Економија
Македонецот Крис Павловски со Rumble станува сериозна конкуренција на YouTube
Во светот на дигиталните медиуми, каде што неутралноста и слободата на изразување сè повеќе се доведуваат во прашање, една платформа предводена од човек со македонско потекло полека, но сигурно, станува сериозна конкуренција на YouTube. Тој човек е Chris Pavlovski, основач и директор на Rumble – видео платформа што руши рекорди, добива милионски инвестиции и привлекува глобално познати имиња.
Во последниот квартал од 2024 година, Rumble објави рекордни приходи од $30,2 милиони, што претставува раст од 48% во споредба со истиот период лани. Иако компанијата и натаму е во загуба од $236,8 милиони, најголемиот дел од таа бројка доаѓа од техничка финансиска обврска поврзана со новата инвестиција – а не од оперативни проблеми.
Во исто време, бројот на месечно активни корисници достигна 68 милиони, од кои 52 милиони се од САД и Канада, што претставува раст од 21% за само три месеци. Платформата бележи и зголемена ангажираност, повеќе прегледи и повисок просечен приход по корисник.
Моќна инвестиција и биткоин стратегија
Големата вест е дека Rumble доби $775 милиони инвестиција од Tether, најголемата компанија за дигитални средства. Од нив, $250 милиони отидоа директно во касата на компанијата, што ќе овозможи побрза експанзија и поголема стабилност. Дополнително, компанијата веќе вложи $17,1 милион во Bitcoin, како дел од нова стратегија за диверзификација и долгорочна отпорност.
Сè повеќе познати лица се селат на Rumble
Rumble веќе привлекува големи имиња кои ја напуштаат YouTube поради цензура или ограничувања. Меѓу нив се:
● Andrew Tate, еден од најконтроверзните инфлуенсери во светот, кој има милиони следбеници и влијание врз младата публика.
● Dr Disrespect, глобално познат gaming стример, кој започна со ексклузивни преноси токму на Rumble.
● Tim Pool, политички новинар и коментатор, кој создава премиум програми достапни само на оваа платформа.
Преку овие имиња, Rumble не само што ја зголемува својата база на корисници, туку се позиционира како вистинска дестинација за содржина што не може да се најде на други места.
Институционална доверба и геополитичко проширување
Во јануари 2025, Rumble потпиша договор за cloud услуги со владата на Ел Салвадор, а веќе во февруари, Белата куќа отвори официјален канал на платформата. Овие потези покажуваат дека институциите од различни спектри ја препознаваат вредноста и независноста на платформата.
Судски битки за слобода на говор
Rumble не само што се бори на пазарот, туку и правно го брани правото на слобода. Заедно со Trump Media, компанијата поднесе тужба против бразилскиот судија Alexandre de Moraes, откако тој нареди блокирање на профили на американски корисници. Федерален суд во САД потоа пресуди дека тие наредби немаат никакво правно дејство на американска територија – голема победа за Rumble и за слободниот интернет.
Во првиот квартал од 2025, компанијата очекува раст на приходите од најмалку 25%, а до крајот на годината има цел да постигне финансиска стабилност (EBITDA breakeven). Инвестициите во нова содржина, инфраструктура и интерна огласувачка платформа (Rumble Advertising Center) ќе играат клучна улога во тоа.
Зошто ова е важно за Македонија?
Chris Pavlovski, човекот зад оваа револуција, е со македонско потекло. Тој е еден од ретките Македонци кои стојат зад платформа што има глобално влијание и која променува како функционира интернетот. Во време кога многумина се жалат на ограничувања и на недостапност на глобалниот пазар, Pavlovski е доказ дека сè е можно – дури и конкуренција на YouTube.
Rumble веќе не е „алтернатива“ – Rumble е сериозна конкуренција на YouTube, и тоа под водство на еден Македонец. Со рекордни резултати, глобални имиња, судски победи и поддршка од крипто-индустријата, платформата ја редефинира дигиталната слобода.
Додека светот бара нови начини за слободна комуникација, Rumble покажува дека визијата на еден Македонец може да стане глобален тренд.
Економија
МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 12 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.190,89 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет изнесуваше 13,77 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето се реализираше со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит, кои повторно беа меѓу најликвидните на официјалниот пазар.
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.530.810 денари
● Гранит АД Скопје (GRN) – 2.135.470 денари
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 4.255.040 денари
● Реплек АД Скопје (RPK) +1,00%
● Гранит АД Скопје (GRN) +0,08%
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –1,28%
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,47%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,27%
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници, при што индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени без промени во цените. На берзанската сесија од 12 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на финансискиот и градежниот сектор.Индексот МБИ10 продолжи со благо негативно движење од –0,32%, при што Комерцијална банка повторно ја предводеше трговијата по обем, а Реплек беше најголем добитник на денот. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупниот дневен промет достигна 13,77 милиони денари.
Економија
Царина без редици: Потврдите за долгови веќе не се чекаат лично
Хартиените потврди за царински долг, неопходни за упис и промени во Централниот регистар, заминуваат во историјата. Со револуционерен чекор, Централниот регистар (ЦР) отсега ги добива сите потребни податоци директно од Царинската управа (ЦУ) – електронски и во реално време, со само еден клик.
Оваа дигитална трансформација е огромен потег кон намалување на административниот товар. На заедничка прес-конференција, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, ја промовираа новината што ветува заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните низ целата држава.
„На годишно ниво издававме меѓу седум и девет илјади хартиени потврди. Секое барање бараше од пет до десет дена за обработка – вистински административен маратон. Сега, граѓаните нема да мораат да патуваат до Скопје или да ангажираат скапи адвокати за да ја завршат оваа обврска“, истакна Николовски.
Тој е дециден: „Со овој чекор, јасно ја демонстрираме нашата посветеност за создавање подобри услови за водење бизнис, преку драстично намалување на бирократските процедури. Бизнисот нема време за чекање! Како институции, сме должни да работиме кон одржливо општество каде што економскиот раст е движен од зголемената ефикасност и довербата во системот.“
Дигитализацијата носи не само брзина, туку и сигурност. „Истовремено, овозможуваме безбедност, интегритет и точност на податоците, со што активно делуваме во насока на сузбивање на можни измами“, додаде Николовски.
Директорката на ЦР, Анита Стамнова, потврди дека е успешно завршена првата фаза од проектот – надградба на Едношалтерскиот систем за автоматско обезбедување на доказ за платени царински давачки во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите, фокусирани на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. Ги охрабруваме сите институции да продолжат со меѓусебна соработка за имплементација на поефикасни електронски услуги, односно за градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.
Економија
Министерката Божиновска: Енергетиката не смее да остане сектор со најмалку жени
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.
Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.
„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.
Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.
„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.
Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.
Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.
Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.
„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.
Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.
Трендинг
-
Македонија1 day agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника4 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Црна Хроника6 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Црна Хроника17 hours agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Балкан6 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република2 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
-
Црна Хроника2 days agoИнцидент на лет кон Скопје: Пијани навивачи тероризирале патници















