Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик.
Весна Мојсова-Чепишевска**
Во светлината на неколку јубилеи за македонистиката чувствувам и радост, но и ослободување што можам пред своите колеги од двете страни на границата, македонската и грчката, да зборувам за тоа што значи и колку значи излегувањето на една мала по страници (само 40), но голема по значење, книга-буквар во Грција.
Имено, годинава, и тоа точно во мај, се навршуваат 100-те години од излегувањето на првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов АБЕЦЕДАР, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на „Друштвото на народите“ во Женева. Овој буквар е отпечатен во Атина во мај 1925 на лерински (леринско-битолскиот) народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А само по дваесет години, исто така во мај (5 мај 1945) се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик. Истата година, на 7 јуни излегува и првиот Правопис на македонскиот јазик. Истата година излегува и првиот БУКВАР на стандарден македонски јазик по кои учат малите Македончиња во новата учебна година во слободна Македонија.
Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик. Во тој контекст може да се споменат само два примера, едниот на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а другиот на Григор Прличев.
Важен настан од времето на учителската работа на Џинот, вели Блаже Конески, е „Таблица перваја“, потпишана со неговите иницијали, чија појава се случува некаде околу 1840 година. Тоа е еден практичен школски текст, сличен на многубројни тогашни т.н. „таблици“ што се во употреба по училиштата во Грција, Романија, Србија, Бугарија, како и кај нас во текот на повеќе децении од XIX-от век или како што потенцира Ванчо Тушевски: „Таблицата беше на мода и според неа се учеше во многу училишта на Балканот. “ (2003: 227, означеното е мое). Инаку, „таблицата“ на Џинот „содржи најголем дел мисли извлечени од „Ижица“ на Д. Обрадовиќ, и тоа од Част I Ижичини дарова“ (1973: 21)[1]. Појавата на „Таблица Перваја“ Конески ја смета како почеток на една нова епоха во развитокот на македонската просвета и писменост во XIX-от век.
Од друга страна, го имаме искуството на Прличев. Збирката поезијата за деца под наслов „Воспитание и дванадесет песни за деца“ („Воспитание или 12 н’равствени песни“) што Прличев ја подготвувал за објавување уште во 1872 година доживува неуспех. Таа никогаш не излегува од печат. Но, стои високото мислење што го има Прличев „за воспитната улога на поезијата, ставајќи ја над филозофијата и науката“ (Друговац, 1996: 19, означеното е мое), со што ја актуелизира дидактичноста на поезијата за деца во неговото време. Во овој контекст, на Прличев треба да гледаме како на еден потенцијален поет за деца, како што тоа се Јован Јовановиќ-Змај кај Србите, Иван Филиповиќ кај Хрватите или Антон Мартин Сломшек и Фран Левстик кај Словенците. И покрај тоа што Прличев во овие песни за деца не е поетски уверлив, зашто не е естетски сугестивен, тој го има мотивот. Но, вториот Хомер нема поетски здив за да го облагороди тој мотив со култивиран исказ и адекватна форма. Сепак, Прличев треба да го читаме „како прв македонски поет за деца“ (Друговац, 1996: 27, означеното е мое).
Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска за АБЕЦЕДАР-от на Научната трибина „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“
Имајќи ја предвид оваа скромна претходница факт е дека излегувањето на македонски буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас Македонците. Оваа година како фототипно издание може да го има секој од нас во својата библиотека благодарение на Матица македонска. Мојот поглед кон ова издание е насочен кон можноста овој АБЕЦЕДАР да се исчита и како прв буквар и како прва книга за деца на македонски народен јазик (без притоа да се прави некоја јазична анализа).
Буквите се подредени од „а“ преку првите согласки (б/b, в/v, к/k, д/d, м/m…) и самогласки (e/e, и/i, о/о, у/u…) за да може да се прочитаат и да се напишат првите зборови (двосложни) и првите реченици, едноставни од два или неколку збора, како: „баба вика / baba vika“ (2025: 8) или „бабо вика бебе / babo vika bebe“ (2025: 9), или „детето има топка / déteto ima topka“, но и „тетка вика тука детето / tetka vika tuka déteto“ (2025: 14), па сѐ до оние гласови што се предадени како дифтунзи (Ѕ = DZ, Џ = DŽ, Ќ = КЈ, Ѓ = ГЈ …) како во речениците: „Ѕидот је висок / Dzidot je visok“ (2025: 30), „вечер имаме голем џумбуш / večer imame golem džumbuš“ (2025: 31). Притоа авторите на букварот внимавале да го означат и акцентот кај третосложните зборови кој треба да е на првиот слог. И тоа е во правец на правилниот изговор и правилното читање. Како се учат буквите, така речениците стануваат и поголеми и побројни кои кон крајот прозвучуваат и како мали текстови, како на пример: Јагнето паси во ливадата. Митре јаде јаболко и си касна јазикат. / Jagneto pasi vo livadata. Mitre jade jábolko i si kasna jázikat.“ (2025: 22). Букварот ја почитува и потребата од илустрација која функционира како диптих со самата буква и со самиот збор кој почнува на таа буква или се врзува со таа буква. Впрочем, детето, така (преку визуализацијата) полесно и побрзо ги учи самите букви и побрзо почнува да чита.
На крајот се дадени сите букви (за сите гласови од македонскиот јазик т.е. од леринско-битолскиот говор) како можна основа за идната македонска азбука, па и за некоја бушава/игрива азбука како онаа на Горан Стефановски.
Букварот продолжува со едноствани објаснувања на некои основни граматички категории (како заменки, заменски придавки, прилози за место и за време, заповеди т.е. заповедниот начин и сегашното време).
Сосема на крај АБЕЦЕДАРОТ се затвора со малата и многу значајна ЧИТАНКА која е составена од осум текста. Тие може да се читаат и како први текстови наменети за децата, како мали четива или кратки раскази напишани на тој лерински говор или на македонски народен јазик. Кога се размислува за тоа кои критериуми ја определуваат литературата како соодветна за детската рецепција, антрополошкиот и психолошкиот аспект секогаш ја имаат предвид возраста. Затоа, најчесто се тврди дека литературата за деца треба да го содржи критериумот едноставност. Изборот на теми низ едноставниот јазик кој понекогаш се обидува и да не биде премногу строг и крајно дидактички сосема одговара за возраста кога се случува и описменувањето. Темите на кои почнуваат да читаат се однесуваат на верата, човекот, семејството, училиштето, црквата … Тоа значи, дека овие осум четива сосема ја имаат предвид возраста и го запазуваат критериумот едноставност.
Општо место во литературата за деца е дека испраќачот е секогаш или најчесто возрасен (родител или учител), а примачот е дете (со сето свое неискуство, наивност, неразбирање). Добро е кога текстот е загатка. Тогаш тој бара разгатнување. Во таа смисла возрасниот читател секогаш е во предност кога чита литература за деца и „покрај тоа што детето на неговата сегашност го надминува, психолошки и интелектуално, детето на неговото минато“ (Владова, 2001: 17). Во однос на овој критериум четивата од првиот македонски буквар се недоволно игриви, но се сосема коректно загатливи. Пред сѐ треба да се има предвид дека тие се наменети за отпочнување на процесот на читањето. Но се поучни зашто се читаат како мали животни лекции, на пример во што е силата на човекот, што е семејството т.е. фамилијата, како треба да се однесуваме во црква, како децата се чувствуваат кога ќе добијат чаша топло млеко од мајка си, зошто и кога е Ленка лошо девојче / лоша чупа … (2025: 40). Така, овие осум текстови како да се надоврзуваат на оние поуки од „Таблица перваја“ на Џинот.
Ленка лошата чупа
Петре и Гјоргиа одат нá-поле за да играт со другáрите. Мáлата сестра на Петре, Ленка, сáкат и таја да оди сóними да игра. Петре ја нéкеше. Ленка плачи, вика и се фирли нá-земнја и фати да клоцат. Фýстано му се стори бербат. Бáбата ја слуша како плáчепе от áурот, кај дáваше сено на волóите. Истирца и ја крена, ја истресе и му даде едно цирвено јóболкои. Ленка папса да плачи и си го јаде јабóлкото.
Читајќи го текстот од самиот АБЕЦЕДАР (секако напишан со латинично писмо) се потсетувам дека токму вака зборуваа баба ми Дилба и дедо ми Ристо, од село Сетина, Леринско.
Фрагмент од букварот АБЕЦЕДАР со расказот „Ленка, лошата чупа“
А, овој последен текст „Ленка, лошата чупа / Lenka, loša čupa“ (2025: 40) како да нѐ води кон еден мал расказ во кој има и доволно драматичност и сериозна поучност (па во тој поглед некако е во дијалог со некои од оние песни за деца на Прличев). Така доаѓаме и до третиот критериум. Како најголем грев во литературата за деца се посочува токму дидактичноста поточно поучноста. Впрочем таа, самата за себе, не е воопшто лошо обележје на литературата за деца. „Прекрасно е ако литературата може да ѝ конкурира на жестоката визуелност која неконтролирано го освојува светот на детството. А дидактичноста на литературата за деца е само обратен мимезис, во неговата смисла да се препознае светот (Владова, 2001: 17)“. Така и овие мали четива (лекции) го поучуваат, но и го забавуваат малиот читател. А добрите четива може да го пренесат читателот од брегот на детството до брегот на возрасните.
Затоа е навистина штета што воопшто овој прв македонски буквар не дојде до рацете на македонските деца од Грција кои ние во секојдневниот говор сѐ уште си ја викаме Егејска Македонија.
*
Литература со која се користела проф. д-р Весна Мојосва- Чепишевска за подготовка на овој текст:
АБЕЦЕДАР. Скопје: Матица македонска, 2025.
Друговац, Миодраг. Македонска книжевност за деца и младина. Скопје: Детска радост, 1996.
Владова, Јадранка. Литература за деца. Скопје: Ѓурѓа, 2001.
Текстот на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска е всушност нејзиното обраќање на Научната трибина „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“, во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во соработка со Катедрата за словенски, балкански и ориентални јазици од Универзитетот Македонија во Солун, што се одржа на 11 и 12 април оваа година.
[1] „Во однос на „Ижица“ – „Таблицата“ на Ј. Х. Константинов ги покажува следните карактеристики. Џинот или преведува буквално, збор по збор од српски на македонски и со тоа ни дава убав македонски превод од српски јазик, или комбинира по две-три или повеќе мисли Доситееви и ги дава во еден ук, или пак ја задржува основната мисла на Доситеја Обрадовиќ и ја искажува на свој начин, со свои зборови“ (Поленаковиќ, 1973: 21).
Македонија станува се поинтересна за инвеститорите. Турската компанија Cavo Otomotiv изрази сериозна подготвеност да отвори нова фабрика во индустриската зона во Скопје во вредност од 25 милиони евра, што ќе отвори 500 нови работни места. Cavo Otomotiv е мултинационална корпорација која работи во автомобилската индустрија, дизајнира и произведува безбедносни производи и разни механизми и оперативни кабли. Компанијата освен во Турција, моментално е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија, така и за Европа.
Намерата за вложување беше потврдена на средбата меѓу првиот човек на Otomotiv, Кемал Амануел, со директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски.
Беа истакнати напорите и посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која активно работи за подобрување на условите за инвестирање во соработка со Владата и сите засегнати страни, соопштија од ТИРЗ
Претходно беше објавено дека турската Џагатај Кабло ќе ги прошири постоечките капацитети во Бунарџик, а со тоа ќе отвори 200 работни места и ќе се вложат 6 милиони евра во нов објект од 10 илјади квадратни метри.
Последниве неколку недели и други странски инвеститори најавија нови капацитети или проширување на постоечките. Меѓу нив се американски „Алкараз“, турски „Казанџи холдинг“, француски „Акуо“.
Најавен е и влез на нова компанија која ќе произведува бела техника во Скопје, целосно наменета за извоз. Се очекува да бидат отворени уште 200 работни места.
Минатиот месец во штипската зона започна со работа канадска „Магна“, фабрика која ќе вработи до 500 луѓе кои ќе произведуваат електронски компоненти за автомобилската индустрија.
Според последните податоци на Народната Банка минатата година завршила со рекордно нивно на странски инвестиции од 1 милијарда и 250 милиони евра. Последниот квартал бил најдобар кога вложувањата достигнале 400 милиони евра.
Власта најави политики за привлекување нов бран странски инвестиции кои треба да донесат и до 6 милијарди евра во Македонија. Односно, инвестицискиот циклус треба да опфати изградба и реконструкција на автопати, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, изградба на пругата Табановце- Гевгелија која ќе е дел од Коридорот 10, болници во Штип и Кичево и реконструкција на клиничка болница во Тетово. Парите за ова според вицепрмиерот Николоски дел се обезбедени во Буџетот, а дел ќе бидат позајмени.
„Народот е против ДУИ. Меѓународната заедница е против ДУИ. Стратешките партнери се против ДУИ. ДУИ е сама, изолирана и непосакувана од сериозните партнери. ДУИ остана во бродот што тоне осамена со корумпираните политичари кој сеуште ги контролира. ВЛЕН е со народот, партнерите и победата“, посочуваат од коалицијата.
Пазарот кој што го направи ДУИ лично со Арбен Таравари за дестабилизација на владата и предизвикување на предвремени избори, пропадна. Последната надеж и лага која ДУИ им ја сервира на своите членови, дека брзо ќе се врати на власт, е веќе минато. Не помогна ниту Олигархија, ниту Соравија, ниту Лотарија. Ова се вистинското лице на срамот на ДУИ и синоним за злоупотреба на власта за богатење на семејството, велат од коалицијата ВЛЕН.
-Идејата за плурализам, демократија и борба против корупцијата победи на изборите, победи и во овие матни игри и повторни обиди за делење на албанското политичко ткиво. Али Ахмети веќе нема сила со поделби на Албанците да биде власт, да одлучува сам, да се богати неговата фамилија, да ги брка нашите деца надвор од државата. ВЛЕН е горд на демократијата и плурализмот кој ги донесе, додека ДУИ сака една партија да владее. ВЛЕН е горд дека ги обединува Албанците, додека ДУИ ги дели. ВЛЕН е горда дека донесе одговорност за корумпирани политичари, додека ДУИ сака да ги заштите криминалците од нивните фамилии, посочуваат од ВЛЕН.
„ВЛЕН е горда дека е демократска, додека ДУИ е партија на едно семејство. ДУИ треба да се помири дека ќе остане во опозиција уште долги години. Народот е против ДУИ. Меѓународната заедница е против ДУИ. Стратешките партнери се против ДУИ. ДУИ е сама, изолирана и непосакувана од сериозните партнери. ДУИ остана во бродот што тоне осамена со корумпираните политичари кој сеуште ги контролира. ВЛЕН е со народот, партнерите и победата“, посочуваат од коалицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е неприфатливо доколку Арбен Таравари како коалициски партнер во Владата е во договори со ДУИ за настап на претстојните локални избори. Мицкоски денеска изјави дека утре ќе има средба со Таравари на која ќе побара јасен одговор од него во врска со оваа тема.
„Со Таравари имаме редовна, секојдневна комуникација како колеги во Владата. Утре ќе имаме средба на која јасно сакам да слушнам дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет-шест општини каде што тој ќе оди со кандидати, ДУИ нема да има свои предлози за градоначалници. Тоа значи себепонижување како политичка партија, а второ дека ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ по повод 122 години од неговата смрт.
Мицкоски кажа дека во втората половина на месецов пред Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со имињата на кандидати за градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат во октомври.