Connect with us

Економија

Премиерот Мицкоски и високи функционери во увид на новиот логистички центар на Лидл

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Регионалниот дистрибутивен центар на Лидл Северна Македонија во Речица, Куманово, кој е во завршна фаза на изградба и се очекува да отпочне со работа во пролет 2026 година.

Инвестицијата е вредна 115 милиони евра, ќе овозможи отворање на 230 нови работни места,  а во изградбата Лидл соработува со над 75 македонски компании.

Покрај премиерот Мицкоски на настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик министерот Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов  и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката со Владата, во кои, како што рече гледаат големи партнери.

„Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна локација, а дополнително ние располагаме со механизми за контрола на квалитет, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска.

Со површина од 170 000 м2 и оперативна површина од 63 000 м2, ова е најголемиот логистички центар во Северна Македонија. Преку иновативната технологија, стандардите на градба, енергетската ефикасност и начин на работа, со логистичкиот центар се поставуваат нови стандарди за логистичка инфраструктура во Северна Македонија.

Лидл е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарзулм, Германија, и е еден од водечките трговци на мало со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12.600 продавници и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382.400 луѓе.

Advertisement

Економија

УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки

Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.

„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.

Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.

Continue Reading

Економија

ВЛЕН: Економскиот раст ја покажува ефективноста на работата на министерот Бесар Дурмиши

ВЛЕН ја поздравува објавената стапка на раст на Бруто домашниот производ од 3,8 проценти во третото тримесечје, соопштена од Државниот завод за статистика, оценувајќи дека овој резултат е јасен показател дека економијата се консолидира и се движи во вистинска насока.

Според партијата, ваквиот раст ја позиционира државата меѓу економиите со солидни перформанси и ги одразува позитивните ефекти од политиките насочени кон економска стабилност, привлекување инвестиции и создавање нови можности за вработување.

ВЛЕН посочува дека постигнатите резултати се тесно поврзани со работата на Министерството за економија и труд под раководство на министерот Бесар Дурмиши, кој од првиот ден се фокусирал на подобрување на условите за бизнис-заедницата и стимулирање на инвестициите. Овие чекори, велат од партијата, веќе даваат резултати преку отворање нови работни места и постепено зајакнување на економијата.

„Растот го покажува променетиот пристап. ВЛЕН ќе осигури оваа промена да продолжи да се продлабочува секој ден“, стои во партиското соопштение.

Continue Reading

Економија

Унгарската МОЛ со амбиции да преземе дел од „Лукоил“

Унгарската енергетска компанија МОЛ изразила интерес за купување на дел од меѓународните средства на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите. Со тоа, МОЛ се приклучува на сè поголемиот круг потенцијални купувачи заинтересирани за имотот на „Лукоил“ во странство.

Санкциите што САД ги воведоа во октомври врз најголемиот приватен руски производител на нафта имаат за цел да извршат притисок врз Москва да ја прекине војната во Украина. Како резултат, „Лукоил“ беше принуден да стави на продажба значаен дел од своите странски операции, а моментално преговара со „Ексон Мобил“, „Шеврон“ и инвеститори од Блискиот Исток. Вашингтон претходно ја одби швајцарската компанија Гунвор како можен купувач.

Странските средства на „Лукоил“ со седиште во Виена опфаќаат рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и широка мрежа бензински пумпи ширум светот. Според еден од изворите на Ројтерс, МОЛ е заинтересирана за европските рафинерии и продажната мрежа на „Лукоил“, како и за удели во капацитетите за производство во Казахстан и Азербејџан.

Американското Министерство за финансии одбило да даде коментар, а МОЛ и Белата куќа не одговориле на новинарските прашања.

Унгарија значително се потпира на руската енергија, а премиерот Виктор Орбан, кој е 15 години на власт, настојува да одржува балансирани односи со Москва и Вашингтон. Ројтерс потсетува дека МОЛ е заинтересирана и за купување на српската рафинерија НИС, која исто така е под американски санкции и се наоѓа под руска контрола.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг