Connect with us

Економија

Божиновска: Новиот Закон за енергетика документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении

Published

on

Новиот Предлог-закон за енергетика е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении. Ова не е само закон, туку визија за модерен, одржлив и конкурентен енергетски систем што ќе донесе придобивки за економијата, граѓаните и животната средина.

Овој закон е дел од нашите обврски како членка на Енергетската заедница. Го транспонираме европскиот „Пакет за чиста енергија“, кој вклучува директиви и регулативи како Директивата (ЕУ) 2019/944, Регулативата (ЕУ) 2019/943, CACM, REMIT и други. Требаше да го усвоиме до крајот на 2023 година, но, да бидеме искрени, задоцнивме. Сега, во април 2025, сме целосно посветени да ја завршиме оваа работа. Со донесувањето на законот, ќе ги затвориме споровите со Енергетската заедница, како случаите ECS-11/24 за електрична енергија и ECS-21/24 за гас, што е важно за нашиот меѓународен углед.

Но, овој закон не е само за исполнување европски обврски. Туку основа за создавање енергетски систем што ќе привлече инвестиции, ќе создаде работни места, ќе ја заштити животната средина и ќе обезбеди сигурна, достапна енергија за секој граѓанин. Тоа е дел од нашата реформска агенда за поблиску до ЕУ, но и за подобар живот тука, дома.

Овој закон од 317 члена е резултат на напорна работа и широка соработка. Процесот почна пред формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, но не се заврши. Откако се формираше министерството, создадовме работна група со претставници од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, ТЕ-ТО, МЕМО, стопанските комори и други засегнати страни. Одржавме 14 состаноци, а на 24 октомври 2024 година го ставивме предлогот на јавна консултација на платформата ЕНЕР. Добивме коментари од Енергетската заедница и ги вградивме во текстот, со поддршка од правни експерти од ЕБРД.

„Горда сум што овој закон го напишаа македонски професионалци од јавната администрација, луѓе со долгогодишно искуство во енергетиката, без дополнителен надомест. Тие поставија високи стандарди за идната работа на министерството, и тоа е нешто што треба да го цениме“ истакна Божиновска.

Клучните новини во законот
1. Повеќе обновливи извори и инвестиции
Законот го олеснува градењето соларни, ветерни и хидроелектрани преку Годишен план за енергетска инфраструктура, што го подготвуваме во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката и Интегрираниот национален план за енергија и клима. Инвеститорите можат да поднесуваат предлози до 1 јуни секоја година, а ние ќе ги поддржуваме проектите што ги исполнуваат нашите цели за чиста енергија. Законот исто така воведува јасни правила за приклучување на мрежата, за да нема хаос со премногу соларни панели на дистрибутивната мрежа.
2. Заштита на ранливите граѓани
Енергетската сиромаштија е реален проблем, и затоа воведуваме методологија за нејзино мерење, во соработка со Министерството за социјална политика. Домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја ќе добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи. Владата може да одобри компензации за овие семејства, а ранливите потрошувачи ќе имаат и финансиска помош (на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди) и нефинансиска помош (како забрана за исклучување од мрежа). Ова е за да никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми.
3. Либерализиран и конкурентен пазар
Законот создава пазар на електрична енергија каде цените се формираат пазарно, но со заштита за ранливите. Воведуваме пазар „ден однапред“ и „во тековен ден“, што овозможува поефикасна трговија со струја. МЕМО е назначен за номиниран оператор (НЕМО) за четири години, што ќе го поврзе нашиот пазар со европскиот преку механизам наречен „market coupling“. Ова значи дека можеме да купуваме и продаваме струја по конкурентни цени, што може да ги стабилизира сметките за граѓаните. На пример, ако во регионот има вишок струја, можеме да ја купиме поевтино, а ако имаме вишок, да ја продадеме.
4. Складирање енергија и електромобилност
Складирањето на електрична енергија станува посебна дејност, што е клучно за управување со обновливите извори. На пример, соларните панели произведуваат струја преку ден, но со складирање можеме да ја користиме и навечер. Ова ја прави мрежата постабилна и ја намалува потребата од увоз во шпиц-периоди. Исто така, го интегрираме полнењето на електрични возила во мрежата, со јасни правила за станиците за полнење. Ако сакате да возите електричен автомобил, законот гарантира дека станиците за полнење ќе бидат достапни и дека цените за струја за полнење ќе бидат разумни, во рамките на просечните цени на горивата.
5. Паметни системи и лесна промена на снабдувач
Воведуваме паметни мерни системи за точно мерење на потрошувачката, а отстрануваме и можноста броилата да не се читаат, што досега создаваше конфузија кај граѓаните. Секој потрошувач ќе може да го смени снабдувачот за само 48 часа, без трошоци за домаќинствата и малите потрошувачи. Ова значи поголема слобода – ако не сте задоволни од вашиот снабдувач, можете брзо да изберете друг, без бирократија.
6. Граѓански енергетски заедници и активни потрошувачи
Законот им дава можност на граѓаните да формираат енергетски заедници. На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да ја продаваат вишокот. Ова ги прави граѓаните активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи. Идејата е да имате контрола врз вашата енергија и да заштедите.
7. Подобрена енергетска сигурност
Законот воведува мерки за справување со ризици во снабдувањето со струја и гас. Министерството ќе подготвува планови за итни ситуации, за да бидеме подготвени за кризи, како прекини во снабдувањето. Ова е особено важно во зима или во периоди на висока потрошувачка, за да нема затемнувања или недостиг на енергија.
8. Подобро управување со енергетските мрежи

Воведуваме Десетгодишен план за развој на електропреносниот систем и јасни правила за операторите на мрежите. Министерството станува сопственик на операторот на електропреносниот систем, што ни дава поголема контрола врз стратешките одлуки. Исто така, се осигуруваме дека мрежите се подготвени за повеќе обновливи извори и за зголемена потрошувачка, како од електрични возила.

Законот е пред Собранието, немаше забелешки од собраниските комисии. Сме отворени за амандмани во второто читање, за да го направиме текстот уште подобар. Целта ни е да создадеме закон што ќе трае, што ќе даде правна сигурност и нема да бара чести измени. Имплементацијата бара соработка на сите институции – ќе треба да ги зајакнеме капацитетите на РКЕ, операторите на мрежите и министерството. Ќе воведеме нови процедури, платформи за известување, обуки за кадар и ќе соработуваме со регионални и европски партнери. Исто така, ќе работиме со приватниот сектор и граѓанските организации.

Овој закон е за иднината на Македонија. Тој ќе го стимулира економскиот раст, ќе го забрза технолошкиот напредок, ќе ја заштити животната средина и ќе нè приближи до европските и глобалните климатски цели за 2050 година. Целта е Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја – тоа е она што го градиме со овој закон. Сакаме да бидеме лидер во регионот во чиста енергија, и ова е голем чекор во таа насока.

Економија

Цените на нафтата пораснаа по договорот помеѓу САД и Кина

Published

on

Цените на нафтата бележат пораст од околу четири проценти во понеделникот, поттикнати од позитивниот развој на трговските преговори меѓу САД и Кина – двете најголеми светски економии и водечки потрошувачи на нафта.

На лондонскиот пазар цената на еден барел сурова нафта се зголеми за 2,43 долари и достигна 66,34 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,51 долари, достигнувајќи цена од 63,53 долари.

Порастот следи по најавата за привремено олеснување на трговските тензии: САД и Кина се согласија на 90-дневен прекин на воведените царини, како резултат на разговорите што се одржаа во Женева за време на викендот. Двете страни најавија намалување на тарифите за повеќе од сто проценти, со што тие ќе се вратат на основната стапка од 10 проценти.

Ова беа првите директни средби на високи економски претставници на двете земји по враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД, кога започна нов бран трговски ограничувања кон повеќе меѓународни партнери.

Инвеститорите се надеваат дека договорот ќе ја зголеми глобалната трговија и, со тоа, побарувачката за нафта. Веќе минатата недела цените на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, откако беше потпишан трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство, што дополнително ги охрабри пазарите.

Претходно, трговската војна меѓу САД и Кина која започна во април ги урна цените на нафтата на најниско ниво во последните четири години. Сепак, последните случувања сигнализираат можен пресврт и стабилизација на глобалниот енергетски пазар.

Continue Reading

Економија

Берзата во рамнотежа: Макпетрол и Адинг добитници на денот  – 12.05.2025

Published

on

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

Динамика на тргување и пазарни движења

Тргувањето на Македонската берза на 12 мај 2025 година се одвиваше во умерен ритам со вкупен промет од 19.841.870 денари. Индексот МБИ10 бележи благ пад од -0,18%, затворајќи на ниво од 10.793,62 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 126,44 поени. Најголем дел од прометот беше сконцентриран кај традиционално ликвидните хартии од вредност.

Најтргувани акции 

1. Алкалоид АД Скопје (ALK) – промет: 6.036.150 денари, последна цена: 27.000 денари, пад од -0,99%

2. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – промет: 5.579.410 денари, последна цена: 28.896 денари, пад од -0,30%

3. Макпетрол АД Скопје (MPT) – промет: 1.788.000 денари, последна цена: 121.000 денари, пораст од +1,46%

Најголеми добитници

1. Адинг АД Скопје (ADING) – пораст од +9,95%, последна цена: 2.200 денари

2. Макпетрол АД Скопје (MPT) – пораст од +1,46%, последна цена: 121.000 денари

3. ОКТА АД Скопје (OKTA) – пораст од +0,65%, последна цена: 4.650 денари

Најголеми губитници

1. Алкалоид АД Скопје (ALK) – пад од -0,99%, последна цена: 27.000 денари

2. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – пад од -0,30%, последна цена: 28.896 денари

3. Стопанска банка АД Скопје (STB) – пад од -0,33%, последна цена: 3.111 денари

Обврзнички пазар

И покрај тоа што беа котирани неколку државни и корпоративни обврзници, не беше евидентирана трговија со обврзници во текот на денот. Индексот ОМБ остана стабилен на ниво од 126,44 поени.

Берзанскиот ден на 12 мај 2025 година беше обележан со внимателно позиционирање на инвеститорите и ниски ценовни промени кај водечките хартии од вредност. Иако индексот МБИ10 благо опадна, тргувањето со акции на Макпетрол и Адинг ја внесе потребната динамика, додека Алкалоид и Комерцијална банка забележаа благо негативни корекции. Пазарот останува во балансирана состојба со умерена ликвидност.

Continue Reading

Економија

Мицкоски: Одговорниот и принципиелниот тим во Министерството за финансии носат резултати

Published

on

Премиерот Христијан Мицкоски на Самитот 2025, во организација на „Македонија 2025“, ја оцени работата на досегашната влада и ги претстави главните предизвици со кои се соочува новиот кабинет. Во своето обраќање, тој нагласи дека за успешна реализација на реформите е потребно суштинско менување на работењето, а не само на јавната перцепција.


Одговарајќи на прашањето што го блокира напредокот, премиерот истакна дека политиката најчесто се темели на впечатоци, а не на суштина. „За жал политиката најмногу се темели на перцепција, многу малку на суштина, иако суштината на долг рок ја гради перцепцијата“, нагласи Мицкоски.
Во продолжение, тој го пофали тимот во Министерството за финансии за воспоставената „принципиелна дисциплина“ и правилно фокусирање на расходите, што, според него, ја доведува државата во сегашните стабилни економски параметри: „Посебно сум инспириран и воодушевен од работата на тимот внатре во рамките на министерството за финансии коешто воспостави принципиелна дисциплина и правилно фокусирање и трошење на средствата во буџетот, инаку не не би биле во овие параметри во кои денес се наоѓаме, ако сето ова за кое претходно зборувавме не функционира во еден систем“.
Заклучувајќи, премиерот нагласи дека само дисциплинирано и континуирано однесување може да ја промени перцепцијата на јавноста, која „не секогаш располага со точни информации и често носи одлуки врз основа на чувства“. „Ние кои ги имаме информациите, мораме дисциплинарно да се однесуваме за да можеме на долг рок да ја промениме перцепцијата“, дополни тој.


Самитот „Macedonia 2025“ е годишна конференција организирана од невладината и независната организација Macedonia2025, која што собира бизнис лидери, претприемачи, инвеститори и креатори на јавни политики од регионот и светот. Оваа година Самитот се одржува на 12 и 13 мај 2025 во хотел Skopje Marriott, каде што учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на клучни говори, панели за економски развој, дигитална трансформација и иновации, како и на бројни нетворкинг сесии за размена на искуства и воспоставување деловни партнерства. Целта на настанот е да ги мобилизира стручњаците и носителите на одлуки кон зајакнување на економската клима во Македонија и да поттикне долгорочно одржлив развој.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк