Connect with us

Економија

Отворање на рудникот Живојно е добар чекор кон целосна зелена енергија, велат експертите

Published

on

Јагленот од наоѓалиштето Живојно ќе придонесе кон намалување на увозот на јаглен од Грција и Косово и на електрична енергија од странство, намалување на цената на струјата и енергетска независност, согласни се екпертите со плановите на АД ЕСМ да го отвори рудникот Живојно.

Македонскиот енергетски сектор се наоѓа пред значајна пресвртница, растргнат меѓу долгогодишната зависност од фосилни горива и императивот за усогласување со глобалните трендови на одржлива енергетска транзиција, смета професорот Зоран Панов, шеф на Катедрата за површинска експлоатација на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Тој нема дилеми дека покрај јасната стратешка насока кон интензивирање на употребата на обновливи извори на енергија и интеграција со регионалните и европските енергетски пазари, јагленот сè уште има важна улога како стабилен и достапен извор на базна енергија во тековниот период.

Оваа ситуација ќе потрае сè додека не се создаде соодветна инфраструктура која ќе гарантира долгорочна зелена одржливост на енергетскиот систем. АД ЕСМ има дефинирана стратегија за постепено намалување на зависноста од увозен јаглен, кој се покажува како економски неповолен. Оваа цел може да се постигне преку активирање на домашните резерви, чие постоење е потврдено со детални геолошки истражувања. Во овој контекст, рудникот Живојно во моментов се наметнува како најбрзо и најекономично решение за обезбедување стабилно домашно производство на електрична енергија. Поради ова, од исклучителна важност е да се воспостави ефикасен институционален одговор кој ќе ги усогласи краткорочните енергетски приоритети со долгорочните цели за климатска одржливост“, вели Панов.

Според експертите, во моментов, нашата држава сè уште не располага со доволно развиена инфраструктура за производство на базна енергија од обновливи извори. Ова го прави јагленот привремено незаменлив елемент во националниот енергетски баланс.

Затоа, вели Панов, на експлоатацијата на домашниот јаглен од идниот рудник Живојново следните години треба да се гледа како на рационален и одговорен чекор во преодната фаза кон целосна зелена енергија. Овој пристап овозможува постепено намалување на зависноста од увоз и обезбедува енергетска стабилност во периодот додека земјата ги развива своите капацитети за обновливи извори на енергија.

Во АД ЕСМ проектот Живојно беше тема на работната средба помеѓу генералниот директор Лазо Узунчев и градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски. Тие се согласиле дека увозот, односно набавката на јаглен како енергенс за потребите на термоелектраните „Битола“ на краток и на среден рок е неодржливо решение со оглед дека и до 200 камиони дневно натоварени со овој енергенс транзитираат преку патната инфраструктурата на Општина Новаци. Во тој контекст тие споделија став дека најоптимално решение за ослободување од зависноста од увезениот јаглен е искористување на потенцијалите од локалитетот Живојно кој во преодниот период кон енергетска транзиција може да биде клучен за целосна независност на АД ЕСМ во обезбедувањето на погонско гориво за термоблоковите.

Во перспектива, тоа ќе придонесе кон енергетската независност, намалување на цената на електричната енергија, минимизирање на увозот на електрична енергија и зајакнување на финансиската стабилност на АД ЕСМ која ќе обезбеди средства за нови инвестиции во обновливи извори и во паметни еколошки решенија за заштита на животната средина“, подвлекоа од ЕСМ.

Економија

Цените на нафтата пораснаа по договорот помеѓу САД и Кина

Published

on

Цените на нафтата бележат пораст од околу четири проценти во понеделникот, поттикнати од позитивниот развој на трговските преговори меѓу САД и Кина – двете најголеми светски економии и водечки потрошувачи на нафта.

На лондонскиот пазар цената на еден барел сурова нафта се зголеми за 2,43 долари и достигна 66,34 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,51 долари, достигнувајќи цена од 63,53 долари.

Порастот следи по најавата за привремено олеснување на трговските тензии: САД и Кина се согласија на 90-дневен прекин на воведените царини, како резултат на разговорите што се одржаа во Женева за време на викендот. Двете страни најавија намалување на тарифите за повеќе од сто проценти, со што тие ќе се вратат на основната стапка од 10 проценти.

Ова беа првите директни средби на високи економски претставници на двете земји по враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД, кога започна нов бран трговски ограничувања кон повеќе меѓународни партнери.

Инвеститорите се надеваат дека договорот ќе ја зголеми глобалната трговија и, со тоа, побарувачката за нафта. Веќе минатата недела цените на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, откако беше потпишан трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство, што дополнително ги охрабри пазарите.

Претходно, трговската војна меѓу САД и Кина која започна во април ги урна цените на нафтата на најниско ниво во последните четири години. Сепак, последните случувања сигнализираат можен пресврт и стабилизација на глобалниот енергетски пазар.

Continue Reading

Економија

Берзата во рамнотежа: Макпетрол и Адинг добитници на денот  – 12.05.2025

Published

on

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

Динамика на тргување и пазарни движења

Тргувањето на Македонската берза на 12 мај 2025 година се одвиваше во умерен ритам со вкупен промет од 19.841.870 денари. Индексот МБИ10 бележи благ пад од -0,18%, затворајќи на ниво од 10.793,62 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 126,44 поени. Најголем дел од прометот беше сконцентриран кај традиционално ликвидните хартии од вредност.

Најтргувани акции 

1. Алкалоид АД Скопје (ALK) – промет: 6.036.150 денари, последна цена: 27.000 денари, пад од -0,99%

2. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – промет: 5.579.410 денари, последна цена: 28.896 денари, пад од -0,30%

3. Макпетрол АД Скопје (MPT) – промет: 1.788.000 денари, последна цена: 121.000 денари, пораст од +1,46%

Најголеми добитници

1. Адинг АД Скопје (ADING) – пораст од +9,95%, последна цена: 2.200 денари

2. Макпетрол АД Скопје (MPT) – пораст од +1,46%, последна цена: 121.000 денари

3. ОКТА АД Скопје (OKTA) – пораст од +0,65%, последна цена: 4.650 денари

Најголеми губитници

1. Алкалоид АД Скопје (ALK) – пад од -0,99%, последна цена: 27.000 денари

2. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – пад од -0,30%, последна цена: 28.896 денари

3. Стопанска банка АД Скопје (STB) – пад од -0,33%, последна цена: 3.111 денари

Обврзнички пазар

И покрај тоа што беа котирани неколку државни и корпоративни обврзници, не беше евидентирана трговија со обврзници во текот на денот. Индексот ОМБ остана стабилен на ниво од 126,44 поени.

Берзанскиот ден на 12 мај 2025 година беше обележан со внимателно позиционирање на инвеститорите и ниски ценовни промени кај водечките хартии од вредност. Иако индексот МБИ10 благо опадна, тргувањето со акции на Макпетрол и Адинг ја внесе потребната динамика, додека Алкалоид и Комерцијална банка забележаа благо негативни корекции. Пазарот останува во балансирана состојба со умерена ликвидност.

Continue Reading

Економија

Мицкоски: Одговорниот и принципиелниот тим во Министерството за финансии носат резултати

Published

on

Премиерот Христијан Мицкоски на Самитот 2025, во организација на „Македонија 2025“, ја оцени работата на досегашната влада и ги претстави главните предизвици со кои се соочува новиот кабинет. Во своето обраќање, тој нагласи дека за успешна реализација на реформите е потребно суштинско менување на работењето, а не само на јавната перцепција.


Одговарајќи на прашањето што го блокира напредокот, премиерот истакна дека политиката најчесто се темели на впечатоци, а не на суштина. „За жал политиката најмногу се темели на перцепција, многу малку на суштина, иако суштината на долг рок ја гради перцепцијата“, нагласи Мицкоски.
Во продолжение, тој го пофали тимот во Министерството за финансии за воспоставената „принципиелна дисциплина“ и правилно фокусирање на расходите, што, според него, ја доведува државата во сегашните стабилни економски параметри: „Посебно сум инспириран и воодушевен од работата на тимот внатре во рамките на министерството за финансии коешто воспостави принципиелна дисциплина и правилно фокусирање и трошење на средствата во буџетот, инаку не не би биле во овие параметри во кои денес се наоѓаме, ако сето ова за кое претходно зборувавме не функционира во еден систем“.
Заклучувајќи, премиерот нагласи дека само дисциплинирано и континуирано однесување може да ја промени перцепцијата на јавноста, која „не секогаш располага со точни информации и често носи одлуки врз основа на чувства“. „Ние кои ги имаме информациите, мораме дисциплинарно да се однесуваме за да можеме на долг рок да ја промениме перцепцијата“, дополни тој.


Самитот „Macedonia 2025“ е годишна конференција организирана од невладината и независната организација Macedonia2025, која што собира бизнис лидери, претприемачи, инвеститори и креатори на јавни политики од регионот и светот. Оваа година Самитот се одржува на 12 и 13 мај 2025 во хотел Skopje Marriott, каде што учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на клучни говори, панели за економски развој, дигитална трансформација и иновации, како и на бројни нетворкинг сесии за размена на искуства и воспоставување деловни партнерства. Целта на настанот е да ги мобилизира стручњаците и носителите на одлуки кон зајакнување на економската клима во Македонија и да поттикне долгорочно одржлив развој.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк