на Битола, најдовме заеднички јазик, има волја и желба да го завршиме и конечно сите оние базени кои што се почнати, а не се завршени, до крајот на летото ќе ги ставиме во употреба, од што краен бенефит ќе имаат и граѓаните на Битола и граѓаните во сите градови каде што се започнати“, рече министерот за спорт, Борко Ристовски. Во однос на техничките карактеристики, беше посочено дека објектот е наменет пред се за детска популација, за обука, едукација, пливачки и спасувачки школи кои ќе се едуцираат, но и за граѓанството. После завршувањето на изградбата општината ќе го превземе во сопственост базенот, а најголем бенефит се очекува да има училиштето Даме Груев, во чиј двор се наоѓа овој објект. Градоначалникот Коњановски, нагласи дека во Битола, никогаш не се вложувало повеќе во спортот, потенцирајќи ги проектите кои ќе следуваат за изградба на спортски игралишта и училишни спортски сали.
Министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посетија и другите две локации, каде наскоро ќе се реализираат два нови проекти, за кои општината ја обезбеди проектната документација, а Владата одобри финансиски средства. Станува збор за проектите за изградба на центар за спорт и рекреативни активности – боксерска сала и санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.
Утре, четврток (27.03.2025), делови од Тетово и околните населени места ќе бидат без електрична енергија поради планирани прекини. Според најавите, прекините ќе се одвиваат во следните термини:
• Од 06:00 до 06:30 часот, без струја ќе бидат делови од град Тетово, вклучувајќи ги објектите кај ЗИК Млекара, ЗИК Ладилник, ШИК Јелак, Жито Полог, како и објектите на бензинската пумпа „Макпетрол“ и „One Hospital“.
• Од 09:00 до 14:30 часот, електрична енергија нема да има во село Ѓепчиште, во деловите во близина на Т.Н. Македонско Маало.
• Од 09:00 до 14:30 часот, прекин ќе има и во село Желино, во деловите во близина на поштата.
Граѓаните се советуваат да ги планираат своите активности согласно овие прекини.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, каде со директорот Горан Талевски разговараше за тековните и идните инвестиции во училиштето.
„Нашата цел е да создадеме подобри услови за учениците и наставниците, а со овие проекти значително го подобруваме квалитетот на наставата,“ изјави Коњановски.
Реконструкцијата на спортската сала е една од најзначајните инвестиции, со вредност од 6.756.133 денари. Во рамки на овој проект, извршена е целосна замена на подот со професионален паркет, санирана е кровната конструкција, обновена е електричната инсталација и осветлувањето, а трибините се реновирани и обоени со фасадна боја.
Дополнително, целосно е реконструирана наставничката канцеларија, со нов инвентар во вредност од 535.000 денари.
Во насока на енергетската ефикасност, училиштето доби и фотоволтаичен систем од 72 модулни единици, со капацитет до 40 киловати, инвестиција вредна 1.416.000 денари.
„Продолжуваме со нови проекти во соработка со Министерството за образование и локалната самоуправа, со што ќе обезбедиме уште подобри услови за сите ученици во Битола,“ истакна Коњановски.
Со цел подобрување на јавниот превоз во градот, намалување на сообраќајниот метеж и поедноставно и побрзо патување, Ротари Клуб Битола, изработи апликација која треба да ја олесни и подобри мобилноста во градот. Со оваа апликација „Bitola City Bus“, граѓаните ќе имаат можност да добијат точна информација во реално време каде се наоѓа потребниот автобус.
Апликацијата и придружниот систем се донација од Ротари клуб Битола за Општина Битола, а истите ќе бидат промовирани утре, на 27 март во 12:00 часот на Техничкиот факултет.
Оваа е уште една дигитална алатка, која се воведува во општината со цел обезбедување подобри можности за граѓаните за нивно брзо и ефикасно завршување на обврските. Во изминатиот период воведен е геоинформациски (ГИС) систем, елекстронски систем за преглед и плаќање на данок, систем за управување со документи (ДМС), а аплицирањето за субвенции за дограма, кое ќе започне од 8 април, исто така ќе се реализира преку нов модул – електронски систем за поднесување барања за субвенции.