На островот Сир Бани Јас, во близина на Абу Даби, археолози открија гипсена плоча стара околу 1.400 години, на која е врежан крст, што укажува на присуство на напредна христијанска заедница во Обединетите Арапски Емирати. Плочата, долга 27 и широка 17 сантиметри, има форма што потсетува на Голгота и е декорирана со лисја, кои покажуваат локални уметнички влијанија.

Раководителката на ископувањата, Марија Газевска, истакна дека деталите на крстот укажуваат дека христијанството не само што постоело, туку и процветало, прилагодувајќи се на локалната средина. Археолошкиот тим забележал и отисок од прст на занаетчијата на заднината на плочата, а предметот веројатно бил поставен на ѕид пред кој верниците се молеле.
Откритието е пронајдено меѓу остатоците од црква и манастир, со резервоари за вода и пространи одаи, што укажува на добро организиран монашки живот. Историчарите претпоставуваат дека таму живееле монаси од Источната црква, која се ширела од Блискиот Исток кон Индија и Кина.
Претседателот на Одделот за култура и туризам на Абу Даби, Мохамед Халифа Ал Мубарак, нагласи дека откритието е „силен доказ за длабоките и трајни вредности на коегзистенција и отвореност на ова место“. Археолозите забележале дека зградите биле уредно напуштени, што покажува мирна хармонија со првите муслимански заедници на Арапскиот Полуостров во 7 век.
Плочата, заедно со керамика, стаклени предмети и мали садови, ќе биде подложена на дополнителни анализи, вклучително радиокарбонско датирање. Наодите се планира да станат дел од културна рута која ќе ја прикаже сложената историја на Емиратите и улогата на Источната црква во поврзувањето на регионот со Индија и Азија.
Ал Мубарак истакна дека ваквите откритија ги приближуваат луѓето до минатото и инспирираат идните генерации да негуваат дух на единство и меѓусебна почит.
