Со вкупен промет од 3,72 милијарди денари што претставува раст од 21,21 отсто, компанијата dm drogerie markt забележа уште една успешна година со што дополнително ја зацврсти позицијата меѓу водечките малопродажни синџири на македонскиот пазар. Вкупните инвестиции во изминатата година изнесуваа 133 милиони денари, што сведочи за континуиран развој на продажната мрежа, воведување нови технолошки решенија и континуирано одржливо работење. dm drogerie markt во нашата земја е присутен во 10 градови, со 24 продажни објекти. На ниво на dm групацијата, компанијата оствари вкупен промет од 19,197 милијарди евра, а бројот на вработени се искачи на повеќе од 93 000.
„Во dm веруваме дека одговорното работење и стабилниот раст се меѓусебно поврзани. Нашиот фокус е на луѓето – нашите купувачи, вработените и партнерите, бидејќи тие се сржта на сè што правиме. Ќе продолжиме да инвестираме во развојот на заедницата и во иновации кои го прават секојдневниот живот поедноставен и поквалитетен“, изјави Весна Стојановиќ, директорка на dm drogerie markt Србија и Северна Македонија.
Уште повеќе за вашите пари – „dm секогаш поволно“
Квалитетните dm марки како и конзистентниот концепт на долгорочно поволни цени се двата столба на кои се темели достапноста на цените во dm. Купувачите имаат на располагање речиси 13 500 производи, меѓу нив и можност да купуваат од 29 висококвалитетни сопствени dm брендови како што се Balea, alverde, dmBio, babylove, Denkmit и други, кои ги карактеризира одличен сооднос на квалитет во однос на цена. Тоа резултира со висока доверба на потрошувачите, кои dm го препознаваат како најсигурен избор за секојдневните пазарувања.
Единствени настани и искуства
И во изминатата деловна година, dm стави посебен нагласок на женското здравје преку различни иницијативи и настани посветени на нега на телото, умот и духот. Во рамките на кампањата #скрозјас, dm и оваа година ги поддржа жените да се прифатат целосно – преку инспиративни приказни, релевантни содржини и настани кои промовираат автентичност и самодоверба.
Со продолжување на вториот циклус на dm поткастот „Женски ритам“, компанијата обезбеди платформа за значајни и отворени разговори за телото, менталното здравје и воспоставување рамнотежа во секојдневниот живот, а трета година по ред продолжи и со одржување на бесплатни дерматолошки прегледи.
Во мај оваа година dm drogerie markt го реализираше најголемиот beauty настан во нашата земја „Find your Beauty“ на кој посетителите преку бројни работилници и активации беа инспирирани да ја негуваат убавината и да ја одржуваат својата самодоверба.
Година со континуирана грижа за локалната заедница
Одржливото работење и придонесот кон унапредување на квалитетот на животот во заедницата останува стратешки приоритет на компанијата. Во текот на деловната 2024/25* година dm инвестираше речиси 7,9 милиони денари во општествено одговорни проекти и донации.
Во текот на деловната година 2024/25* компанијата го започна проектот „Никогаш повеќе сама“, преку кој беа поставени повеќе од 200 диспанзери идонирани над 230 000 Jessa поединечни влошки на сите државни универзитети во РС Македонија, а за истиот најави продолжување и во новата студентска година.
Со завршување на третата сезона од проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“, компанијата заокружи посадување на 100 000 стебла на територијата на нашата земја. Проектот оваа година се збогати со дополнителна активност: конкурс ,,Зелена иднина: од градинка до училиште“, на кој сите државни и општински градинки, основни и средни училишта можат да го пријават својот двор за раззеленување!
Во септември 2024 година, dm drogerie markt во Македонија успешно ја заврши екстерната ревизија и ги исполни сите критериуми за добивање на ISO 50001:2018 сертификат. Овој меѓународен стандард за управување со енергија ја потврдува нашата посветеност кон одржливи практики со цел намалување на негативното влијание врз животната средина и подобрување на енергетската ефикасност и нè мотивира да продолжиме со иновации во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој.
„Одржливото работење за нас не е само цел, туку начин на кој секојдневно донесуваме одлуки – од избор на асортиман до поддршка на заедницата. Веруваме дека развојот има смисла само ако носи добро и за другите, поради што континуирано вложуваме во проекти кои придонесуваат за заштита на животната средина, поздраво општество и еднакви можности за сите. Горди сме што таа одговорност се огледува преку донациите и општествено одговорните иницијативи кои одамна се дел од нашиот идентитет“, изјави Александра Оливера Кориши, директорка на dm drogerie markt за Србија и Северна Македонија.
Работа инспирирана од животот
И во 2025 dm продолжи да ги подобрува условите за работа и да го наградува трудот на своите вработени, па така годината ја започна со зголемување на платата на вработените во просек за 10 отсто. Меѓународната кампања за брендот на работодавачот „Работа инспирирана од животот“, ги истакнува вредностите кои компанијата ги негува – сигурност, доверба, поддршка и силно заедништво кое им овозможува на сите вработени да останат свои, да се развиваат лично и професионално, истовремено одржувајќи здрав баланс помеѓу работата и приватниот живот.
Признание од бизнис заедницата
Благодарение на континуираниот развој, компанијата dm drogerie markt е носител на сертификатот „Бизнис лидер“ за 2024 година во категорија „Трговија на мало со козметички и тоалетни препарати“, што е признание за извонредната работа и силен придонес кон економскиот раст и развој на нашата земја.
Компанијата dm drogerie markt продолжува да го развива работењето со фокус на своите купувачи, иновации и одржлив развој, градејќи долгорочни вредности и доверба на нашиот пазар.
*Податоците се однесуваат за период од 1 октомври 2024 година до 30 септември 2025 година.
Пазарот на недвижности во Македонија расте: Центар и Аеродром предводат според вредност и трансакции
Гаража во скопската општина Аеродром беше продадена за 30.000 евра, додека цените на становите во Охрид во првата половина од 2025 година пораснале за 27 отсто. Овие податоци произлегуваат од Извештајот на Регистарот за цени и закупнини, објавен од Агенцијата за катастар на недвижности, кој ја прикажува динамиката на пазарот на недвижности во земјата.
Во општина Центар е постигната највисока цена за стан — 2.857 евра по квадрат, што за стан од 105 квадратни метри изнесува 300.000 евра. Во истата општина е продадена и најскапата куќа — за 1,15 милиони евра, со 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадратни метри земјиште.
Најскапо продадениот деловен простор, со површина од 3.131 квадратен метар, достигна цена од 6,8 милиони евра, додека индустриски објект во Илинден е продаден за 190,1 милион денари. Гаражата во Аеродром, со површина од 24 квадратни метри, достигна цена од 1,85 милиони денари, или 77.250 денари за квадрат.
Највисок скок на цените на становите е забележан во Охрид (27%), следат Центар и Тетово (по 22%) и Битола (20%), додека најмал раст е во Струмица (2%). Најмногу станови се продадени во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), со највисока вкупна вредност во Центар (1,26 милијарди денари), следен од Аеродром (1,19 милијарди денари) и Карпош (1,06 милијарди денари).
Во првата половина на 2025 година се регистрирани 15.779 трансакции — за 8,9% повеќе од истиот период лани, со вкупен обем од 515,9 милиони евра. Најголем дел од купопродажбите се однесуваат на земјоделско земјиште и шуми (32,8%) и станови (32,5%).
Анализата покажува дека Центар бележи раст на обемот на купопродажби од 32%, додека Аеродром бележи пад од 29%. Во однос на вкупната вредност, Кисела Вода расте за 59%, а Куманово бележи пад од 26%, што укажува на динамичен и различно развиен пазар низ градовите.
Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно со работниците, општините, со заедниците – Божиновска на Националниот настан за Локалните економско-социјални совети
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
„ Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.
Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно.“ истакна Божиновска.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:
„ Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени,“ додаде Божиновска..“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на поддршка на локалните процеси, на развој на зелени работни места, нови индустрии и стабилни услови за економски раст во сите региони
МБИ10 во пад од 0,20% при промет од 11,48 милиони денари
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 10 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,20%, спуштајќи се на 10.219,32 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени. Вкупниот промет изнесуваше 11,48 милиони денари, при што тргувањето беше најактивно кај Комерцијална банка, Алкалоид и Стопанска банка, кои повторно ја предводат пазарната ликвидност.
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 4.343.820 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 1.969.180 денари
● Стопанска банка АД Скопје (STB) – 2.201.730 денари
Топ добитници
● Реплек АД Скопје (RPK) +0,06%
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) +0,07%
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) +0,41%
Топ губитници
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,34%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –2,95%
● Македонски Телеком АД Скопје (TEL) –1,08%
Обврзнички пазар
На обврзничкиот пазар беше реализирана една трансакција со обврзницата за денационализација „Р. Македонија – ДЕН 22“ во вкупен износ од 638.350 денари, по цена од 94 евра, што претставува раст од 1,08%. Сите други обврзници останаа без промени во цените и без реализирани трансакции.
На берзанската сесија од 10 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на банкарскиот и фармацевтскиот сектор. Индексот МБИ10 бележи благ пад од 0,20%, при што Комерцијална банка и Алкалоид повторно беа најликвидни. Падот на Стопанска банка и Македонски Телеком имаше најголем негативен ефект врз индексот. Обврзничкиот пазар остана со ограничена активност и стабилен индекс ОМБ.