(Штип, 15 мај 2025 година) – Складирањето енергија, како една од стратешките компоненти за овозможување робусна иднина за обновливата енергија, беше главната тема на денешната работилница „Напојување на иднината – Складирањето на енергија како столб на транзицијата кон обновлива енергија“, што се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во организација на Фондацијата Акуо.
Конференцијата, која означува нов чекор во проектот на Фондацијата, ги собра на едно место студентите, професорите и експертите за животна средина, кои ја поддржаа долгорочната мисија на Фондацијата Акуо за зајакнување на локалните заедници во штипскиот регион преку едукација и иновации, како и промоција на одржливоста и писменоста за обновлива енергија.
Студентите имаа можност да се запознаат со улогата и важноста на складирањето на енергија во декарбонизираните енергетски системи. Беа презентирани различни технологии како што се литиум-јонските и проточните батерии, како и начините на кои тие поддржуваат поотпорен енергетски систем.
На работилницата акцент беше ставен и на проектот „Стипион Солар“ како студија на случај за да се демонстрира како складирањето на енергија е интегрирано во инфраструктурата за обновлива енергија во реалниот свет.
Анас Будар, раководител на одделот за складирање во Акуо, одржа предавање, нагласувајќи дека една од целите на оваа програма на Фондацијата е да ги подготви студентите од факултетите за земјоделство, машинско инженерство, електротехника и технологија за предизвиците на енергетската транзиција.
„Нашата мисија со оваа работилница беше да го доближиме складирањето на енергија до идните професионалци – студенти. Со споделување на практично
знаење за технологии како што се литиум-јонските и проточните батерии, истражување на флексибилноста на енергетската мрежа и интеграција со сончевата и ветерната енергија, сакаме да ги подготвиме младите луѓе за предизвиците на енергетската транзиција. Ова е дел од нашата поширока посветеност да го поддржиме образовниот столб на иницијативата на Фондацијата Акуо во Штип и да понудиме кариерно водство и професионален увид во оваа динамична и стратешки важна индустрија“, рече Будар.
Настанот заврши со ангажирана дискусија и размена на идеи меѓу учесниците, отворајќи простор за нови перспективи и соработка. Со инвестирање во знаење, практично образование и локален капацитет, Фондацијата Акуо гради мост помеѓу младите генерации, иновациите и иднината на зелената енергија во регионот.
Ова е втората од серијата работилници на Фондацијата Акуо што се одржуваат на „Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип. Првата работилница во март 2025 година „Развој на Штип преку поттикнување на одржлив раст, земјоделство и транзиција кон зелена енергија“ имаше за цел да ја охрабри локалната заедница во процесот на наоѓање решенија за тоа како обновливите извори на енергија можат да станат одржливи економски модели. Настанот се одржа во присуство на владини претставници, бизнис лидери, експерти за животна средина, студенти и претставници од земјоделскиот и енергетскиот сектор.
Со оваа серија работилници, Фондацијата Акуо продолжува да ги поврзува науката, индустријата и заедницата, поставувајќи ги темелите за енергетска иднина што е одржлива, инклузивна и водена од знаење.
За Акуо
Акуо е независна глобална компанија за обновлива енергија. Компанијата го опфаќа целиот процес – од развој и финансирање до изградба и управување со проекти. До крајот на 2024 година, Акуо имаше вкупен капацитет од 1,9 GW во функција или во изградба, како и портфолио на проекти од над 12 GW. Со повеќе од 450 вработени, компанијата, со седиште во Париз, Франција, развива проекти во повеќе од дваесет земји низ целиот свет.
Повеќе информации: www.akuoenergy.com
За Фондацијата Акуо
Фондацијата Акуо е основана во 2011 година како продолжение на напорите на групацијата Акуо. Преку својата експертиза, финансирање и вмрежување, фондацијата поддржува повеќе од 80 социјални и еколошки проекти во Франција и низ целиот свет. Вклученоста и посветеноста на вработените во Акуо, заедничкиот развој на проекти и холистичкиот пристап кон одржливиот развој се основните вредности што ги водат активностите на фондацијата.
Цените на нафтата во понеделникот забележаа нов раст, откако Израел и Иран четврти ден по ред разменуваа ракетни напади и упатуваа закани за нови удари. Ова ја зголеми загриженоста за продолжен конфликт кој би можел да предизвика дополнителна инфлација.
Цените на златото исто така пораснаа, приближувајќи се кон историски рекорди, бидејќи инвеститорите се префрлија кон безбедни вложувања. Од друга страна, пазарите на акции бележаа мешани резултати, поради надежта дека конфликтот нема да се прошири на целиот Блиски исток.
Инвеститорите се подготвуваат и за клучните состаноци на централните банки кои ќе се одржат оваа недела, со особено внимание на американскиот Федерален резервен систем и Банката на Јапонија, како и за преговорите во Вашингтон со цел да се избегнат високи царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Изненадниот израелски напад врз ирански воени и нуклеарни објекти во петокот, при кој беа убиени високи команданти и научници, предизвика скок на цената на нафтата и до 13 отсто во еден момент, поради стравувањата од нарушување на снабдувањето од регионот.
Аналитичарите предупредуваат дека овој нагол пораст на цените би можел да ја поттикне глобалната инфлација, што би било сериозен удар врз долгогодишните напори на владите и централните банки за нејзино ограничување. Ова дополнително ја зголемува загриженоста за влијанието врз веќе кревките економии.
„Ланчаниот ефект од повисоките цени на енергијата е забавување на економскиот раст и зголемување на вкупната инфлација“, изјави Тони Сикамор, пазарен аналитичар во компанијата IG, пренесува France 24.
Тој нагласува дека, иако централните банки би сакале да го игнорираат привремениот скок на цените на енергијата, доколку тие останат високи подолг временски период, тоа може да се прелее во повисока основна инфлација, бидејќи компаниите ќе ги пренесат зголемените трошоци за транспорт и производство врз потрошувачите.
„Тоа дополнително ќе ја отежни можноста на централните банки да ги намалат каматните стапки за да го ублажат очекуваното забавување на растот, предизвикано од царинските мерки на претседателот Трамп, што претставува уште една промена која Федералниот резервен систем ќе мора да ја земе предвид на состанокот оваа недела кога ќе расправа за каматните стапки“, истакна Сикамор.
Се очекува Владата во четврток да го разгледа ребалансот на годинешниот буџет, по што документот ќе оди во собраниска расправа.
Министерката за финансии, Гордана Димитриоска Кочоска, денеска изјави дека ребалансот треба да се разгледува на владина седница најверојатно во четврток. Таа додаде дека клучните економски проекции, како што се бруто домашниот производ (БДП) и инфлацијата, остануваат непроменети.
„Генерално, остануваме на истите бројки што ги имавме од аспект на БДП и инфлација“, истакна Димитриоска Кочоска по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности, што беше организирана од Министерството за финансии и Канцеларијата на ООН во Скопје.
Ново поскапување на горивата: Бензините и дизелот со повисоки цени од 17 јуни
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,63 отсто во однос на последната одлука од 9 јуни 2025 година.
Како што соопштуваат од РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светските берзи во изминатиот период бележат пораст: кај бензините за 4,09%, кај дизелот за 5,63%, кај екстра лесното масло за 5,13%, а кај мазутот за 5,69%. Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,62%, што исто така влијае врз новите пресметки на цените.
Нови цени од 17 јуни, 00:01 часот:
ЕУРОСУПЕР БС-95: 76,00 денари/литар (зголемување од 1,50 ден.)
ЕУРОСУПЕР БС-98: 78,00 денари/литар (зголемување од 1,50 ден.)
ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V): 67,50 денари/литар (зголемување од 1,50 ден.)
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 67,50 денари/литар (намалување од 1,00 ден.)
Мазут М-1 НС: 39,779 денари/килограм (зголемување од 1,293 ден.)
Од Комисијата потенцираат дека објавените се максимални малопродажни цени, а трговците можат да ги формираат и пониски износите, доколку имаат можност и интерес за тоа.
„Цените се утврдени врз основа на методологијата за пресметка и движењата на референтните цени и валутниот курс. Како и досега, трговците имаат слобода да понудат пониски цени за крајните потрошувачи“, велат од РКЕ.