Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2026 е порака за раст, инвестиции и стабилност

Предлог-буџетот за 2026 година ја потврдува посветеноста на Владата кон стабилноста, предвидливоста и одговорното управување со јавните финансии. Овој буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по Предлог-буџетот за 2026 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

Министерката истакна дека со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.

“Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции“ кажа министерката и додаде дека со Предлог-буџетот за 2026 година Владата ја задржува конзистентноста во економските политики и континуитетот со Фискалната стратегија 2026–2030 година.

“И она што е најважно за оваа влада е тоа што не зборуваме многу туку испорачуваме. Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното“ посочи Димитриеска Кочоска.

Согласно Предлогот, во 2026 година се очекува економијата да забрза со реален раст на БДП од 3,8%, предводен од домашната побарувачка. Главен двигател ќе бидат бруто инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството.

Приватната потрошувачка, е проектирана со раст од 2,6%, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4% во насока на фискална дисциплина, а инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5%, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари.

Позитивните трендови ќе се одразат и на пазарот на труд – се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5%. Ова ќе биде како резултат на отворање нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што Владата ги спроведува.

„Вкупно гледано, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија“ кажа министерката.

Како што потенцираше министерката со Предлогот особен акцент е ставен на подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, како и навремено и реално планирање на капиталните расходи. Системот на субвенции и социјални трансфери ќе биде редизајниран со построги критериуми за да се обезбеди целисходна распределба, додека фискалната дисциплина, транспарентноста и дигитализацијата на процесите ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни јавни услуги.

„Вкупните приходи на Буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, а приходната страна е внимателно проектирана за да се обезбеди стабилна финансиска рамка во услови на глобална неизвесност. Расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари и се насочени кон обезбедување стабилно функционирање на јавните услуги, модернизација на инфраструктурата, подобрување на условите во здравството, образованието и социјалната заштита, како и континуитет на јавните инвестиции што создаваат долгорочни економски ефект. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5% од планираниот БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година. На тој начин продолжуваме со спроведување строга фискална дисциплина“, кажа министерката и потенцираше дека ревидираните нагорни очекувања за растот на БДП се директна последица на подобрената економска клима, зголемената доверба кај инвеститорите и засилената јавна инвестициона активност.

Согласно Предлогот, расходите за исплатата на плати изнесуваат 52,6 милијарди денари, што е за околу 3 милијарди денари повеќе од 2025 година. Расходите за стоки и услуги се планирани на 27,9 милијарди денари, со минимално намалување од 0,5% во однос на претходната година. За исплата на пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари, вклучувајќи го порастот за 2026 година според законските решенија. Обезбедени се 12 милјарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории. За активни мерки и политики за вработување, кои вклучуваат креирање програми за нови работни места, поддршка за млади, лица со попреченост и корисници на гарантирана минимална помош, се предвидени 2,6 милијарди денари.

“Капиталните инвестиции, во висина од 40,2 милијарди денари, ги опфаќаат клучните проекти во транспортната, енергетската, образовната и здравствената инфраструктура. Фокусот на Владата е да обезбеди забрзано темпо на реализација, со цел модернизација на земјата и подобрување на условите за граѓаните и стопанството“ кажа министерката.

Во делот на задолжувањето, министерката истакна дека во 2026 година се предвидува навремена и целосна отплата на обврските во вредност од 74,8 милијарди денари, при што политика на Министерството останува стабилно управување со јавниот долг и обезбедување соодветна ликвидност во текот на целата година. За финансирање на дефицитот предвидено е задолжување на домашниот и на странските пазари

„Предлог-буџетот за 2026 година е уште еден доказ дека кога нешто ќе ветите мора да испорачате доколку сакате да ве препознаваат како сериозна влада, секако и сериозен партнер на меѓународната заедница. Секој денар од народните пари е планиран со цел да обезбеди максимален ефект за граѓаните и економијата, при строго почитување на буџетските лимити и постепено усогласување со фискалното правило од 3%. Нашата цел е јасна: преку усвоените политики и мерки за фискална консолидација, да го намалиме буџетскиот дефицит, да го контролираме јавниот долг и да обезбедиме долгорочна фискална стабилност, која е темел за економски раст и подобар животен стандард за сите граѓани“, го заврши своето експозе министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на почетокот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет.

Економија

Пазарот на недвижности во Македонија расте: Центар и Аеродром предводат според вредност и трансакции

Гаража во скопската општина Аеродром беше продадена за 30.000 евра, додека цените на становите во Охрид во првата половина од 2025 година пораснале за 27 отсто. Овие податоци произлегуваат од Извештајот на Регистарот за цени и закупнини, објавен од Агенцијата за катастар на недвижности, кој ја прикажува динамиката на пазарот на недвижности во земјата.

Во општина Центар е постигната највисока цена за стан — 2.857 евра по квадрат, што за стан од 105 квадратни метри изнесува 300.000 евра. Во истата општина е продадена и најскапата куќа — за 1,15 милиони евра, со 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадратни метри земјиште.

Најскапо продадениот деловен простор, со површина од 3.131 квадратен метар, достигна цена од 6,8 милиони евра, додека индустриски објект во Илинден е продаден за 190,1 милион денари. Гаражата во Аеродром, со површина од 24 квадратни метри, достигна цена од 1,85 милиони денари, или 77.250 денари за квадрат.

Највисок скок на цените на становите е забележан во Охрид (27%), следат Центар и Тетово (по 22%) и Битола (20%), додека најмал раст е во Струмица (2%). Најмногу станови се продадени во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), со највисока вкупна вредност во Центар (1,26 милијарди денари), следен од Аеродром (1,19 милијарди денари) и Карпош (1,06 милијарди денари).

Во првата половина на 2025 година се регистрирани 15.779 трансакции — за 8,9% повеќе од истиот период лани, со вкупен обем од 515,9 милиони евра. Најголем дел од купопродажбите се однесуваат на земјоделско земјиште и шуми (32,8%) и станови (32,5%).

Анализата покажува дека Центар бележи раст на обемот на купопродажби од 32%, додека Аеродром бележи пад од 29%. Во однос на вкупната вредност, Кисела Вода расте за 59%, а Куманово бележи пад од 26%, што укажува на динамичен и различно развиен пазар низ градовите.

Continue Reading

Економија

Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно со работниците, општините, со заедниците – Божиновска на Националниот настан за Локалните економско-социјални совети

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.

„ Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.

Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.

„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно.“ истакна Божиновска. 

Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:

„ Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени,“ додаде Божиновска..“

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на поддршка на локалните процеси, на развој на зелени работни места, нови индустрии и стабилни услови за економски раст во сите региони

Continue Reading

Економија

МБИ10 во пад од 0,20% при промет од 11,48 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 10 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,20%, спуштајќи се на 10.219,32 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени. Вкупниот промет изнесуваше 11,48 милиони денари, при што тргувањето беше најактивно кај Комерцијална банка, Алкалоид и Стопанска банка, кои повторно ја предводат пазарната ликвидност.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 4.343.820 денари

● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 1.969.180 денари

● Стопанска банка АД Скопје (STB) – 2.201.730 денари

Топ добитници

● Реплек АД Скопје (RPK) +0,06%

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) +0,07%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) +0,41%

Топ губитници

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,34%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –2,95%

● Македонски Телеком АД Скопје (TEL) –1,08%

Обврзнички пазар

На обврзничкиот пазар беше реализирана една трансакција со обврзницата за денационализација „Р. Македонија – ДЕН 22“ во вкупен износ од 638.350 денари, по цена од 94 евра, што претставува раст од 1,08%. Сите други обврзници останаа без промени во цените и без реализирани трансакции.

На берзанската сесија од 10 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на банкарскиот и фармацевтскиот сектор. Индексот МБИ10 бележи благ пад од 0,20%, при што Комерцијална банка и Алкалоид повторно беа најликвидни. Падот на Стопанска банка и Македонски Телеком имаше најголем негативен ефект врз индексот. Обврзничкиот пазар остана со ограничена активност и стабилен индекс ОМБ.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг