Археолозите од прилепскиот Завод и музеј открија пет нови камени гробници во карпа, при заштитни истражувања на локалитетот „Крклари“ на познатиот археолошки комплекс Маркови Кули над Прилеп. Станува збор за гробници од хелинистичкиот период, поточно од времето на македонските кралеви Филип V и Персеј, кои датираат од I и II век пред нашата ера.
Според археологот и конзерватор Владимир Крстески, овие гробници се единствени во регионот и сведочат за постоењето на високоразвиено општество со јасна социјална хиерархија.
„Овој тип гробници се специфични и претставуваат единствена појава во Прилепскиот регион. Во гробниците се закопувале видни граѓани и може да бидат голема туристичка атракција“, вели Крстески.
Гробниците имаат препознатливи архитектонски елементи: дромос (пристапен ходник), преткомора и главна комора каде што се положувале посмртните, односно спалените остатоци на покојникот.
„Хронолошки, се датираат во првиот и вториот век од нашата ера, односно во доцно-хелинистичкиот период. Со доистражувањата на овој тип гробници во Пелагонискиот регион ќе се надополнат сознанијата за погребувањето на луѓето од повисокиот општествено-политички статус за време на владеењето на последните македонски кралеви Филип Петти и Персеј. Со тоа ќе станат убава туристичка атракција со понатамошните конзерваторски работи и нивно заштитување и целосен пристап за да може посетителите и туристите да ги посетат и да го видат начинот на погребување од овој тип“, објаснува Крстески.
Иако со децении е познато дека комплексот Маркови Кули крие камени гробници, сѐ уште не е утврден точниот број. Првите истражувања ги спровел археологот Бошко Бабиќ во шеесеттите години. Според досегашните податоци, во Прилепскиот регион се евидентирани 27 гробници, три во битолски Суводол, четири во Гевгелиско-Валандовскиот регион и една кај Кратово, на локалитетот „Дупка“.
Истражувачите имаат индиции дека бројот на гробници е далеку поголем, а некои потекнуваат и од средниот век. Работите ќе продолжат и во наредните години, со цел целосно документирање и заштита на овие значајни археолошки наоѓалишта. Крстески укажува дека целата област е важна историска некропола:
„Специфично е и тоа што се врзуваат и се наоѓаат во близина на античките градови Керамија, кој бил во непосредна близина, односно на Марковите Кули и во близина на античкиот град Колобаиса, односно во Горно село кај Трескавец. Тоа ни докажува дека во тој период овие градови живееле и имале висок политички и економски статус. Овој цел Регион претставува една огромна некропола. Тоа се докажува со нашите истражувања дека се пронајдени уште два гроба од подознежниот период, и тоа од средниот век. Во иднина истражувањата ќе покажат што сѐ околу Марковите Кули се крие“, вели Крстески.
Истражувањата се очекува да продолжат со поддршка од надлежните институции и со зголемен интерес за зачувување на археолошкото наследство во Прилепскиот регион.