Русија ова лето подготвува нова голема офанзива во Донбас, со цел целосно заземање на градот Константиновка, стратегиски важна точка во Доњецката област. Според западни и украински извори, оваа офанзива е само прв чекор во поголем план што Кремљ го кова за 2026 година – заземање на целиот источен дел од Украина и изолација на земјата од Црното Море.
Минатиот викенд, руските сили извршија жестоки напади врз Харкив и Херсон, при што беа убиени најмалку пет цивили, а повеќе од дваесет беа ранети. Нападите се сметаат за одмазда по успешната украинска операција „Пајакова мрежа“, при што беа уништени најмалку 10 руски воени авиони, вклучувајќи стратегиски бомбардери и авиони за надзор, како и оштетување на Кримскиот мост.
Градоначалникот на Харкив, Игор Терехов, нападот го опиша како најсилен од почетокот на војната. Во градот одекнале најмалку 40 експлозии за кратко време, додека биле користени 48 дронови „Шахед“, ракети и наведувани бомби. Москва јасно порача: ако Украина напаѓа по Русија, руските сили ќе ги гаѓаат украинските градови секојдневно, дури и далеку од фронтот.
Истовремено, руската пропаганда сѐ поотворено го користи наративот дека мир ќе има само ако Украина се откаже од регионите Донецк, Луганск, Херсон, Запорижја и Крим – барање што претставува отворена уцена и прекршување на меѓународното право.
Дополнителна загриженост предизвикува ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, според New York Times, го смета украинскиот лидер Володимир Зеленски за „опасен“ и е склон да го толерира Владимир Путин. Трамп изјави дека украинските напади врз Русија се само „изговор за Москва“ да започне нови бомбашки напади, игнорирајќи фактот дека Русија веќе претходно лансираше 470 дронови без провокација.
Украинските сили, пак, не седат со скрстени раце. Во изминатите денови, соборија руски борбен авион Су-35, уништија железнички мостови во Брјанск и Курск и изведоа успешен напад врз рафинерија во градот Енгелс, која ја снабдува руската авијација.
Но и покрај овие успеси, украинските воени власти признаваат дека Константиновка би можела да биде следна мета на руските сили. Градот претставува важен железнички и патен јазол, а неговото паѓање би ја загрозило одбраната на Краматорск – еден од последните упоришта на украинската армија во Донбас.
Руската воена логика сѐ повеќе наликува на долгорочна стратегија на целосна окупација на источна Украина. Планот за 2026 година, според украинските извори, вклучува заземање на Николаев и Одеса – што би ја отсекло Украина од морето и би создало нова геополитичка реалност во регионот.