Мало девојче почина од глад и дехидрација во понеделникот во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, објавија палестинските медиуми.
Според новинската агенција ВАФА, која се повикува на здравствени извори, девојчето починало во Детската болница како последица на тешка потхранетост предизвикана од хроничниот недостиг на храна во енклавата, што директно произлегува од континуираната израелска опсада.
Медицинските власти предупредуваат дека илјадници деца во Газа покажуваат симптоми на сериозна потхранетост. Израелската блокада која трае веќе речиси 100 дена ги затвори сите гранични премини и го спречува влезот на основни намирници – храна, вода, лекови и гориво.
„Газа стана територија на смртта“, изјави Басам Закут, директор на медицинската помош во јужниот дел од енклавата, нагласувајќи дека гладта го зафати целото население, пренесува ВАФА.
Според Министерството за здравство во Газа, најмалку 60 деца досега починале од потхранетост предизвикана од израелската блокада.
Израел во меѓувреме објави план за отворање на четири пункта за дистрибуција на хуманитарна помош во јужниот и централниот дел од Газа. Според израелскиот воен радио-сервис, оваа иницијатива има за цел да го поттикне префрлувањето на палестинското население од северниот кон јужниот дел на територијата и на тој начин да го претвори северот во „целосно депопулирана зона“.
Овој механизам беше остро осуден од страна на Обединетите нации и меѓународната заедница, кои го сметаат за обид да се заобиколи официјалниот канал за дистрибуција на помош преку ОН.
Од 2 март, Израел ги држи сите гранични премини затворени, со што ги прекина дотурите на основни животни намирници за 2,4 милиони жители на Газа.
Израелската војска продолжува со жестока офанзива во енклавата, започната во октомври 2023 година, одбивајќи ги повиците за прекин на огнот. Според последните податоци, во нападите се убиени речиси 55.000 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради сомневања за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, поднесена поради злосторства против цивилното население во енклавата.